1009 hPa
94 %
15 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 07:59
Смртта доаѓа по сите нас. Оваа вистина која го опфаќа целиот живот на Земјата е тешка за многумина, што е разбирливо. Но истражувањата докажаа дека нашите стравови и грижи поврзани со смртта можат да се намалат на два мошне различни но подеднакво опасни начини: или да имате блиска средба со смртта или да се издрогирате.
Научниците директно ги споредија овие два вида животни искуства со помош на повеќе од 3 000 учесници во интернет истражување. Резултатите открија дека луѓето „искажале“ значајно слична промена во мислењето за смртта по одредено искуство, како и намален страв од смртта“, што е откритие кое „може да ѝ помогне на клиничката пракса при намалувањето на грижата и стравот од смртта“, како што пишува во истражувањето.
„Очекував дека ќе има некакво совпаѓање помеѓу групите, но многу поинакво од финалниот резултат“, вели Роланд Грифитс, професор по психијатрија и неврологија на универзитетот за медицина Џон Хопкинс и еден од сениорите автори на ова истражување.
„Имаше големо совпаѓање во смисла на феноменологијата - односно квалитетот на искуствата - како и на трајните последици од таквото искуство, за време на блиска средба со смртта така и при вонтелесни и трезни искуства, во однос на искуствата под психоделици“, додаде.
Грифитс, главен стручњак за терапевтските дејства на псилоцибинот (психоактивна супстанца која може да се најде во магичните печурки), почнал да го развива овој компаративен експеримент откако читал за позитивните последици по блиски искуства со смртта. Луѓето кои го доживеале тоа често забележувале позитивни промени во своето мислење за смртта, како и подобро разбирање на целта и смислата на животот.
„Луѓето мошне често се враќаат со променето чувство за животот после телесна смрт“, вели Грифитс. „Тие чувствуваат дека има некаква добронамерна особина што се појавува и дека повеќе не веруваат дека смртта е крајот на сè“.
„Користевме псилоцибин кога работевме со пациенти болни од рак, кои беа депресивни или се плашеа од својата опасна дијагноза и повеќе или помалку го откривме истото“, продолжи тој. „Луѓето имале вакви искуства и забележале намалување на депресивноста и анксиозноста, како и намалување на стравот од смрт.“
За подобро да ги разберат заедничките аспекти на овие искуства, истржувачите повикале речиси 16 000 доброволци да пополнат онлајн анкета за променетите ставови за смртта по користење псилоцибин, ЛСД, ајахуаска, или ДМТ, или по блиско искуство со смртта или друго необично искуство кое не вклучува дрога.
По отстранувањето на оние кои се откажале од истражувањето пред крајот или не одговарале на дадениот критериум, останале 3 192 одговори поделени на 2 259 искуства под психоделици и 933 трезни искуства. Во групата под психоделици 40 проценти биле под влијание на ЛСД (904 испитаници), 34 проценти биле под влијание на псилоцибин или псилоцибински печурки (766 испитанци), 12 проценти под влијание на ајахуаска (282 испитаници) и 14 проценти тврделе дека пушеле ДМТ наместо ајахуаска (307 испитаници). Во трезната група приближно половина испитаници опишале блиска смрт, а другата половина зборувале за настан кој ги променил, некакви вонтелесни искуства кои не го доведувале нивниот живот во опасност.
Извештаите покажаа дека двете групи чувствувале помала анксиозност поврзана со смртта после нивното искуство, иако постоеле интересни разлики како помеѓу двете групи, така и во рамки на самите групи. На пример, луѓето од трезната група почесто го опишувале своето искуство како „најзначаен настан во животот“, во однос на оние кои биле под дејство на психоделици. Исто така, постојат благи разлики во рамки на психоделичната група, кои се предизвикани од различни ситуации во кои земале дроги.
„Иако статистички ги контролираме демографските разлики, ајахуаската почесто се користи за време на церемонии, во групи, така што можеби постои поголемо очекување на некое метафизичко спознание“, објасни Грифитс. „Можеби навистина постојат разлики, но мислам дека е тешко да се раздвојат“.
Вреди да се прочита истражувањето заради разбирање на суптилните карактеристики на овие искуства, како средба со појава која може да се опише како „Бог“, како и значајните начини на кои овие случувања го промениле погледот на живот на испитаникот, и најважното за ова истражување, погледот на смртта.
Најпосле, Грифитс и неговите колеги се надеваат дека резултатите од ова истражување ќе претставуваат напредок во лекувањето на луѓето кои страдаат од страв и грижа околу смртта со помош на психоделични супстанци како што е псилоцибинот.
„Од терапевтски аспект, се надевам дека употребата на овие супстанци за лекување на анксиозноста поврзана со смртта со текот на времето ќе бидат одобрени“, заклучи Грифитс. „Тоа е важно, зашто сите сме смртни. Многумина од нашата култура ќе искусат егзистенцијална криза и ќе бидат многу вознемирени, и токму тоа е мошне применлива медицинска индикација“.
Превод: Алек Кузмановски
Слики: Jon Carling
Извор: https://www.vice.com/