Дали ни треба референдум?

12.09.2022 12:36
Дали ни треба референдум?

Со последната одлука на ВМРО ДПМНЕ дека дефинитивно ќе иницира задолжителен, правно обврзувачки референдум, ова плебисцитарно изјаснување брзо стана тема број еден на домашната политичка сцена. Се поставуваат неколку суштински прашања – дали ни е потребен референдум, каков е можниот исход, и се разбира, какви би биле последиците од референдумот.

Во оваа фаза, мислам дека потребата од референдум е дискутабилна. Македонија нема план Б освен ЕУ, а претставниците на меѓународната заедница се прилично јасни дека без исполнување на договорот со Бугарија нема продолжување на тој пат. Оттаму, прашањето е зошто ни е потребно ова мачење на нацијата, зашто референдумот ќе биде токму тоа – мачење, повторно преживување на сите болки и фрустрации од компромисите кои бевме приморани да ги направиме, наративот ќе се поврзе со се уште живиот отпор и против Преспанскиот договор, и така натаму. Од друга страна, ние мораме да одржиме функционална демократија, а очигледно е дека значаен дел од граѓаните имаат сериозни забелешки, па и се противат, на договорот со Бугарија. Игнорирањето на тој отпор не е здраво за нацијата на долг рок. Опонентите на овој компромис можеби треба да имаат фер шанса да го искажат своето мислење, и низ демократски процес да добијат можност за некаков алтернативен курс од овој, по кој во моментов се движиме.

Кој губи, а кој добива?

Проблемот е, секако, во начинот на кој се предвидени ваквите задолжителни референдуми во нашиот правен систем. Задолжителен референдум, кој би требало да има правно дејство, има најмалку две нужни карактеристики – првата е дека мора да биде така формулиран да создава императивно дејство – односно успешниот референдум недвосмислено да ги обврзува пратениците на некаква конкретна акција (во овој случај поништување на законот со кој се ратификува спорниот дел од договорот со Бугарија); втората карактеристика - која е врзана и за политичките последици од ваквиот референдум, е што тој е валиден само ако е успешен, односно е бинарен. Во таа смисла, успешен референдум предизвикува правно дејство, но неуспешен референдум не го предизвикува обратно правно дејство, туку е ништовен.

Така, ако на распишаниот референдум мнозинството се изјасни за поништување на договорот, тоа би ги обврзало пратениците на таква акција, но неуспешен референдум нема да го обврзе приредувачот (во случајот ВМРО ДПМНЕ) на обратната акција. Дури и ако, теоретски, на распишаниот референдум, излезат над 50% од гласачите, и мнозинството гласа против – значи ако се исполнат условите за успешен референдум во обратен правец од намерите на приредувачот – тој исход е ништовен, односно не би го обврзал ВМРО ДПМНЕ да го прифати договорот. Така, постоењето на референдумот не е фер позиција- Мицковски нема што да изгуби– зашто, ако успее референдумот, власта мора да го поништи договорот со Бугарија, но ако не успее, Мицковски нема обврска да го прифати.

Така се враќа во игра прашањето за целисходноста на ваквиот референдум. Имено, за успешен референдум прагот е исклучително висок (најмалку 910,000 излезени, најмалку 50% + 1, да гласаат „за“), па така, без активна поддршка од двете најголеми македонски партии, најверојатниот исход е неуспешен, односно ништовен референдум. Но, неуспешниот референдум нема да предизвика правни последици, а најверојатно, ни политички: тешко е да се верува дека ВМРО ДПМНЕ би толкувало неуспешен референдум како мандат од граѓаните за прифаќање на договорот со Бугарија. Така, се враќаме на почеток – екскурзија од неколку месеци и потрошени средства – за резултат кој не остава во истата позиција како и референдум да не се спроведе воопшто. Ова особено што кај опозицијата не постои наратив како ќе ги усогласат нивните две прокламирани, но спротивставени тези – за ЕУ, но против механизмите кои не носат таму.

Последиците од референдумот

Во овој случај се актуелизираат политичките последици од референдумот. За ВМРО ДПМНЕ постојат и позитивни и негативни страни на ваквиот настап. Позитивните страни се, секако, што немаат што да изгубат: ако успеат - победиле, ако не успеат - не изгубиле. Најмалку, референдумот ќе ги мобилизира нивните гласачи, ќе ги собере на куп околу еден наратив (колку и да е тој проблематичен во смисла на евроинтеграциите), а партијата ќе им ја одржува во висок степен на готовност. Во таа смисла, овој потег е за нив добар.

Но, со ваква платформа, тие истовремено релативно јасно се поставуваат (без оглед на нивната мантра) против курсот за кој цела ЕУ вели дека е единствениот правилен. Овој опозициски наратив, може да ги направи толку радикални, што ќе станат невозможен избор за нова власт, без оглед на резултатите на наредните избори.

- Македонија минус ЕУ - останува ли нешто?

На крајот, политичкиот исход ќе се прекрши кај номинираните уставни измени. Ако референдумот помине со најверојатниот исход – а тоа е огромен дел од излезените гласачи да се за поништување на договорот (бидејќи само оние кои се „за“ имаат реален мотив да излезат), но референдумот да биде ништовен, односно да не го собере потребното мнозинство, ВМРО ДПМНЕ ќе се врати на истата дилема која ја има и сега: дали да ги поддржи уставните измени, или да остане единствениот причинител што Македонија нема да ги отвори поглавјата за преговори со ЕУ. Имајќи предвид дека уставните измени се релативно бенигни, и претставуваат помал дел од цената (поголемиот дел веќе е платен), за ВМРО ДПМНЕ тоа ќе биде политички тешка ситуација: брендирани како анти-ЕУ, со неуспешен референдум, под силен политички притисок за прифаќање на уставните измени. Таа дилема ја имаат и сега, со или без референдум.

Извор: Дојче веле

Карикатури: Makhmudjon Eshonkulov