1023 hPa
100 %
7 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 23:59
Во нормалните држави разидувања меѓу политички визии на довчерашни сопартијци, соработници или партнери се најнормален дел од демократијата.
Кога имате разидувања на визии, ама не за политика, туку за математика, јасно е дека практиките од нормалниот свет се тешко спроведливи.
Но, забележете ве молам и еден друг момент, настрана ова тендерскава сага на градоначалничката, која и без тоа владее катастрофално.
Тоа е околу демократијата. Оти не е вака само за операции со математичка позадина.
Тука веднаш се гледа како функционираат партиските структури во сиот нивен раскош.
Имате група на луѓе, илјадници луѓе кои до вчера, ама буквално до вчера постилале рози пред партискиот избор за наеднаш да немаат проблем да постелат и трње.
Ама за да се има став, партијата прво треба да го каже. Ако смее да се аплаудира ќе се аплаудира, ако треба да се критикува, море ќе се прави тоа од дното на жолчката, ако партијата се уште не знае кај ќе тера, мудро се молчи или се фаќа сеир (ова второто се разбира само похрабрите).
Па нели е ова просто претажно?
Добар е потегот, вели лидерот.
Сите гласно: Дооообар е.
За два часа: Не, никако не чини.
Ајде сите: Браво лидере, не чини! Никако не!
Лидерот: А не, сепак е добар.
Членството: Како бре добар, најдобар е, мудрецу наш единствен!
Не го зборувам ова со потсмев, искрено. Го зборувам со тага и просто со една тешкотија што сме дозволиле партиите да ги газат граѓаните и нивното достоинство.Замислете длабоко во себе да поддржувате нешто, некого, човек, ситуација, а да мора да фрлате дрва и камења. Или обратно.
Нема поголем пораз за една демократија од состојба во која граѓанинот калкулира со својата поддршка или глас, ги мери на кантар и ги продава. Во име на што?
Дали ова е резултат на системот или самиот систем е последица од ова сфаќање на политиката, во кое е силно инвестирано, заедно со едно уништено образование и еден слаб информативен систем, тоа е прашањето!
Ама не ни треба одговорот за да сме начисто дека ни треба достоинствена политика, со култура, со знаење и со интегритет, политика во која ќе се почитува поединецот и неговото право на различно мислење од толпата. Ова е толку суштински.
Само таква политика ќе изгради достоинствена Македонија.
Фотографиите се од филмот Keep Your Right Up (1987) на Жан Лик Годар (1930-2022)