Скриеното вистинско јас: 12 познати автор(к)и за приобивките од водење дневник

13.09.2022 12:37
Скриено вистинско јас: 12 познати автор(к)и за приобивките од водење дневник

Анаис Нин, авторката на десетина романи, три студии, неколку збирки раскази и филмови, бројни статии и есеи, позната и по неконвенционалниот живот и емотивните врски со други уметници, од нејзина 11-годишна возраст редовно водела дневник. Нејзините дневници, објавени во 16 тома и дури постхумно дадени во „непрочистена верзија“, ја ставаат во ранг со највнимателните хроничари на сите времиња. Ви го пренесуваме текстот од порталот Маргиналијан, во кој Мариа Попова ги собрала записите на Анаис Нин и уште 11 други автор(к)и за тоа зошто е важно да се пишува дневник.

***

„Ако сакаш да пишуваш, би требало да водиш искрен, необјавлив дневник кој никој не го чита, никој освен ти“ – препорачува Мадлен Ленгл во своите совети за младите писатели. Вистан Хју Одн, пак, еднаш го опиша своето водење дневник како „дисциплинирање на мрзеливоста и на недоволната моќ за забележување.“

Убедена сум дека водењето дневник е вежба која подобро од било што друго нè учи на недофатливата уметност на самотијата, на тоа како да се биде присутен во сопственото битие, да се сведочи за сопствените искуства и потполно да се исполни својот внатрешен живот. Бидејќи јас самата посветено водам дневник, отсекогаш ми биле неодоливо фасцинантни дневниците на уметниците, писателите, научниците и другите големи умови, тоа директно ѕиркање во нивните внатрешни животи и креативни потфати.

Но, се разбира, овие умови не ставаат пенкало на хартија за да ја задоволат љубопитноста на идните генерации, а прашањето зошто воделе дневници е исто толку интересно како и содржината на тие познати дневници. Еве неколку видувања на некои од најплодните поборници на оваа интимна уметност.

Анаис Нин е веројатно највешта во ова, во целата пишана историја. Таа почнала да води дневник кога имала 11 години и ја продолжила оваа навика до нејзината смрт на 74-годишна возраст, оставајќи зад себе 16 тома објавени дневници во кои се занимавала со толку разновидни, безвременски и актуелни теми како што се љубовта и животот, прифаќање на непознатото, репродуктивните права, непостојаната природа на уживањето, смислата на живеењето, како и зошто емоционалните испади се важни за креативноста. На едно предавање во Дармут во 1946 година, таа зборува за улогата на дневниците како непроценливо вредно игралиште, не само за учење на занаетот на пишувањето, туку и за кристализирање на сопствените страсти и приоритети, од кои извира целокупното творештво.

„Додека пишував дневник, открив како да опишам моменти од животот. Водењето дневник ми помогна да откријам некои од основните елементи кои се суштински важни за живоста на напишаното. Кога зборувам за врската меѓу мојот дневник и пишувањето, не сакам да генерализирам во однос на важноста од водење дневник, ниту да советувам некого да го прави тоа, туку од оваа своја навика да извлечам одредени заклучоци кои може лесно да се пренесат и на други видови пишување.

Меѓу нив најважни се природноста и спонтаноста. Овие елементи произлегоа, забележав, од мојата слобода на избор: во дневникот пишувам само за она што искрено ме интересира, она што ми изгледа најмоќно во тој момент, и сфатив дека таа топлина, тој ентузијазам, внесе живост која што често пресушува во формалните дела. Импровизација, слободни асоцијации, препуштање на расположението, импулсивност, нижење слики, портрети, описи, импресионистички скици, симфониски експерименти, и од таму можам да црпам материјал во секое време.

Сфатив дека овој личен однос кон сè, осуден како субјективен и ограничувачки, всушност е сржта на индивидуалноста, идентитетот и оригиналноста. Идејата дека субјективноста е ќор сокак, еднакво е грешна како и помислата дека објективноста води кон повисоки облици на живот. Длабокиот личен однос го надминува личното и го достигнува она општото. Повторно, тоа е прашање на длабочината.“

Во својата долга медитација за корисноста од водење дневник за творештвото, пронајдена во нејзиниот и онака многу интересен Дневник на писателката, тогаш 37-годишната Вирџинија Вулф говори како за предност бидејќи ни носи нефилтриран пристап до неоработените скапоцени камења на нашиот ум, најчесто отфрлени по пат на самоцензура во „формалното“ пишување.

