Поети шпиони

09.09.2022 16:12
Поети шпиони

 

Тајниот книжевен клуб на Штази

При кулминацијата од напнатата втора фаза од Студената војна, група старешини на Штази, офицери за пропаганда и граничари, се состанувале во добро утврден комплекс во социјалистички Источен Берлин. Од пролетта 1982 до зимата 1989 година се собирале еднаш во четири недели од 4 до 6 часот попладне во домот на културата во просториите на гардискиот полк „Феликс Џержински“ (парамилитарно крило на Штази), во градскиот округ Адлершоф. Им била доделена соба на првиот спрат украсена со портрети од источногерманскиот претседател Ерих Хонекер и Владимир Илич Ленин. Преку ноќ вратата од просторијата се затворала со безбедносен печат.

Но штазиевците не се собирале за да замислуваат сценарија за нуклеарна војна, да планираат кампањи за дезинформирање или да ускладуваат техники за инфилтрација. Целта им била да го научат јампскиот пентаметар, обрасците на вкрстената рима и петраркискиот сонет. За седум години, групата која во интерната комуникација се споменувала со името Работен кружок на книжевни чекисти објавила две антологии од својата поезија. Една набавив пред да се доселам во Берлин 2016 година. Книшката со мек повез со наслов Wir Über Uns (Ние за себеси) испишан со калиграфски букви личеше на предмет од скеч од Монти Пајтон или филмот Животот на другите. Како се случи тајната полиција, синоним за сузбивање на слободното мислење, да се занимава со пишување поезија? Следните месеци се обидов да ги најдам членовите на овој клуб и да дознаам нешто повеќе за тоа.

Првиот книжевен чекист кој ми одговори беше Јирген Полинске, поранешен граничар кој сега беше архивар на хамболтовиот универзитет во Берлин. Со задоволство ќе се сретне со мене, ми пиша во мејлот, а „од вашите прашања зависи колку време ќе ни биде потребно“. Се најдовме во кафеана под железничките сводови во центарот на Берлин, недалеку од станицата Фридрихштрасе, линија на некогашната железна завеса.

Што сакаше да постигне Штази со програмата за поезија, го прашав Полинске преку порцијата со кари колбаси и салата со компир. Дали идејата беше на водачите на источногерманската работничка класа да им се помогне подобро да го сфатат декадентниот буржоаски ум? Полинске одмавна со главата: „Имав уметнички амбиции и верував дека нешто ќе научам од вистинските поети кои ја водеа работилницата“. Неговите песни биле технички успешни, но понекогаш на граница на чудното и не добивале пофалби секогаш. Многу млади војници кои доаѓале во Работниот кружок на книжевните чекисти ја напуштале групата со солзи во очите кога ќе им се кажело дека нивниот труд е безвреден. По неколку месеци и Полинске престанал да оди на состаноците.

Ако навистина сакам да разберам зошто Штази го основала кружокот и како имала намера да го употреби, ми рече Полинске, би требало да го најдам Уве Бергер, поранешен уметнички раководител на клубот, слаб човек со дебели очила. Тој тврдел дека поезијата предизвикува емоции и ја поттикнува гладта за победа во класната борба. Пред да се разделиме со Полинске, ми рече: „Прашалниот знак на крајот од песната вреди стопати повеќе од точката. Го разбрав тоа по долго размислување. Но тогаш не ми беше јасно“.

***

Теоретски, нема ништо необично во тоа што источногерманското политбиро ја прогласи најнедофатливата од сите книжевни дисциплини, која Едмунд Берк еднаш ја нарече „уметност на отелотворувањето на сенките и материјализирање на ништото“, за работа од државно значење. Во седумдесеттите години од минатиот век источногерманската влада предупредуваше дека релативно малиот број читатели на schöne literatur, или белетристиката, е „суштински проблем“ за оваа социјалистичка земја. Фактот дека само 35 проценти од возрасните во земјата ги читаат Гете и Пушкин се сметаше за незадоволувачки: таа бројка мораше да се зголеми на 90 проценти, по можност за 5 години.

Со декретот од 1973 година е пропишано дека секоја источногерманска фабрика мора да има библиотека од 500 до 1 000 книги и да вработи библиотекар. Во поголемите фабрики се потребни поголеми библиотеки: претпријатие со 500-1 000 вработени треба да има од 18 до 30 000 книги во својата библиотека. Кога станува збор за бројот на објавени книги, државна цел беше годишно зголемување на продуктивноста за 4-5 проценти. Од 1950 до 1989 година, бројот испечатени книги годишно и уделот на белетристиката во него се зголемија за повеќе од трипати. Една меѓународна студија за читателската писменост, конципирана пред падот на Ѕидот, а спроведена веднаш по тој настан, утврди дека „просечното разбирање на книжевното четиво меѓу источногерманските осмоодделенци е значително поголемо отколку кај нивните врсници во Западна Германија“.

