Жан-Лик Годар, великанот на францускиот нов бран, почина на 91 година

14.09.2022 11:37
Жан-Лик Годар, великанот на францускиот нов бран, почина на 91 година

Француско-швајцарскиот режисер беше клучна фигура во Новиот бран во кинематографијата, движење кое направи револуција во филмот во доцните 50-ти и 60-ти години, и меѓу другото ќе остане запаметен по кршењето на дотогашните правила, импровизираниот стил на снимање, како и по неговиот неуморен радикализам.

Жан-Лик Годар e роден во Париз во 1930 година, a пораснал и се школувал во Нион, на брегот на Женевското езеро во Швајцарија. По дипломирањето во Швајцарија, Годар во 1949 година се враќа во Париз каде пронашол природно живеалиште во интелектуалните „кино-клубови“ кои во тоа време, по војната, го доживувале својот процут во француската престолнина.

По средбата со критичарите Андре Базен и идните колеги-режисери Франсоа Трифо, Клод Шаброл и Жак Ривет, Годар почнал да пишува за нови филмски списанија. Тој уште од самиот почеток имал бунтовничка нота, бранејќи го традиционалното холивудско снимање филмови за подоцна да се покаже како столб на францускиот нов бран.

Сцена од филмот À bout de souffle (Без здив) на Жан-Лук Годард

Годар се појавува на сцената со култниот À bout de souffle (Без здив) од 1960-тите, со што започнува неговата кариера полна со филмски изданија кои ги преправаат досегашните правила на филмот и понатаму влијаат на режисерите од Мартин Скорсезе до Квентин Тарантино. Неговите ѕвезди Жан Себерг и Жан Пол Белмондо станаа гламурозни на еде нов, лежерен начин; додека камерата постојано се движеше, монтажата беше брза и смела, а сценариото беше полуимпровизирано.

Неговата екипа ја вклучуваше данската манекенка Ана Карина, која се омажи за Годар во 1961 година и продолжи да се појавува во голем број од неговите најуспешни филмови. Таа играше танчерка од ноќен клуб кој aсака бебе во филмот од 1961 година Une Femme est une Femme (Жената е жена); млада париска проститутка во филмот Vivre sa vie (Мојот живот да живеам) од 1962 година; и член на банда во Bande à Part (Банда аутсајдери) во 1965 година.

Потоа се појави Le Petit Soldat (Малиот војник) - иако филмот беше забранет до 1963 година, поради прикажување на тортура одобрена од владата.

Богатата низа влијателни филмови на Годар во 60-тите ги вклучува и Alphaville i Le Mépris (Презир).

На сетот на Alphaville i Le Mépris (Презир) - Брижит Барди и Жан-Лик Годар.

Филмот Презир, од 1963 година, со Брижит Бардо во главната улога, Скорсезе го прогласи за еден од неговите 10 омилени филмови. Тој е „еден од најтрогателните филмови во својата ера“, а Годар беше „големиот модерен визуелен уметник на кинематографијата“, напиша режисерот на „Таксист“ во 2014 година.

Приказните на Годар исто така ги измешаа времето и просторот, менувајќи ја идејата за фиксен наратив. Тој еднаш рече: „Приказната треба да има почеток, средина и крај - но не нужно по тој редослед“.

Годар вкупно снимил повеќе од 100 филмови, вклучувајќи ги Une Femme Mariée (1964), Pierrot le fou (1965), Masculin Féminin (1966) и Week-end (1967).

Во 2011 година, Годар добива почесен Оскар со посветата: „За страста. За спротивставувањето. За нов вид на кино.“

Жан-Лик Годар, таткото на новиот бран, почина во вторникот, 13 септември, со еутаназија (асистирано самоубиство), потврди член на семејството.

Неговата сопруга Ан-Мари Миевил и неговите продуценти ја потврдија неговата смрт, давајќи објаснување дека тој „умрел мирно во својот дом опкружен со своите најблиски“, во Роле, на брегот на Женевското езеро.

„Не беше болен, не беше блиску до смртта, едноставно беше исцрпен. Така тој донесе одлука да стави крај. Тоа беше негова одлука и му беше важно тоа да се знае“, вели близок на семејството за „Либерасион“.

Во Швајцарија, потпомогнатото самоубиство е дозволено, а Годар и претходно имаше најави дека планира да го заврши својот живот на тој начин, кога ќе дојде време за тоа.