Зли духови

09.09.2022 01:31
Зли духови

 

Две сцени од Русија на Путин

Кога денес, шест месеци од почетокот на руската агресија во Украина, се реконструира патот на еден социјален активист од 2019 година, се добива слика на драматична борба на еден човек против целиот систем кој во тој период влегуваше во последната фаза од подготовките за војна. Таа година целата приказна имаше призвук на нешто опскурно и шарлатанско, особено во сегментот на идеолошкото испреплетување на борбата за човекови права, екологијата, шаманизмот, мистицизмот и сибирските ритуални практики. Навистина, она што тогаш го зборуваше човекот со име Александар Прокопиевич Габишев (Александр Прокoпьевич Гaбышев), кој се претставуваше како „шаман и воин“, од Јакутск, звучеше како рефлексија од страниците на Трето око, зашто канцеларката Меркел во тој период сè уште вешто го балансираше односот со Владимир Путин, држејќи ја Европа на работ на посткримската катастрофа. Затоа зборовите на Габишев за походот кој имаше намера да го изведе делуваа како дел од циркуска претстава или некој нео-ноар трилер во манир на Сергеј Балабанов.

Имено, во март 2019 година, Габишев од Јакутск објави дека тргнува на својот политичко-шамански марш до Кремљ (повеќе од 8 000 километри), каде имаше намера да изведе ритуал на егзорцизам. Секако, сето ова не би отскокнувало многу од секојдневните руски приказни, чии актери се православни свештеници и мистици, ако не се работеше за политички активизам со мошне јасно значење и цел. Александар Габишев го изнесе своето политичко кредо, повикувајќи се на степенот на колапс на демократијата во Русија, која би требало повторно да се врати во рамнотежа. „Демократијата мора да биде без страв“, изјави Габишев, „а луѓето денес во Русија се плашат да зборуваат, се плашат дека ќе добијат отказ и дека ќе останат без плата. Моќта на власта сега е неограничена и демонска. Неопходно е да се воспостави рамнотежа помеѓу државната моќ и народот“. Ова беше повик за спроведување демократски реформи и развластување на владејачката олигархија на чело со Путин, со тоа што крајната цел на Габишев беше сосема надреална. Впрочем, неговата демократска акција комбинираше практики на агитирање, критика, мобилизација на јавноста и радикален мистицизам, зашто тој со своите следбеници по целогодишниот марш планираше да стигне под ѕидините на Кремљ, да запали оган, да го разгори со млеко од кобила и коњско влакно за потоа, со ритмично тропање на барабан, да започне ритуал за истерување на ѓаволот од Владимир Владимирович Путин. Егзорцизмот како крајна цел на Габишев најпрвин беше предмет на потсмев, зашто неговите зборови звучеа како реплика од некој стрип: „Путин е демон. Тој е во конфликт со природата. Таму каде што ќе се појави - доаѓа до големи катастрофи“. Сепак, новинарите од Би Би Си снимија краток документарец за тргнувањето на Габишев во поход на Кремљ. Во филмот тој влече импровизирана двоколка со шамански багаж и зборува за оваа цел. Патот е долг, а пречки има многу.

Александар Прокопиевич Габишев

Фактот дека во тоа време дел од опозициските медиуми почнаа да го следат Габишев, беше сигнал за Путин дека повеќе не се работи само за шамански циркус, туку за грутка која почна да се тркала од источен Сибир право кон него. Политичкиот марш на Кремљ сигурно не му одговараше и беше прашање колку километри ќе биде долго неговото трпение. Исто така, се поставуваше прашањето како да се ослободи од шаманот и триесетината негови следбеници, кои му се придружија на ова патување. Затоа ги стави под надзор на федералната полиција (ФСБ).

Хрониката на шаманскиот пат е обележана со разни пречки кои се инструирани од самиот Кремљ. После митингот кој го одржа Габишев во Чита под слоганот „Русија без Путин“, Кремљ ја започна својата кампања преку своите полуги: полицијата, црквата и психијатријата. Најпрвин претставниците на тамошната епархија излегоа со сомнеж во менталното здравје на Александар Прокопиевич. Но како што неговиот поход стануваше сè повирален, беше неопходно да се зајакне репресијата. Меѓутоа, она што се случува околу Габишев, кој поминува низ Републиката Бурјатија, напредувајќи кон нејзиниот главен град, почнува да личи на раѓање на антипутиновска легенда. Според пишувањето на тамошните медиуми, Габишев во Улан Уде лекува една граѓанка од хронична главоболка. Сцената е речиси новозаветна. Габишев со дланките ја опфаќа главата на жената и вели: „Отсега веќе нема да имаш главоболки, оди и живеј во мир“. Овој чин очигледно влијае на путиновата главоболка заради што тој ѝ дава сигнал на полицијата за акција, што доведува до конфликт со шаманот и неговите следбеници. Но неговото патување продолжува, дури и по активирањето на путиновското здружение на шаманите во Бурјатија, кое бара екскомуникација на Габишев од шаманската заедница зашто неговата прокламирана цел „истерување на ѓаволот од Владимир Владимирович“ не е во согласност со нивното мирољубиво делување. Габишев оди понатаму, но веќе на 19 септември, на границата со областа Иркутск, откако помина 3 000 километри, е уапсен а неговите следбеници ставени под надзор на полицијата. Од тој момент, почнува повеќегодишното малтретирање на шаманот од Јакутск, најпрвин хоспитализација на психијатрија, потоа ослободување, по што тој повторно одлучува да тргне на пат за Москва, но тоа завршува со апсење и трајна психијатриска хоспитализација. Тој беше уапсен откако полицијата на Путин го стави на потерница, обвинувајќи го според Кривичниот закон на Руската Федерација за „јавни повици на екстремистички активности“.

Две години подоцна целиот свет го гледа она на што предупредуваше социјалниот активист од Јакутск и сите се прашуваат како да го запрат лудилото на владејачот од Кремљ. За тоа време, војната во Украина не престанува, се нижат сцени со екстремно насилство над цивили и градови. Стравот расте, а моќта на суверенот од Кремљ станува неограничена. Толку голема што кај поданиците предизвикува разни видови екстремно изразување лојалност. Најпрвин со прекривање на терасите со руското знаме, за потоа да изникне мистичната буква „З“, симбол на неограничено насилство и катастрофа каде и да се појави војската на Путин. Оваа буква ја прифаќаат многу граѓани во Русија, ја лепат на стаклата на автомобилите, ја пишуваат по ѕидови. Потсетува на белег од шепа на руска мечка која поминала во поход по плен. Најновиот стадиум на путиновското лудило дојде преку Твитер, каде беше објавена снимка со младо руско момче кое доброволно се жигосува со путиновата буква на левата страна на градите, блиску до срцето. Видеото е кратко и морничаво. Младиот човек гол до појас седи со прекрстени нозе додека некој, чие лице не го гледаме, ја загрева машата со симболот „З“ на пламеникот. Музиката е френетична: „Утре ќе биде подобро, но утре нема да биде подобро!“ Тогаш му приоѓа на момчето и го втиснува жигот на Путин на неговите гради. За момент ја губи свеста од болка, но брзо се освестува и скокнува извикувајќи: „За татковината! За мајката! За таткото! За советите!“

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://pescanik.net/

ОкоБоли главаВицФото