Поетската и политичката судбина на Источна Германија се испреплетени: тоа било кредото на групата поети вратени од прогонство по Втората светска војна и кои преземале политички функции во новонастанатата држава, сателит на Советскиот сојуз. Еден од нив, Јоханес Р. Бехер, поет кој стана министер за култура, тврдеше дека книжевноста не треба само да ги одразува општествените настани во Источна Германија, туку треба и да ги обликува.

Таквата утописка визија ќе одѕвонува во политичките глави и по смртта на Бехер во 1958 година. Една година подоцна, Партијата за социјалистичко единство започна програма со која имаше намера да ја премости поделбата на работничка класа и интелигенција: писателите ќе работат во фабрики и рудници за јаглен, каде на другарите ќе им ги пренесуваат тајните на својот занает во кружоците на работниците писатели. За неколку години секоја индустриска гранка имаше сопствен писателски клуб: работниците во производството на вагони, хемичарите, просветните работници.

Источногерманската тајна полиција набрзо му се приклучи на овој тренд. Првите случајни споменувања на чекистите писатели во министерството за државна безбедност се појавуваат во документите уште во 1960 година. Во 1961 година административната гранка на Штази во Берлин ја бележи втората „лирска вечер“, на која присуствувале три нејзини службеници. Но посветеноста на лирската практика на разузнавачката агенција ќе остане спорадична уште две децении.

Мајорот на Штази кој ги водел неформалните поетски собири во алдершовскиот комплекс во доцните седумдесетти години од минатиот век имал неисцрпен апетит за весели песнички („Му се восхитуваат на поетсково перо / во нашата земја Ен-Де-Ер“), а неговите ученици вообичаено пишувале песни со сличен тон. Војниците на прагот на дваесеттите години пишувале љубовна поезија која не се потпира на политички дебати. Еден млад припадник на тајната полиција фантазирал во слободен стил како го бакнува девојка која не е свесна за неговиот низок чин и така го воздигнува во „водник на љубовта“. „Трпеливо го чекам“, пишува страсниот тинејџер, „следното унапредување / барем / во генерал“. Еден војник замислува, во форма на сестина, дека со својот рефлектор ги испишува зборовите „Те сакам“ по мрачното ноќно небо. „Себичен каков што сум / во љубовта“, гласи вториот стих, „Сакам да / бидеш моја / само моја / и се надевам дека никогаш / нема да бидеш национализирана“. Љубовната поезија може да биде во голем расчекор со државата која ја става колективната сопственост над приватната.

***

Од причини кои не се изрично наведени во сочуваните документи од архивата на Штази, источногерманското министерство за државна безбедност пролетта 1982 година одлучило да го професионализира својот поетски кружок. Го ангажирале Уве Бергер, наградуван поет, автор на дваесетина збирки песни и романи. Бергер бил необичен избор за оваа задача. Роден во 1928 година, бил еден од околу 200.000 тинејџери регрутирани во Луфтвафе како помошен персонал (Flakhelfer) во време на залезот на Третиот рајх: трауматско искуство кое веројатно влијаело на неговата одлука да се држи подалеку од партиската политика. Чудно, но за разлика од секој шести германски граѓанин постар од 18 години во тоа време, овој 54 годишник не бил член на владејачката Партија за социјалистичко единство - организација која себеси не се гледала како обична партија туку како „авангарда на пролетаријатот“, која управува со правосудната, извршната и законодавната гранка на власта и не подлежи на никаква контрола.

Бергер почина во една берлинска болница во септември 2014 година, но неговите современици со кои разговарав го памтат како речиси монашки аскет, човек чие најекстравагантно хоби, освен пишувањето, било собирањето камења и минерали за време на патувањата во советскиот блок. Еден поет кој објавувал преку истата издавачка куќа ми рече дека нивниот заеднички уредник му ја раскажал следната анегдота: секој Божиќ го посетувал Бергер во неговиот стан и заедно пиеле по чашка ракија; една година сфатил дека пијачката доаѓа од истото шише на кујнската полица и дека во дванаесетте месеци меѓу нивните средби Бергер не испил ни голтка. Во Берлинер Цајтунг од август 1965 година, Бергер е опишан како „волк самотник“ кој „не успевал или не сакал да се поврзува со луѓе“. Меѓутоа, го прифатил повикот да го води поетскиот кружок на Штази.

