Македонија ќе ја нема на мапата!?

15.09.2022 12:03
Македонија ќе ја нема на мапата!?

Од почнувањето на руско-украинската војна, над Западен Балкан сè повеќе има црни облаци и силни ветришта што постојано ги менуваат правците на политичките патокази за регионот. Врие од тензии: Србија-Косово, Северна Македонија-Бугарија, политичка нестабилност во Црна Гора, иницијативи во Санџак и Војводина, внатрешна поларизација во Албанија, хронични проблеми во БиХ. А организирани структури на руската шпионажа има во секој дел од Балканот. Руско упатство за користење мозок има во сите регионални држави. Регионот врие од руски штали за одгледување балкански „тројански коњи“. На Русија не ѝ требаат тенкови во Западен Балкан, туку само дополнителна тензија за регионот да стане нестабилен, велат од Американскиот институт за претприемништво во Вашингтон.

Перманентните тензии во регионот и нивното игнорирање од ЕУ претставуваа одлично гориво за руските дестабилизирачки дејства. Брисел со години го имаше загубено патот во сопствениот двор оти со ригидни ставови кон Западен Балкан се чини дека тие самите широко ги отворија големите врати за Русија, која изгледа „успешно“ ја пополнуваше таквата темна европска ментална празнина. А при таква темнина сите мачки се црни! Сè повеќе овдешната јавност почна да сфаќа дека залудно е да се пее за глуви уши.

Путин и пред последниот конфликт со Украина беше присутен во балканската таверна. Дури се наметнуваше во посредувачка мисија во регионот. Тој пред пет години почна со поинаква политика, односно не како бранител на Србите во регионот и противник на албанскиот, босанскиот и на црногорскиот фактор, туку како помирувач меѓу нив. Дури и како албанско-српски „помирувач“! Тој дури еднаш се сретна и со тогашниот претседател на Косово Хашим Тачи, кој (според „Риа новости“) го поканил Путин да ја посети Приштина!

За време на владеењето на Трамп, Западен Балкан беше сосема маргинализиран од САД, кои тешко го наоѓаа регионот на географската карта. Во тоа време францускиот претседател Макрон јавно кажа дека нема да потроши ни грам политички капитал за интегрирање на Западен Балкан во ЕУ. Регионот се чувствуваше како напуштена Црвенкапа која, талкајќи низ шумата, стасува до пештерата на лошиот волк.

Според изјавата на првиот човек на Центарот за либерална стратегија во Софија, Иван Крастев, дадена пред три години за „Њујорк тајмс“, Европа не треба да биде изненадена ако Русија наскоро создаде своја мапа за нормализација на српско-албанскиот спор, со цел нејзино поголемо присуство во регионот. Веднаш стана јасно дека тогашната посета на Путин на Белград ги немаше како цели само орденот „Александар Невски“ или кучето по име „Паша“.

Тогаш „Њујорк тајмс“ излезе со наслов: „Ако ЕУ го отфрли проширувањето со земјите од Западен Балкан, регионот ќе стане опасна путинистичка арена“. А неодамна и престижната иницијатива „Германски Маршалов фонд“ анализираше дека, „додека ЕУ, особено Германија, се противи на размената на територии во Западен Балкан, Русија веќе преговара во тајност за тоа“. Не е случајно што Русија во овај регион во континуитет испраќа првокласни дипломати, додека целиот процес е следен од моќниот „Спутник“, што го сочинуваат голем број српски медиуми (Информер, Блиц, Б92, Курир, многубројни телевизии итн.), кои го подготвуваат јавното мислење.

Mакедонија работи против себе

По промената на името, Северна Македонија брзо стана полноправна членка на НАТО. Ова беше историски чекор во полза и на надворешната и на внатрешната стабилност на земјата. Договорот од Преспа и Договорот со Бугарија директно значеа брзо отворање кон иднината, но последниот документ дополнително бил проблематизиран од Бугарија, а со помош на проруските структури во Македонија. Тие во име на заштитата на македонскиот идентитет, директно работеа за руските проекти за дестабилизација на регионот. Што е најчудно, во тие тајни руски проекти за прекројување на државните граници, Македонија ја нема во мапата. Веројатно Русите мислат дека таа треба да се подели помеѓу соседите! Оттука, фрлање дрвја и камења кон Бугарија, колку и да е тоа оправдано со оглед на нејзиниот непринципиелен пристап кон македонската нација, сепак тоа ја помага политиката на самоуништување. Секој што нешто разбира политика, добро знае дека во природното друштво Русија, Србија и Бугарија, Македонија може да служи само како вкусен десерт!

За жал, во ваков опасен проект за докрајчување на Македонија, свесно или несвесно, како најголем „сојузник“ се наметнува најголемата опозициска партија. Таа партија добро знае дека за да владеете со луѓето полесно, подобро е да ги користите нивните маани отколку нивните доблести. Оти, често обичните луѓе повеќе преферираат сто радосни лаги отколку една тажна вистина! Кочењето на уставните измени се главен адут на кој силно се аплаудира во Москва.