„Навиката да се пишува, иако само за моите очи, е добра вежба. Ги растегнува лигаментите. Не обрнуваш внимание на грешките и пропустите (…) Но, забележувам дека, колку и да ова пишување на дневник не се смета за пишување, бидејќи повторно го препрочитав мојот годишен дневник и сум прилично погодена од несвесно брзиот галоп со кој трча, понекогаш тоа навистина речиси неприфатливо тргнува брзо по калдрма. Повторно, да не го напишев тоа толку брзо, побрзо од најбрзата машина за пишување, да застанев и да погледнев, никогаш тоа немаше ни да го напишам; а предноста на овој метод е во тоа што ненамерно содржи неколку залутани работи кои би ги исфрлила доколку се двоумев, а всушност тие се дијамантите во ѓубрето.“

Дневникот исто така, размислува таа на 48 години, гради мост меѓу нас сега и нас во иднина, кои не се непоправливо какофонични во нивните убедувања. Таа пишува, со намигнување:

„И покрај некои потреси, мислам дека ќе продолжам со овој дневник и понатаму. Понекогаш помислувам дека сум го надминала нивото на стилот кој му доликува - она за пријатна прекувремена работа, после чај; и нивото што го достигнав сега е помалку релаксирачко. Нема врска; ми се допаѓа што таа стара Вирџинија, додека ги става очилата за читање во март 1920 година, одлучно би посакала да продолжам понатаму. Поздрав! Драга моја душо; и имај на ум дека не мислам дека 50-тите се некои големи години. Сеуште може да се напишат неколку добри книги; и еве ти ги тулите за една прилично добра“.

На почетокот на Дневникот на Андре Жид, 21-годишниот иден Нобеловец размислува за нешто на што ќе му ги посвети следните шест децении:

„Секогаш кога ќе бидам подготвен да запишам навистина искрени белешки во оваа тетратка, ќе морам да пристапам со толку многу расплетување во овој мој пренатрупан мозок што за да ја избришам целата прашина, ќе ми требаат неколку часа без работа за да се смират сите мои живи љубопитности; единствена грижа да ми стане повторно да се откријам себеси“.

Една година подоцна, Жид ја открива мета-белешката за потфатот кој веќе е во тек:

„Дневникот е корисен при свесни, намерни и болни еволуции на духот. Тогаш сакаш да знаеш на што си... Интересен е интимниот дневник, особено кога го бележи будењето на идеите; или будење на сетилата во пубертетот; или кога осеќаш дека ќе умреш.“

Хенри Дејвид Торо е меѓу најголемите и најлирските писатели на дневници во историјата, како што се гледа од Дневникот на Хенри Дејвид Торо 1837-1861 година, четиво на кое треба да се навраќаме бескрајно многу пати. Делото е полно со неговите безвременски медитации за сè, од она што навистина значи успех, преку најголемиот подарок на животното созревање, до смислата на човечкиот живот. Во запис од октомври 1857 година, Торо ја разгледува привлечноста на дневникот не само за писателот, туку и до читателите:

„Зарем поетот не е склон кон тоа да напише сопствена биографија? Има ли за него некое друго дело освен добар дневник? Не сакаме ние да знаеме како е неговиот имагинарен херој, туку како тој, вистинскиот херој, живеел од ден на ден“.

Ралф Валдо Емерсон, близок пријател на Торо и внимателен набљудувач на човечкото искуство, го расветли прашањето за пишување дневник, забележувајќи во Дневниците на Ралф Валдо Емерсон:

„Добриот писател се чини дека пишува за себе, но тој секогаш ги држи своите очи на онаа нишка на Универзумот која поминува низ него самиот и низ сите работи.“

Ана Франк на почетокот на својот вечно трогателен Дневник прашува за самиот чин кој ја направил бесмртна и ги допрел животите на многумина:

„Многу чудна навика за некој како мене е да пишува дневник. Не само што никогаш порано не сум пишувала, туку ми паѓа на ум дека подоцна, ниту јас, ниту било кој друг, нема да се грижи за изливите на емоции на една тринаесетгодишна ученичка.“

Оскар Вајлд, човекот со силни ставови и уште посилни страсти, ја изкажа својата карактеристична луцидност во „Важно е да се викаш Ернест:“

„Никогаш не патувам без мојот дневник. Секогаш треба да имате нешто сензационално за читање во возот“.

