Промоција на романот „Естом“ на Николина Андова Шопова

09.09.2022 13:02
Промоција на романот „Естом“ од Николина Андова Шопова

Во рамки на фестивалот АртАреа вечерва (9 септември) од 19 ч. ќе се одржи промоција на романот „Естом“ од Николина Андова Шопова.

Овој роман е објавен во едицијата ПРОаЗА на издавачката куќа Или-Или од Скопје и е втор роман на Шопова. За првиот нејзин роман, „Некој бил тука,“ Шопова ја добива наградата „Роман на годината, 2018“. на Фондацијата Славко Јаневски.

“Романот „Естом“ е книга во која Николина Андова Шопова продолжува да истражува некои од темите кои се карактеристични за нејзиното творештво: необичните човекови судбини, судбините на чудаци кои се разликуваат од околината во која живеат, верувањето во ирационалното и неискажливото како важен елемент на човековиот живот, чувството дека човековиот живот се состои од мигови кои не можат целосно и до крај да се објаснат. Таков „чудак“ кој живее според сопствени правила е и главниот лик во романот „Естом“ – пантомимичарот Олег. Врвен во она што го прави, целосно посветен на својата уметност и умешност, Олег наликува на оние уметници кај кои нивниот уметнички сензибилитет целосно се поклопува со нивниот живот и судбина.  Живеејќи според поетиката на отсуството, на невидливото, на силината на световите што самиот ги создава, а се помоќни од каква било „реалност“, тој успева својот живот целосно да го поистовети со својата уметност.” - ќе напише во освртот кон романот „Естом“ Владимир Јанковски кој воедно ќе промотор на романот на фестивалот АртАреа.

Николина Андова Шопова (1978) има дипломирано на Катедрата за македонска и јужнословенска книжевност на филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.

Нејзината прва поетска книга „Влезот е од другата страна,“ во издание на издавачката куќа Темплум, е добитник на наградата „Мостови на Струга“ за најдобра дебитантска книга што ја доделуваат фестивалот „Струшки вечери на поезијата“ и УНЕСКО.

Во 2014 година ја издава втората поетска збирка „Поврзи ги точките,“ повторно во издание на Темплум.

Нејзините песни се преведени на повеќе светски јазици и е застапена  во повеќе антологии на македонската поезија.
Во 2018 година го издава романот „Некој бил тука“ за кој ја добива наградата „Роман на годината“

Шопова пишува и раскази, а авторка е и на книгите за деца „Волшебната комета“ и „Кртот Ѕвездан“.

ОкоБоли главаВицФото