Под старателство на Бергер се појавиле нови дисциплински правила. Младите војници кои служеле тригодишен воен рок во гардискиот полк морале да доаѓаат во униформа, додека офицерите можеле да носат цивилно одело. Лекциите имале појасна структура. Од учесниците се барало наизменично да ги читаат своите песни, а останатите биле поттикнувани да коментираат. Дури откако ќе се изјаснеле сите, Бергер ќе го кажел своето мислење, секогаш љубезно, ретко премногу строго.

Песните кои настанувале на курсот на Штази за креативно пишување станувале помалку фриволни. Утописката основа на социјалистичка Источна Германија избледе во далечина. Еден 32 годишен потполковник во централната разузнавачка служба - кој видно пелтечел - прочитал песна со наслов „Дијалектика“: „А тогаш / со целта во домет / нишанам спокојно / и прецизно“. Поезијата е како црцорење на птица, ми рече еден член на кружокот. Но Бергер не сакал да слуша птичји пој, туку „сакал секоја песна да звучи како 'Интернационалата'“.

Новата програма на групата се потпирала на фразата на поетот Фридрих Волф, кој стана дипломат на НДР (Маркус, еден од најпознатите шпиони од Студената војна, беше негов син): уметноста е оружје. „Материјалот од нашата доба лежи пред нас, тврд како железо“, вели Волф во една песна од 1928 година. „Од него поетите коваат оружје. Тоа оружје треба да го земе работникот“.

***

Додека се пробивав низ купиштата хартија во архивата на Штази, наидов на стотици песни кои ги создал Работниот кружок на книжевните чекисти, меѓу друите и оние кои не се вбројани во официјалната антологија на тајната полиција. Ми стануваше сè појасно дека не сите млади луѓе кои се собирале еднаш неделно во Адлершоф сакале да коваат оружје во форма на стихови. Сакале да пишуваат песни кои прават нешто што поезијата умее добро да го прави: да поставуваат прашања наместо да даваат одговори.

Оваа склоност била најизразена во песните на 18 годишниот војник Александар Руика, еден од неколкуте членови на Кружокот кој навистина се служел со зборовите на посебен начин. Гардискиот полк не бил обична единица во која источногерманските тинејџери можеле да го отслужат воениот рок. Тоа бил елитен центар за обука, од каде Штази често регрутирала нови таленти за специјални задачи, како што е „тунелската единица“, задолжена за спречување преминувања на Запад.

Но песните на Руик зборувале за егзистенцијалниот страв од животот на шпионите со полно работно време. „Секој човек / копнее / по маскирање“, признава тој во Маски. Ловечкиот инстинкт дури може да биде „навика од предчовечките времиња“. Но за него „преправањето дека си некој друг“ било како „додворувачко однесување / обична глума“. На неговата генерација ѝ била пружена можност за нешто друго, пишува Руика, „храброст да се соголи“.

Долу маските
човечкиот свет веќе не е ловиште
признај дека си она што си
прифати се себеси
и прифати го ближниот свој.

Колку повеќе Штази се обидувала да ја вооружи поезијата, таа како повеќе да се спротиставувала. Како што растеле тензиите помеѓу Истокот и Западот, песните кои настанувале во Кружокот станувале начин на изразување на она што источногерманскиот режим го сметал за неискажливо.

Во ноември 1983 година западногерманскиот Бундестаг изгласа дозвола со која САД можат да ги распоредат крстосувачките ракети Першинг II и Томахавк во јужна Германија. Утредента советските лидери ги напуштија преговорите за нуклеарно оружје. Сите најопасни фигури во глобалната партија шах од Студената војна беа завртени кон Берлин. Источна Германија инсистираше да не покаже слабост во играта на заплашување. Претседателот Хонекер се правеше дека не го гледа сè помоќното младинско мировно движење.

Дури и во Штази, стравот од нуклеарна војна ја истакнуваше генерациската поделба. Во јуни 1984 година Герд Кнауер, помлад офицер од пропагандната единица, на состанок на Кружокот ја прочитал својата песна од 52 страници со наслов Експлозија. На врвот од третата страна вели „врева гласна како тресок на гром“, а по неа доаѓа заслепувачка бела светлина „мечови ти се зариваат во зениците“. Нешто е погрешно, сфаќа нараторот: светот „лебди / над бездна“.