Во белешките од дневникот, во книгата Повторно родена: Дневници и тетратки 1947-1963, во истиот том во кој се мислите на Сузан Сонтаг за бракот, животот и смртта, должностите кои ги имате на 24 години и нејзините 10 правила за воспитување дете, тогаш 24- годишната авторка, под насловот За водење дневник, ќе напише:

„Површно е дневникот да се разбере само како складиште за нечии лични, тајни мисли - како човек од доверба кој е глув, нем и неписмен. Во дневникот не само што се изразувам поотворено отколку што можам пред друга личност, туку и се создавам себеси. Дневникот е средство искажување на моето себство. Тој ме претставува како емотивно и духовно независна. Оттука (за жал) не го бележи само мојот секојдневен живот, туку пред сè, во многу случаи ми нуди алтернатива за него.

Честопати се контрадикторни значењата на нашите постапки кон некоја личност и она што во дневникот кажуваме дека го чувствуваме за таа личност. Но, тоа не значи дека тоа што го правиме е плитко и дека само она што си го признаваме на себеси е длабоко. Признанијата, мислам на искрените признанија, се разбира, можат да бидат поплитки од постапките. Сега мислам за она што го прочитав денес (кога отидов на булевар Сен Жермен бр. 122 да ѝ ја проверам поштата) во дневникот на Х за мене. Онаа отсечна, нечесна, безмилосна проценка за мене која ја заклучува со тоа што вели дека не ме сака, но дека мојата страст кон неа а прифатлива и пригодна. Само Господ знае колку тоа ме боли и се чувствувам бесно.“.

„Се разбира, за дневникот на писателот не треба да се суди според стандардите за дневници. Тетратките на писателот имаат многу посебна улога: во нив тој, дел по дел, го гради идентитетот на писателот за себе. Вообичаено, тетратките на писателите се преполни со изјави за волјата: волја за пишување, волја за љубов, волја да се откаже од љубовта, волја да се продолжи со животот. Дневникот е место каде што писателот сам себеси си е херој. Во него тој постои исклучиво како суштество кое воочува, страда и се бори.“

Во една белешка од април 182 година, влијателниот француски сликар Ежен Делакроа, на 25-годишна возраст напишал:

„По долга пауза повторно го земам дневникот. Мислам дека тоа би можело да биде начин да се смири оваа нервозна возбуда што ја чувствувам веќе долго време.“

Но, веќе следната пролет тој е лут поради тоа што не може да ја зачува оваа плодна навика, и покрај тоа што ја косристи неговата креативност и духовност.

„Набрзина го препрочитав целиот мој дневник. Извинете за празнините. Се чувствувам како да владеам со тие денови кои сум ги забалежал, иако поминаа, додека оние што останаа неспомнати на страниците, ми изгледа како никогаш да не се случиле.

Колку ниско паднав? Толку ли сум слаб што овие кревки страници ќе ми бидат единствениот запис што ќе остане за мојот живот? Иднината е сосема црна. Минатото, тогаш кога не го забележував, е исто такво.“

Но, повторно во дневникот гледа начин како подобро да го исполни сопствениот живот и има намера да го направи токму тоа:

„Негодувам што морам да ја исполнувам оваа задача, но зошто секогаш мора да бидам изнервиран поради мојата слабост? Можам ли да поминам барем еден ден без храна или спиење? Толку за моето тело. Но, мојот ум и развојот на мојата душа ќе бидат уништени затоа што не сакам тоа што остана од нив да ѝ го доверам на нужноста од пишување. Нема ништо подобро од тоа да се има некоја мала задача која треба да ја правите секој ден.

Дури и една трудољубиво извршувана задача, може да внесе ред во целиот живот; сè друго виси на конец. Бележејќи ги моите искуства, двапати го живеам мојот живот. Минатото ми се враќа. Иднината е секогаш во мене“.

