1023 hPa
93 %
6 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 09:35
Конечно и на македонски, по 40 години: „Штефица Цвек во челустите на животот“.
1.
Го убија со тули: со црвени, тули,
под ѕидот, под ѕидот, под ѕидот.
Неговите жолти, коски: испаруваат во, иглите,
а беше питом, питом и, питом.
-Иван Сламниг
Краткиот роман Штефица Цвек во челустите на животот првпат е објавен во 1981 година во Загреб. Тогаш Југославија сè уште беше цела, а нејзиниот распад проследен со војна ќе се случи десет години подоцна. Годинава романот полни четириесет години живот. Главната хероина на романот, Штефица Цвек, има дваесет и пет години. Во моментот на излегување на романот неговата авторка беше само неколку години постара.
Една мошне далечна книжевна вечер (некаде во Полска) ја паметам по прашањето што долета од публиката како случајно истрелан куршум. Млада жена ме праша дали Штефица Цвек во челустите на животот е пародија на Дневникот на Бриџит Џонс. Го избегнав одговорот знаејќи дека моќта на туѓите уверувања често е посилна од фактите. Но, кога сме веќе кај тоа, мојот краток роман излезе на англиски во 1992 година. Романот на англиската авторка Хелен Филдинг се појави во 1996 година, а популарниот филм е снимен во 2001 година според нејзиниот роман. Книгата Дневникот на Бриџит Џонс е продадена во 15 милиони примероци. Во 2017 година „Гардијан“ спроведе анкета меѓу читателите со прашање кои десет книги по нивно мислење најдобро го дефинираат 20 век. Меѓу десетте избрани класици се најдоа две жени: Хелен Филдинг со својот „дневник“ и Ана Франк со својот. Што му кажува фактов на читателот? Сешто и ништо. Таквите анкети вообичаено донесуваат случајни, неочекувани, но и мошне веродостојни податоци за мнозинскиот читател, за колективниот коавтор на книжевното дело, за читателското „гласачко тело“.
Добронамерната читателка од публиката на Штефица Цвек ѝ понуди „чадор“, културен контекст, за мојата хероина – невидлива, осамена и незаштитена во големиот книжевен свет – да не накисне. Не ме загрижува брзоплето понудениот „чадор“. Она што ме загрижува е фактот дека сè повеќе сме нурнати во „екстремната сегашност“; дека она што се случило пред две години за повеќето луѓе е далечно минато. Денешните општи културни референции, кои сите би требало да ги владееме, се болно млади. Сè почесто ми се случува културните референции што ги владеам и кои ми значат нешто, мојата околина да не е во состојба да ги препознае, како јас и мојата околина да живееме во паралелни светови. Ако ги прелистам библиографиите на современите книжевно-научни студии ќе видам дека книгите на кои се повикуваат авторите на студиите вообичаено не се постари од две години (и повеќето од нив спаѓаат во англо-американското книжевно поле). Се чини дека има сè помалку критики и сериозни критичарски интерпретации на книжевни текстови. За тоа дали книгите ќе бидат сакани или омразени одлучува мнозинскиот Читател, односно моќниот пазар.
„Јас не можам да се идентификувам со таа ваша Штефица Цвек“, ми рече одамна една загрепчанка. „Зошто?“, прашав. „Зашто немам проблем со вишок килограми!“, пресече таа.
„Ни јас не можам да се идентификувам со Расколников“, реков. „Зошто?“, праша таа. „Зашто не можам да замислам да одам наоколу и да убивам стари баби“, реков. Овој дел од конверзацијата со Расколников го измислив. Првиот дел не.
2.
