Новите руски споменици

12.09.2022 13:48
Новите руски споменици

Растев во Минск, опкружен со споменици од Втората светска војна. Такви споменици, според слободна проценка, во Белорусија има околу 9000. Терминот „Голема патриотска војна“ и понатаму е во официјална употреба во Белорусија и Русија, но не и во Украина каде што во 20215 година е отстранет од националниот речник.

Но, кога го посетив Калининград во 2017 година за да ја истражам руската уметност на јавните простори, ме збуни споменикот на Олег Копилов од 2005 година. Тоа е дорски столб, обложен со црвен гранит, со бронзен релјеф на постаментот кој го прикажува Свети Ѓоргија како ја убива ламјата. Над главата на светецот се наоѓа највисокото воено одликување на СССР, Орденот на победата – петокрака ѕвезда прошарана со дијаманти, со слики од саат-кулата во Кремљ и мавзолејот на Ленин во средината. Уште една, многу поголема ѕвезда, се појавува на врвот на столбот. Гледано од другата страна на улицата, споменикот делумно ја затскрива цаентралната купола на катедралата Христос Спасител (исто така дизајнирана од Копилов), комплетирајќи го визуелниот амалгам на комунизмот и христијанството.

Копилов во една прилика изјавува дека бронзениот релјеф на Свети Ѓоргија не бил дел од оригиналниот дизајн. Според претходниот, поамбициозен предлог на вајарот Александар Рукавишников, требало на четирите страни на постаментот да бидат прикажани сцени од Седумгодишната војна (1756-63), Патриотската војна 1812, Првата светска војха и Големата патриотска војна. Претставувајќи ја руската воена слава во Калининград, во текот на два века, споменикот би ја изразувал фиктивната идеја за особена историска поврзаност помеѓу оваа балтичка ексклава (дел од германската Источна Прусија до 1945 година) и руската татковина. Иако дизајнот се покажал прескап за да биде реализиран, намерата е јасна.

Прославувањето на историските воени победи во Русија е регулирано со закон. Иако списокот на свети дати е се подолг, победата во Големата патриотска војна и понатаму е особена светост. Од почетокот на 2000, ширум Русија се појавува нов тип на воени споменици, во знак на сеќавање на хероите кои се бореле за земјата, и под царско и под советско знаме. Еден од првите споменици подигнати на анектираниот Крим бил посветен на „милицијата на сите времиња“. Меѓу другото, на споменикот се прикажани доброволци од Кримската војна (1853-1856) и таканаречената „Кримска пролет“ - што е едно од термините што се користат во Русија за анексијата на полуостровот во 2014 година.

Славејќи разни „национални победи“, овие споменици, како столбот во Калининград, ја спојуваат православната и советската иконографија. Идентични „споменик-капели,“ кои ја имитираат традиционалната сакрална архитектура, се подигнати од 2015 година во неколку руски градови, вклучувајќи го и Калининград. Од натписите на овие споменици, напишани со стилизиран старословенски фонт, се издвојува цитатот од епитафот на Олга Берголц од 1959 година за жртвите од опсадата на Ленинград: „Никој не е заборавен, ништо не е заборавено“.

Доколку ваквото „рециклирање” на христијанските и советските културни теми се чини постмодерно, повнимателен поглед кон сето тоа укажува на сосема поинаков сензибилитет, кој го слави сакралниот статус на двата столба на современиот руски национализам: Големата патриотска војна и православието. Сите скулптури на воени великани поставени во Паркот на победата во Саратов во 2013 година носат натпис: „Вечна слава на граѓаните кои ја прославија Русија“. Дури и свети Александар Невски (Олександр Невс'кій на украински) бил преобликуван во угледен граѓанин чија биста стои до онаа на Маршал Жуков. Во последната реинтерпретација на руската историја, тие конечно беа обединети преку милитантната реторика на „единствениот руски пат“.

Извор: London Review of Books

 

Слични содржини

Јавни простори / Уметност / Око
Јавни простори / Свет / Уметност / Историја
Свет / Историја
Европа / Балкан / Став / Култура / Историја

ОкоБоли главаВицФото