Понатаму Кнауер ги реди чувствата за кои вообичаено не смеел да им зборува на своите другари. На цели две страници опишува „страв / дека сè би можело да заврши“, „страв / од експлозии“, страв дека нешто - заради грешка - / нема да оди според планот“. Песната напишана во вкрстена рима го забрзува темпото, скокнува од лично на политичко, од политичко на библиско, од библиско на митско. На десеттата страница е Одисеј, кој во голем страв бега од „маглата на историјата“. Бидејќи го прогонува звукот на гром кој се тркала, Одисеј бега во кулата од слонова коска во која живеат филозофите за да побара духовно водство кое е повеќе од потребно. Но Платон, Хегел и Кант молчат. Станува само филозофот со џбунеста брада, а на лицето има израз на човек кој се извинува:

Карл Маркс се обидува да одговори
Во очи го гледа Одисеј
Вели сериозно: Тоа го прават заради мене
Но нивната вера тргна по погрешен пат.

На тринаесеттата страница нараторот, кој можеби сè уште е Одисеј, а можеби и не е, наидува на пејзаж од пеколот, посеан со трупови: „некои се голи, некои облечени / Некои пресечени по должина, од глава до пети“. На последните страници од поемата нараторот им се придружува на унаказените мажи и жени кои ја преживеале нуклеарната војна и сега се хранат со отпадоци.

Кога ја прочитал поемата докрај, ми рече Кнауер додека бевме на ручек во виетнамскиот ресторан во Марцан во 2019 година, во кружокот завладеала тишина. Еден кујнски работник, кој тој ден првпат дошол на состанокот на групата, набрзина отишол до тоалетот, блед како крпа. Сите други очи биле вперени во уметничкиот водач на групата. Уве Бергер рекол дека песната е мошне успешна технички и дека е импресиониран од вештините кои ги стекнале чекистите. Меѓутоа, офицерите од Штази не знаеле дека Бергер бил во врска со тајната полиција пред својот ангажман во комплексот Адлершоф. Едно летно утро во 2020 година архиварот на мојата маса во читалната на архивата на Штази стави тежок куп хартии насловени „НЗ Уве“ (Неформален информатор Уве): шест дебели, избледени фасцикли со боја на цигла, а во секоја околу 350 поврзани листови. Најраниот датум беше ноември 1969 година, кога Штази првпат го врбувала Бергер да работи за нив како неофицијален доушник.

***

Бергер ја известувал Штази за работите и шегите на своите колеги, но и дали нивните деца го гледаат Тарзан на телевизија. Во период од 12 години, поетот непартиец бил еден од најревносните поткажувачи на источногерманската книжевна сцена. Позајмувал необјавени ракописи од своите пријатели за да известува за нивните политички склоности или само дојавувал дека се „малку сенилни“. Ја информирал Штази за можните љубовни афери на своите колеги, за вицовите што ги кажувале, за западните телевизиски програми кои ги гледале нивните деца (филмовите за Тарзан наидувале на особено неодобрување).

На Бергер доушничката активност му овозможувала да ги казнува непријателите и ривалите и да прави сојузници. На крајот стекнал навика во своите извештаи да зборува за себеси во трето лице, како да пишува драмолетки во кои и самиот е еден од протагонистите: „Уве Бергер рече“; „Уве Бергер го одби тоа“. Еден писател со надреалистички склоности го опишал како личност која има „фашизоидна склоност кон опивање и магии“, а на друг му припишал „апсурдно обвинение дека тука [во Источна Германија] имаме фашисти“. Во еден случај дури ѝ препорачал на Штази понижувачка квалификација која би можела да се вметне во приказите на песните на една кантавторка, според неговото мислење недоволно лојална на државата (неговиот скромен предлог гласел: „тампон поезија“).

Во февруари 1982 година Штази го наградила Бергер за ревносната служба врачувајќи му сребрен медал за Братство по оружје, воено одликување кое министерството за државна безбедност ретко го доделувало на цивили. Бергер не го спомнува медалот во мемоарите кои ги издаде после падот на Берлинскиот ѕид. Во книгата неговата соработка со тајната полиција е прикажана како досадна, непријатна работа која не траела долго. „Неколку години“ пишувал во извештаите, а потоа го замолил својот налогодавач да го ослободи од оваа обврска. Како уметник - ја образложил молбата - не можел постојано да биде изложен на „негативните аспекти од животот“. Читателот на неговите мемоари би претпоставил дека неговата доушничка кариера бил зад него во времето кога станал уметнички раководител на кружокот во Адлершоф, 1982 година.

