„Вечерен автобус“ - дебитантската збирка раскази од Стефан Алијевиќ

14.09.2022 14:10
„Вечерен автобус“ - дебитантската збирка раскази од Стефан Алијевиќ

Вечерва, 14 септември, во Ла Кања во Скопската чаршија, со почеток од 20 часот, ќе се одржи промоцијата на дебитантската збирка раскази „Вечерен автобус“ од Стефан Алијевиќ.

Стефан Алијевиќ (1991, Гевгелија), завршил додипломски студии на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на катедрите за Општа и компаративна книжевност и Англиски јазик и книжевност.

Како што објаснуваат издавачите, збирката прави пресек на нашето време и општество, со цел да расветли одредени зафрлени слоеви, и во тој контекст, главните ликови често доаѓаат од самите маргини на општеството. Севкупно, расказите третираат теми како различностите помеѓу луѓето, нееднаквоста, срамот од личниот идентитет, деградацијата, стеротипите и сегрегацијата на одредени поединци во општеството (како на пример лицата со посебни потреби или сексуалните малцинства). Наративот е во директен костец со предрасудите и ограничените погледи на светот.

За книгата, која е издание на издавачката куќа „Или-Или“ ќе зборуваат промоторите Јана Медиќ и Петар Андоновски.