За момент да се вратиме четириесетина години наназад. Мојата Штефица Цвек израсна од културниот контекст (навистина, секој е специфичен!). Тоа беше време на репресија, но не „комунистичка“ (на што по распадот на Југославија се повикуваа многу книжевници и уметници на кои комунизмот им послужи како оправдување за сопствениот неуспех), туку време на репресивен машки книжевен канон, кој и денес е еднакво цврст и стамен. Признавам, во тоа време не бев свесна за тоа или не се грижев за тоа, но некаде, во некој агол од мојот мозок, сепак трепереше праведнички сигнал. Тој слаб сигнал беше зачеток на мојата свест за невидливоста на жените, за нивната маргинална положба. Навистина, можев како спасителка да се повикувам на хрватската женска книжевна тројка: Ивана Брлиќ-Мажураниќ (која заглави во нишата на детската книжевност и остана таму сè додека не се уби), Марија Јуриќ-Загорка (нишата на тривијалната книжевност и патриотското хрватско новинарство) и Весна Парун (која целиот свој поетски живот скудно го преживеа на таванот на неприспособените „лудачки“), но ја избегнував таа опција заради мрачните судбини на хрватските писателки. Југословенската канонска проза која тогаш ја произведуваа значајни книжевници (а која подоцна ќе се покаже како идеолошки расадник на национализмот и придружната мизогинија) беше „тешка“, „помпезна“ и патронизирачка. Осумдесеттите години од минатиот век на југословенската книжевна сцена донесоа значајни поместувања: младешка, „дрчна“, „фраерска“ книжевност со млад (машки!) наратор од типот на Холден Колфилд, увоз на странски книжевни влијанија, први преводи на феминистички текстови, откривање на „женското писмо“, интерес за женските студии, бујно издавање на преводна книжевност, силен интерес за новите трендови во книжевната теорија и критика и нагло разбуден апетит за популарната култура. Штефица го земаше сето тоа предвид, но ништо од сето тоа не ја привлече особено.
3.
Признавам дека Штефица Цвек голем дел од своето постоење им го должи и на моите придружни книжевно-теоретски интереси за феномените на кичот и популарната култура. Тоа беше време кога таканаречената висока книжевност сè уште цврсто седеше на својот трон. Можеби затоа, заради незагрозеното место, високата книжевност покажуваше љубопитност и отвореност кон сублитерарните жанрови. Границата меѓу нив сепак остана: „високата“ книжевност сметаше на своето место во националниот канон, а „ниската“ на читателите.
Освен многубројните обиди за дефинирање на „женското писмо“, вниманието на феминистички ориентираните книжевни теории во тоа време го преокупираа популарните „љубовни романчиња“ (romances, herc-романи), како и обилната продукција на весници, списанија и магазини наменети исклучиво за женската публика. Таков „женски печат“ постои и денес и се занимава со истите теми: „кујна“, рецепти, домашни совети, модни совети, етаблирање на женски примери на убавина, памет, успех, деловност и слично.
Во женската „сериозна“ книжевност се појавија нови трендови, како „женското писмо“, книжевни освежувања, ревизии и обиди за етаблирање на „женскиот“ наратив. Култна книжевна фигура во тоа време беше Силвија Плат и нејзиниот роман Стаклено ѕвоно. И додека современата продукција на женската книжевност го перпетуираше наследениот модел на жената-жртва и го фокусираше книжевно-теоретското внимание на женското тело (телото како жртва на машкото насилство, болест, адолесценција, зрела доба, стареење, раѓање, сексуалност и слично), популарната култура (стрипот, филмот, телевизиските серии, научната фантастика) се фокусираше на креирање забавни и еманципациски женски ликови (жени-одмазднички, жени-победнички, жени-воини). Во еманципациската книжевност од тоа време спаѓа и неизбежната Ерика Јонг и нејзиниот роман Страв од летање.
Штефица Цвек не израсна само од мојот интерес за механизмите на популарната култура туку и од моето сопствено поле на книжевни и филмски референции. Отсекогаш чувствував силна книжевна (и човечка) приврзаност кон таканаречените мали јунаци, антијунаци, отпадници, Акакии Акакиевичи, „бедни луѓе“, губитници, „Чарли Чаплини“, Гогољи, Чехови и Бабељи кои ги плаши конфронтацијата со бруталностите од секојдневниот живот, сонувачи, Валтери Митиевци (Џејмс Турбер, Тајниот живот на Валтер Мити). Му се поклонував на кралот на книжевната емпатија Бохумил Храбал и неговите книжевни јунаци. Потајно мечтаев дека на некое книжевно небо Штефица Цвек ќе го најде своето момче и дека тоа ќе биде Милош Хрма, (анти)јунак на Храбаловите Строго контролирани возови.
На ова топло, емоционално поле со културни референции го присоединувам и својот книжевно-теоретски потпирач, рускиот формализам. Во таа смисла Штефица Цвек во челустите на животот имаше повеќе врска со руските формалисти (Виктор Шкловски, Борис Ејхенбаум), со концептуализмот, со тогаш новата теорија за рецепцијата – отколку со феминизмот и популарната култура. Техниката шиење не е избрана само зашто барав техника соодветна за „женскиот“ наратив. Пачворк-техниката ги вклучува поимот и практиката на рециклажа. Во Америка, во времето на Големата депресија, домашната изработка на покривки од остатоци од стара облека стана нужност. Рециклажата во современиот книжевно-теоретски дискурс би можела да се преведе како интерсексуалност. Пачворк-техниката исто така подразбира и „колективно творештво“. Имено, вообичаено, жените групно ги изработувале пачворк-покривките, што преведено на денешната дигитална терминологија значи интерактивно. Штефица Цвек е напишана на машина за пишување, зашто компјутерите тогаш не беа во широка употреба. На маргините на романот читателите ќе ги забележат графичките ознаки што ги повикуваат да бидат коавтори на романот, да вметнуваат свои креативни интервенции во текстот на романот. Сето тоа е антиципација на она што ќе дојде допрва, доба на нови хиероглифи, емоџи, како и доба на дигитална книжевност (fan fiction, reality fiction).
Штефица Цвек им должи малку и на филмовите чија атмосфера восхитено ја впивав, филмовите на италијанскиот неореализам, особено Ноќите на Кабирија (1957) на Фелини со незаборавната Џулиета Мазина во главната улога. Тука е и филмот Никогаш во недела (1960) со главната хероина, пирејската проститутка Илја, која ја глуми божествената Мелина Меркури.
4.
Во период од речиси четириесет години сешто се случуваше во нашиот живот (мојот и на Штефица). Бурните животни промени се поврзани со „домашниот“, најпрвин југословенски, а по распадот на Југославија, со хрватскиот книжевен контекст. Нашиот живот надвор од локалните книжевни граници беше неспоредливо помирен и поскладен. Штефица живееше во преводите на странски јазици, а јас, напуштајќи ја Хрватска, најпрвин како чевли ги менував земјите и градовите, за да се скрасам најпосле во Амстердам.
Во „домашниот“ книжевен контекст понекогаш насилно нè раздвојуваа, понекогаш нè славеа, често нè навредуваа, нè исфрлаа од домашната книжевност, насилно нè враќаа во домашната книжевност, па повторно нè исфрлаа... Штефица Цвек се појави на филмскиот екран (1984) и накратко стана славна. Поточно, многу пославни од Штефица беа нејзините момчиња кои ветуваа многу, а исполнуваа малку, што видно ја развеселуваше машката и женската филмска публика.
Штефица и јас споделувавме заедничка судбина и по распадот на Југославија, кога единствена визура, па така и онаа книжевната, беше етничката припадност или „крвната група“. Моите хрватски книжевни критичари и колеги писатели ќе одлучуваат дали Штефица ќе ја сместат во хрватскиот книжевен корпус или ќе му ја препуштат на српскиот или можеби босанскиот (зашто тетката на Штефица доаѓа од Босанска Крупа) или можеби на македонскиот (зашто Ленче од Струмица зборува македонски без превод на хрватски) и ќе ја (зло)употребуваат мојата хероина како идеолошко оружје. Така, некои колеги ќе речат дека со афирмацијата на тривијалните теми сум ги покривала „ужасите на југословенскиот комунизам“, додека тие, ставајќи ги своите глави на трупец, храбро ги откривале (!). Некои ќе ја (зло)употребуваат Штефица за вредносно да ги дискриминираат моите идни книги што следуваа по Штефица Цвек во челустите на животот. Тие ќе речат дека би било подобро ако сум се задржела кај книжевното „шиење и штрикање“, зашто, наводно, не сум била во состојба да ги разберам хрватските витални теми во кои како писателка сум се впуштила толку непромислено. Во еден момент (веднаш по осамостојувањето на Хрватска) се покажа дека ниту Штефица ниту јас не сме компатибилни со хрватскиот историски момент, па нè исфрлија од библиотеките. Тоа се случи во времето на срамниот хрватски книгоцид на почетокот од деведесеттите. Ете, Штефица Цвек и јас се најдовме на ѓубриште!