Делакроа продолжил да ја исполнува оваа своја секојдневна задача и до крајот на својот живот напишал повеќе од 20 тетратки, зачувани за идните генерации во Дневниците на Ежен Деларкроа.

Силвија Плат, како и Анаис Нин, почнала да води дневник на 11-годишна возраст и напишала речиси 10 тома, уредени и објавени постхумно како Нескратени дневници на Силвија Плат. Тоа треперливо, горко-слатко четиво ни ги носи мислите на Плат за животот и смртта, срдечноста и мечтаењето за природата.

Таа на својот дневник гледала како на алатка за „загревање“ за своето формално пишување, но веројатно највпечатливиот извадок е поврзан со чудната сингронизираност со која две книжевни легенди со неверојатна генијалност и зачудувачка трагедија се спојуваат низ просторот и времето на страниците на нивните дневници. Во февруари 1957 година, шест години пред нејзиното самоубиство, Плат ја опишува улогата на дневникот како нејзина сламка за спасување , што е крајно потресно кога ќе се погледне во ретроспектива:

„Штотуку го зедов благословениот дневник на Вирџинија Вулф што го купив заедно со серија нејзини романи во саботата со Тед. И таа ја надминува својата депресивност поради одбивањето во Харпер (Зар навистина?! Тешко ми е да поверувам дека и Големите биле одбивани!) додека ја чисти кујната. И подготвува бакалар и колбаси. Благословена нека биде. Чувствувам дека мојот живот некако е поврзан со нејзиниот. Ја сакам - и сè уште можам да го слушнам гласот на Елизабет Дру од кој ми поминиваат морници по грбот додека во големата училница на Смит ја чита „Кон светилникот,“ Но, нејзиното самоубиство, се чувствував како да го копирам во тоа црно лето 1953 година. Само јас не можев да се удавам. Претпоставувам дека секогаш ќе бидам премногу чувствителна, малку параноична. Но, исто така јас сум ѓаволски здрава и издржлива. И се радувам на мали нешта како пита со јаболка. Само што морам да пишувам. Се чувствувам болна оваа недела, бидејќи речиси ништо не напишав.

Но, веројатно најважната метапоента на оваа тема доаѓа од самата Вулф која го разгледувала влијанието кое го има читањето на дневникот на писателот на тоа како го доживуваме неговото или нејзиното дело, влијание за чија јачина одлучуваме ние самите:

“Колку, мора да се запрашаме, на книгата влијае животот на нејзиниот писател; до кој степен е безбедно да се остави човекот да го толкува писателот? До кога ќе се спротивставуваме или ќе им допуштаме на симпатиите и антипатиите кои во нас ги буди самиот човек – толку се чувствителни зборовите, толку приемчиви за ликот на авторот? Ова се прашањата што се поставуваат пред нас кога читаме животи и писма и мораме самите да одговориме на нив, зашто ништо не може да биде пофатално од следењето на преференциите на другите во толку лични работи“.

***

 И навистина, ако нешто научив за дневниците, преку читање на десетици илјади страници дневници на уметници и писатели, и повремено читање на мојот дневник од временска дистанца, тоа е дека ништо напишано во нив не треба да се земе како лична догма на авторите. Дневникот е вештачки траен запис на мислите и внатрешниот живот, нешто што и најплодната авторка на дневнци во модерната литература (мислам Анаис Нин) самата го артикулира во нејзината елегантна одбрана на флуидноста на себството. Ние сме крајно каприциозни суштества и она во што сме убедени во еден момент од нашиот живот, може да биде суштински различно по една деценија, една година, а некогаш и само еден ден подоцна.

Тоа е можеби и најголемиот дар на дневникот – неговата способност да биде жив споменик на нашата флуидност, потсетник дека нашето сегашно јас е хронично несигурен пророк за тоа што ќе ни биде важно во иднина и дека се менуваме во текот на нашите животи.

Превод: Марина Туфекчиевска

 Извор: The Marginalian

Слични содржини

Книжевност / Психологија
Квир / Книжевност / Уметност
Квир / Книжевност / Уметност
Книжевност / Уметност
Книжевност / Уметност
Книжевност / Уметност
Квир / Книжевност / Уметност

ОкоБоли главаВицФото