Велика Британија: Нов крал ќе биде Чарлс III

08.09.2022 23:29
Велика Британија: Нов крал ќе биде Чарлс III

Почина кралицата Елизабета II, соопшти Бакингeмската палата денес околу 19:30 часот. Кралицата умрела денес после пладне, мирно, во својот замок Балморал во Шкотска, јави нејзиното семејство.

Чарлс, принцот од Велс, бил со неа уште од претходниот ден, заедно со неговата сопруга Камила и принцезата Ана. Во текот на денот во Шкотска дошле и останатите членови на најтесното кралско семејство.

Дека здравјето на Кралицата Елизабета не е стабилно се насетувало уште во вторникот кога премиерката на Британија, Лиз Трас, ја примила кралицата во замокот во Шкотска, а не како што е обичај во Бакингемската палата. Уште тогаш било кажано дека Кралицата тешко се движи, а следниот ден таа го одложила состанокот со своите советници од Државниот совет на Велика Британија, откако докторите ја посоветувале да се одмори.

После 70 години владеење на Кралицата Елизабета, престолот ќе го преземе принцот Чарлс, кој во британската историја влегува како престолонаследник кој најдолго чекал на круната.

Во Британија знамињата се спуштени на пола копје и ќе биде прогласена десетдневна жалост. Планот кој предвидува што треба да се случи во случај на смрт на Кралицата се нарекува “Операција Лондонски мост“ и се однесува на првите десет дена по нејзината смрт.
Според тој план, на денот по нејзината смрт ќе заседава Собрание кое ги вклучува високите владини претставници кои ќе го прогласат синот на кралицата Чарлс за нејзин наследник. На Собранието ќе присуствуваат сите високи државни службеници, вклучувајќи ја и премиерката која потоа ќе направи и прием за новиот крал.

***

Кралицата Елизабета станала кралица на 25 години, откако нејзиниот татко кралот Џорџ VI, умрел на 6 февруари 1952 година и останува на власт 70 години и 127 дена.

Во својата јубилејна порака кралицата ќе напише: “И понатаму сум инспирирана од добрата волја која ја добивам и се надевам дека наредните денови ќе ни се пружи прилика да размислиме за она што е постигнато во текот на последните 70 години, додека гледаме во иднината сo доверба и ентузијазам.”

На 9 септември 2015. Елизабета станува британски монарх кој најдолго владеел и женски монарх кој најдолго владеел, со што ја престигнала и кралицата Викторија. Таа е втор монарх на светот со најдолг стаж, после францускиот крал Луј XIV.

Елизабета II беше кралица на 15 кралски земји на Комонвелтот и врховен поглавар на Англиската Црква.


Извор: EuroNews

 

ОкоБоли главаВицФото