Наместо отворањето на тие бугарски културни клубови кај нас да се користи за дискредитација на бугарската политика кон нашата држава, тие цело време трубат за бугаризација на македонската нација, што само по себе е многу навредливо првенствено за сопствената нација – оти таа не поседувала доволно стабилен идентитетски капацитет! Личностите како Ванчо Михајлов и цар Борис Трети се како „кец на десетка“ во полза на паметната македонска политика. Луѓе што соработувале со нацизмот при уништувањето на македонските Евреи, се главни адути за негирање на македонската нација! Нема поголема бугарска автодискредитација од тоа. Но, наместо да го користат тоа, едни се нафатија да блокираат Бугарите да влезат во Уставот, со што прават нивната терапија да биде многу поопасна отколку болеста за државата!

Со одбивање на поддршката за уставни измени, ВМРО-ДПМНЕ им прави дебела услуга на бугарските негатори, кои посакуваат државата да остане надвор од ЕУ, со што во блиска иднина, во услови на сиромаштија, луѓето масовно би се иселиле, а државата би се поделила помеѓу соседите. Оти, штом Европа не доаѓа тука, тогаш самите луѓе би отишле таму. А нивната држава ќе наликува на напуштена куќа, која ќе моли некој да ја насели.

Оттука е логично што таквите „патриоти“ се ептен моќно оружје за масовно уништување на сопствениот народ. Всушност, излегува дека тие се најмоќното руско и бугарско оружје во нивните напори да ја обезглават државата, која потоа нема да знае на каде да тргне. А кога не знаете каде одите, сите патишта водат натаму!

Руските разузнавачки кругови силно се инфилтрирани во повеќе овдешни политички и граѓански организации, дури во многубројни медиуми, па се чини дека тие контролираат добар дел од јавноста. Фронталните настапи на значајни личности од партии, академици, „независни“ интелектуалци, невладини функционери и истурени медиуми, копаат длабока бездна за слободен скок на милиони невини и наивни луѓе, кои предоцна ќе разберат дека не се на високото небо туку во длабока земја. Затоа треба што поскоро да се спречи државата да се третира како онаа глупава мачка Херкулес, која пред илузорните огледала верува дека е тигар!

Русија си го гледа исклучиво својот интерес

Дека на Русија ич не ѝ е гајле за нејзините овдешни обожаватели, докажано е десетина пати во последниве 50 години. Тоа најдобро го знаат Србите. Да се потсетиме на изјавата на Путин дадена на 26 април годинава, кога рускиот претседател го спореди Косово со два сепаратистички региона во Украина, Доњецк и Луханск (попознати како Донбас). Тука, секако влегуваат и Крим и Јужна Осетија, кои со години се под руска окупација и анексија.

Ова беше прокоментирано како братски руски нож во грбот на Србија. Оти, „ако Косово може, тогаш истото ќе важи и за Доњецк и Луганск“. Путин уште кажал дека „кога Косово прогласи независност, Меѓународниот суд на правдата, под притисок на западните земји, одлучи дека во согласност со Повелбата на ОН, кога дел од државата прогласува независност, нема потреба да бара согласност од централната власт. Тоа значи дека републиките во Донбас не мораа да бараат дозвола од Киев“. По ваквите изјави се вели дека поранешниот амбасадор на Србија во Белорусија, Среќко Ѓукиќ, пуштал солзи, бидејќи „Србија го губи Косово“. Тој во изјава за „Ал Џезира“ потсети дека Путин редовно го користи Косово за свои интереси.

Последно, пред неколку денови, портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека „Москва бара да се почитуваат сите права на Србите на Косово“, со што се докажува дека тие тамошната состојба ја третираат како релација помеѓу косовската држава и српското малцинство. Русија ќе продолжува да работи со сите свои сили за дестабилизација на Западен Балкан, со цел да го дефокусира она што ѝ се случува како неуспех во Украина. Наскоро се очекува Украина да поврати голем дел од окупираната територија. Русите почнаа да бегаат од Херсон. А ако Русија успее да го дестабилизира Западен Балкан, тогаш нејзе ќе ѝ биде многу полесно да ја заврши војната со Украина со подобри резултати, во споредба со сегашните кога таа е пред пораз.

Да се престане со хистеризација

Тука, колку што памтам, се хистеризира за сè, без да се погледне во огледалото. Хистерија кон Грците, потоа кон „платформата“ на Рама, потоа кон Бугарите итн. Хистеријата е најлош сојузник на еден народ. Неодамна се поведе хистерија што десетина луѓе го исвиркаа македонскиот јазик, а самата вмровска кампања со месеци испраќаше негативни пораки кон Албанците. Ако садиш трње, нема да никнат ружи. А само пред три месеци во селата со Албанци во околината на Гостивар на манифестации на повеќе детски културно-уметнички друштва, македонските друштва беа пречекани со големи аплаузи и со македонско знаме, а тоа никој не го објави!

А хистеријата продолжува со дебилна приказна дека Македонија ќе стане членка на ЕУ, ама Македонците ќе исчезнат, македонскиот јазик ќе исчезне! Македонците ќе се „бугаризираат“! А сите други што живеат во Македонија, ќе останат со своите идентитетски посебности. Поглупаво, здравје! Тоа води кон тоа Македонија да ја снема самоволно! Оти државата можете да ја спасите од секој друг, освен од неа самата и од самата себе. Кога Милошевиќ инсталираше хистерија, загинаа повеќе стотини илјади невини луѓе.

 

Слики: Peter Newell - The Slant Book (1912)

Извор за текстот: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото