Боршч: Руско-украинска „војна“ пред војната

14.09.2022 10:55
Боршч: Руско-украинска „војна“ пред војната

 УНЕСКО пресуди дека боршч е украинско национално јадење и го вброи меѓу нематеријалните културни добра на Украина. Русите на тоа реагираа луто и бесно. Не се работи само за храна, се разбира, туку за политика, национален идентитет, победници и губитници.

До пред неколку години, никој не можеше ни да претпостави дека Украина и Русија би можеле да се судрат околу едно јадење направено од зелка и цвекло, кое е широко распространето низ цела Источна Европа. Не со оружје, но „војната“ за боршчот започна многу пред Кремљ да ја започне „специјална операција“ против Украина, односно воената инвазија, или војна која некои ја толкуваат и како почеток на Третата светска војна.

Како започна „војната“ за боршчот? Во 2020 година, на предлог на познатиот готвач Евгениј Клопотенка, украинскиот парламент се обрати кон УНЕСКО со желба да го признае боршч како нематеријално културно богатство на Украина. Сепак, дури по руската инвазија на Украина на 24 февруари годинава, тоа барање беше прифатено со образложение дека рускиот напад врз Украина „се одразува негативно врз традициите на таа земја“. Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, се потсмеваше на одлуката на УНЕСКО, прашувајќи се што ќе се случи следно, „дали и свињите ќе бидат препознаени како загрозено украинско културно наследство?“ Русија, всушност, смета дека боршч е традиционално руско јадење. А така некако го паметам и јас, како руско национално јадење.

Боршчот како јадење се споменува уште во раниот среден век во Киевска Русија, што значи дека прашањето чие е јадењето со зелка и цвекло е старо речиси илјада години.

Не успеав да најдам информации за тоа како гласал претставникот на Србија во УНЕСКО кога боршчот и се „подарувал“ на Украина. Во Киев пак, министерот за култура Александар Ткаченко победоносно ќе соопшти: „Што се однесува до војната за боршчот, победата е веќе наша.“ Така, боршч во Обединетите нации стана второто признаено украинско културно наследство, после козачките народни песни. Москва тогаш не протестираше, не инсистираше дека Донските Козаци се нивни.

Да ме прашавте пред неколку дена што е боршч, ќе речев: „...тоа е кога ќе зготвите главица зелка, многу цвекло и се друго што сакате, во големо тенџере.“ На северот на Украина, на границата со Белорусија, во боршчот се додава мед, во Лавово - виски, а во Волинија, на границата со Полска, се додава свинска крв. Побогатите семејства дефинитивно ќе додадат месо, колбаси и сланина, а дали треба да се додадат и компири или не, често се зборувало на трпезите и на руските и на украинските гурмани пред војната. Во длабочините на Русија, во пространствата на Сибир, искрено се верува дека зелката и цвеклото се сосема доволни за пристоен боршч и дека не треба да се расипуваат со непотребни додатоци.

Ако ме прашате дали сум за Русија или Украина во овој спор, со гордост ќе кажам дека сум за Србија. Не сакам цвекло, но затоа сакам свадбена зелка! Во него не влегува само зелка, туку и свински копита, сланина, дури и јајца или суви ребра, говедско месо, сето тоа варено во земјен лонец ако е можно. Откако ќе зоврие, пожелно е да се крчка на тивок оган цела ноќ, а уште подобро, ноќе и дење, се додека ѕвездите повторно не светат на небесата.

Конфликтот за боршчот и за националните јадења всушност не е ништо ново. Словенија се искара до коска со Австрија за колбасите Карниола, со Хрватска за виното Теран, Австрија се караше сама со себе - односно постоеја две струи во Виена - за захер торта. Среќа што не отидоа по оружје.

Во Полска, боршчот е исто така многу распространето јадење, но Варшава не помисли да побара тоа јадење да се признае како полско национално културно богатство, не се мешаше во оваа битка. Сепак Полска тоа го направи со Русија кога се бореше за приматот над водката. Со добро се согласија дека тоа треба да се реши со меѓународна арбитража. Беа претставени многу различни вотки без назнака за потеклото, жирито не знаеше кој пијалок е чиј. Победник, на изненадување на сите, беше шведската водка Апсолут. Се произведува исклучиво во селото Ахус на југот од земјата, со користење на посебен вид зимска пченица од тој регион и вода од длабочина од 140 метри.

Компанијата што произведува Апсолут вотка во Ахус, повеќе не е ни во шведска сопственост. Во 2008 година ја купи познатиот француски концерн Pernot-Ricard за 5,6 милијарди евра.

Доколку немаше војна, прашањето за боршчот можеше да се реши на начин како што направија Полјаците и Русите во случајот со вотката. Се плашам само дека на пример би победиле Јапонците, ако учествуваат, кои како што велат многу експерти, покрај Шкотите и Ирците, го направиле најдоброто виски на светот.

Превод: Марина Туфекчиевска
Извор:
www.vreme.com