Меѓутоа, Штази не собирала информации само за цивили. Таа го вперила погледот кон себеси, особено во осумдесеттите години. Кога во 1950 година е основано министерството за државна безбедност, неговиот персонал главно бил регрутиран од непривилегираните, пролетерски средини. Но во седумдесеттите години министерството нагло пораснало и му било потешко да се држи до сопствените основачки принципи. Штази имала 20.000 вработени во 1961, кога е изграден Ѕидот; до 1982 бројот на вработените се зголемил четирипати, на 81.500. Многу од овие луѓе биле синови на офицери на Штази, значи можеле да се претставуваат како „работничка класа“ само реторички. Во регрутациите на Штази од тоа време редовно се појавува фразата: „Кандидатот доаѓа од прогресивно семејство лојално на партијата на работничката класа“.

Дали можело да ѝ се верува на новата генерација? Во Берлин персоналот на Штази живеел во самодоволни населби со кои управувала интерна административна единица. Офицерите на Штази се лекувале во посебни болници, нивните деца оделе во посебни забавишта или училишта: тоа било привилегија, но и показател до каде одела државата за да ја задржи целосната контрола. Офицерите заедно работеле во канцеларии, така што другарот секогаш можел да го контролира другарот. Но што кога ќе ја напуштеле канцеларијата? На Штази ѝ бил потребен некој кој ќе ги посматра посматрачите во моментите кога се опуштале. Морала да пронајде начин да ѕирне во нивните срца и да ги согледа желбите кои би можеле да прераснат во искушенија, во нивните души да ги открие девијантните стравови и аспирации. Тоа била работа за Уве Бергер.

Додека луѓето на Штази во домот на културата во Адлершоф од шпиони станувале поети, нивниот учител поет ги шпионирал. Својата активност на неофицијален соработник Бергер ја прекинал во октомври 1982 година со низа кратки профили. Еден дваесетгодишен каплар бил „трапав“ и со „ниско образовно ниво“, но бил „отворен и непосреден“ и затоа корисен: наивно признал дека другарите го предупредиле да не стапува во поетскиот кружок зашто ќе мора да „мавта со црвеното знаме“.

Сите песни не биле исповедни во доволна мера: меѓу штазиевците кои тежнееле да станат поети имало и такви кои имале непријатна навика да ги прикриваат своите вистински емоции наместо непосредно да ги преточат во стихови. Еден заставник, иако „несомнено надарен“, бил загрижувачки студен, скептичен, таинствен“. „Работата е“, пишува Бергер, да се „открие што навистина се наоѓа зад маската, во дното на неговата душа“.

Бергеровите извештаи ја откриваат подлабоката параноја во јадрото на источногерманската тајна полиција: инстинктивен сомнеж не само во себеси туку и во книжевното творештво кое основачите на источногерманската култура го поставиле во самите темели на државата. Небаре она што го правеле поетите содржело нешто интегрално што го поткопувало авторитетот на Партијата за социјалистичко единство, потврдуван секоја трета или петта година на избори на кои гласањето не било ни слободно ни тајно. Но партијата тврдела дека само таа е способна правилно да ги толкува Маркс, Енгелс и Ленин. Интелектуалците кои изнесувале алтернативни толкувања биле закана.

Бергеровиот извештај за Експлозијата, долгата поема на Герд Кнауер за нуклеарната војна, особено се занимавал со строфата за Одисеј и Карл Маркс. Синтаксата е неодредена, пишувал Бергер: кога Маркс вели „го прават тоа заради мене“, дали „тоа“ се однесува на молчењето на другите филозофи или на нуклеарната војна? Ако се работи за второво, дали „тие“ се следбеници или непријатели на Маркс? „На прашањето за вината не се одговара јасно“, забележува Бергер во својот извештај. Впрочем, Кнауер одоколу вели дека „Маркс ја измислил општествената револуција и дека затоа е виновен за претстојното уништување на човештвото“, а таа теза не е ништо друго туку „идеализам и прифаќање на предавството“.

Песните на талентираниот тинејџер Александар Руика, пишува Бергер во априлскиот извештај од 1983 година, заправо се амбивалентни: за него проблемот кај социјализмот е „моќта“. Кога зборува за теми како што се колективизам, живот во војска и револуција, младиот лиричар не може да се фати ни за глава ни за опашка: „отворено е за“, но „сублиминално е против“.