Освен колегите, работата за книжевно бришење (delete!) ја преземаа невидливи цензори: католичката црква, училиштата, креаторите на училишните програми од книжевноста, pro-life организациите, едукаторите во средните училишта и на хуманистичките факултети, чиновниците од Министерството за култура и другите важни институции, библиотекарите, книжарите и многу анонимни други. Така, Штефица Цвек и јас на локалната книжевна сцена останавме заглавени, полузаборавени, на границата меѓу жанровите, на границата меѓу поранешните југословенски национални книжевности, на границата меѓу различните времиња, она поранешното во кое сме родени и она во кое се најдовме, токму како некакви несреќни книжевни мигранти кои никој не ги сака на своја територија. Зашто, меѓу другото, бевме и книжевен производ Made in Yugoslavia, што значи „културен производ“ на државна констелација што постоеше и веќе не постои. А сепак, не може да се каже дека на локалната сцена сме баш сосема заборавени. Понекогаш на Штефица Цвек ќе се сетат младите, неталентирани хрватски режисери кои, не прашувајќи за авторските права, ја изведуваат Штефица на импровизирани провинциски сцени, за ситни пари и насмевка на публиката поттикната од машките ликови кои многу ветуваат и малку исполнуваат.
5.
И ете нè, Штефица и јас ќе прославиме четириесет години заедништво. Којзнае, можеби ширејќи ги моите постмодернистички перја ѝ го упропастив животот. Меѓутоа, таа покажа зачудувачка виталност. Штефица ги собра симпатиите, а не јас; читателите ја сакаа неа, а не мене.
Пријателите срдечно ме предупредуваа дека на Штефица ѝ должам нова приказна со која ќе ја ослободам од стереотипите на кои самата ја осудив. Ме наговараа да напишам еманципирачко и оснажувачко продолжение, едно, две или три, колку и да треба. Не се ни обидов. Зашто во меѓувреме се промени прозниот јазик, се променија читателките, се промени полето на културните референции, влеговме во дигитална доба. Веќе не постојат граници меѓу високата и ниската книжевност. Chick-lit-от е на својот врв, младите хероини и нивните млади авторки постигнуваат успеси на пазарот и освојуваат сериозни книжевни награди. И покрај тоа, во општото лудило за подмладување, авторките на средни години не се воздржуваат од книжевно-козметички интервенции. Ако ништо друго, во современата книжевност што ја потпишуваат авторките има многу повеќе секс од кога било претходно и многу повеќе одошто Штефица и нејзините „инфлуенсерки“, Анушка, Маријана и Ела беа во состојба да замислат.
6.
Меѓу другото, Штефица Цвек израсна од мојата восхитеност од бајките, кои со векови ги допишувале, збогатувале и пренесувале по устен пат анонимни народни раскажувачи. На почетокот не било важно авторството, туку текстот. Усното раскажување било „бескорисна“ вештина. Бајката, заедно со митовите, легендите и преданијата е вградена во темелите на секоја цивилизација. Структурата на бајките е цивилизациски мим, таа е чип вграден во нашето колективно паметење. Не знам ниедна бајка што не би имала среќен крај, како што не знам ниедно „љубовно романче“ што не ја следи структурата на бајките. А сепак, тоа што книжевните хероини и јунаци ги прави тоа што се не е само жанровската структура, ниту задолжителниот хепиенд што во нашите мозоци го крева нивото на допамин. Сите нив јунаци ги прави нивната невина вера во хепиенд. Нашиот мозок заборави да ги разликува вкусовите и мирисите и реагира речиси механички на жанровската структура. Затоа на иста полица често се наоѓаат автентични и неавтентични производи што нашиот мозок не е во состојба да ги разликува. Пирејската проститутка Илја не е хероина зашто поседува дарба за прераскажување на грчки трагедии, ниту зашто секој трагичен крај го прекројува во хепиенд, па на крајот сите ликови заминуваат на некоја грчка сончева плажа (They all go to the seaside!).
Илја е хероина заради својата невина вера во среќен крај, во тоа дека секој од нас ја заслужува својата порција среќа. Дали Штефица Цвек е хероина? Не знам. Можам само да го посакувам тоа. Се надевам дека Штефица со својата цврста вера во заслужената порција среќа ме порази како што Илја го порази својот Хомер Трејс. Ако не се случило тоа, вината е моја, потфрлив во својата работа, ја упропастив свилата, чистата свила, жалам... Ми преостанува уште да ѝ го честитам роденденот на својата хероина, четириесет години од нејзиниот разнишан книжевен живот. Не ме оправдува фактот дека ни мојот не беше подобар.
(септември 2021)
Слики: Lisa Adams
Превод: Алек Кузмановски
Извор: Дубравка Угрешиќ - Штефица Цвек во челустите на животот (Скопје, 2022)