Меѓутоа, не било потребно песните да се занимаваат со политика за да побудат сомнеж. Во април 1980 година, експертската организација на министерството за државна безбедност - катедрата за научен комунизам - напишала текст од 30 страни за „решенијата на проблемите во областа на културната политика“. Во него се вели дека уметноста и културата се особено склони на „притаени напади“ зашто оние кои се занимаваат со тоа користат техники како што се „алегорија, метафора, басна, ефекти на отуѓување“.

На 25 октомври 1984 година Бергер пишува дека Кнауер прочитал песна за некој негов сон: летал змеј кој „бега од тесната темница и едри кон слободата“. Бергер објаснува дека змејот е она што се нарекува метафора и дека песната била прикриен повик до источногерманскиот воен персонал да пребегне на Запад.

***

Додека Русија, Полска и Унгарија се движеа по патот на политичките и економските реформи во осумдесеттите години од минатиот век, НДР ја повлече запирачката и се обиде да ги заузда своите граѓани. Но новиот светски поредок предизвикуваше збунетост, а понекогаш и вртоглавица кај многу источни Германци, меѓу другите и кај мајорот на Штази кој го водел поетскиот кружок пред Бергер. Тој бил сменет од позицијата уметнички раководител на кружокот заради своите непресушни весели рими, но сега како автор ја прочитал песната со наслов „Престани да одиш во круг“, која повеќе звучела како блуз балада:

Некогаш си силен, а некогаш слаб
Некогаш си изморен, некогаш буден
Некогаш храбар и не знаеш за зло
Некогаш еден збор има сила да те разоружа.
Некогаш ти е студено на жежок летен ден
Некогаш се придржуваш за пајажината.

Блуз песните често зборуваат за загуба и зајакнување: „Возбудата исчезна / исчезна засекогаш“, ламентира Б. Б. Кинг. Изразувањето жалење сепак вообичаено завршува со момент на искупување, зрак надеж: „Знаеш, слободен сум, сега сум слободен, малечка / ослободен од твојата магија“. Но меланхоличните стихови на мајорот зборуваат за ужасот кој не се осудува да го изговори сопственото име и завршуваат со позитивен тој кој уште повеќе вознемирува зашто ни е јасно дека тој оптимизам е лажен: „Но сепак продолжуваш и се преправаш / Дека одвнатре си среќен и секогаш задоволен“.

Ја најдов песната во издвоениот куп листови кои Бергер ги собирал за 40 годишниниата на НДР во 1989 година, со работен наслов Човек, војник, комунист: поезијата и прозата на книжевните чекисти. Ковертот беше полн со листови кои, се чинеше, беа стуткани и повторно испеглани со рака. Насловот на антологијата се менуваше; на крајот Бергер се одлучил за еден кој звучел пркосно: Во мојата крената тупаница. Страници исполнети со песни се исечени, меѓу другите и „Престани да одиш во круг“. Наместо неа, Бергер избрал една со наслов „Повик за регрутација“:

Ние сме луѓе на Ѕержински
со задача јасна
спремни да се кренеме пак
спремни за борба без страв.

Печатената дозвола на Штази за објавување на последната антологија на Работниот кружок на книжевните чекисти е издадена на 31 декември 1989 година, речиси седум недели по падот на Берлинскиот ѕид. Но книшката никогаш не стигнала во печатница. Во конечниот ракопис посветите за четириесеттиот роденден на НДР и министерството за државна безбедност се пречкртани. Три месеци по падот на Ѕидот, издавачот го известил Бергер дека нема да го продолжат договорот кој истекува следниот месец. На повикот на Бергер да се објави ново издание од неговите мемоари од 1987 година зашто таму јасно се гледа неговиот „пресврт кон перестројката“, не се одзвал никој. Две години по неговата смрт, во февруари 2014 година, беше планирано основање нова награда за поезија која би го носела името на Бергер на книжевниот фестивал во берлинскиот округ Кепеник. Но по приговорите од поранешните колеги и современици на Бергер од источногерманската сцена, името на наградата е променето.

Извадок од книгата на авторот „The Stasi Poetry Circle / Поетскиот кружок на Штази“, Faber & Faber 2022.

Фотографиите се од филмот „Животот на другите“ (2006, Florian Henckel von Donnersmarck)

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://www.theguardian.com/

Слични содржини

Книжевност / Историја
Книжевност / Теорија / Историја
Книжевност / Уметност / Теорија / Историја
Книжевност / Култура / Историја
Книжевност / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото