Фред и Алфред, и други песни

16.09.2022 11:10
Фред на обед кај Алфред

 
Фред на обед кај Алфред

Кај мојот сосед Алфред

(угледен и малце просед)

на поседот со раскошен дрворед

(низ кој поминав со велосипед)

дојдов на летен излет.

Сега, сред двосед, под клима-уред

(Алфред во мигов е во тоалет)

се трудам да опишам изглед

на обед што наликува на обред

(пишувањето, свесен сум, во налет на полет

може да прерасне и во оглед).

Со малку поблед поглед (од климата)

и со блага жед пред масата вршам преглед

на прехрамбен сплет, по овој след,

наизглед до недоглед:

првин имаме за грицкање семки и сончоглед,

па диња, пршут, маслинки, ореви и мед,

па хумус,  сирења, печива и домашен леб,

па сместен во дражесно котле

ни доаѓа котлет во комплет со омлет

(котлетот во котле по себе заслужува барем куплет)

и најпосле, сред коцки од шарен лед, во сладолед,

сред масата слетува импозантно наполнет дебел лебед!

 

 

Кој цеди мозолчиња, и зoшто

Масер на боксер патемно му цеди митесер.

Сервисер на рекети исто патемно на тенисер му цеди митесер.

Месар во миксер, за дресинг, цеди митесер.

Сер во школка со бисер, исто за дресинг, цеди митесер.

Дресер на коњи од суеверие во кожен несесер цеди митесер.

Видеомиксер на режисер од зафрканција му цеди митесер.

Хирург-швајсер со ласер на носорог му цеди митесер.

 

 

Гатање во џем од багрем, + мелем

Кален калем,

алем камен,

амблем ален.

***

Нем, на трем:

Тотем, сосем.

***

Набеден, не беден!

Проблем решен во тандем

(барем не во харем).

***

Бедем од бадем.

Мелем од крем & натрен.

Џем од багрем, меден.

***

Елем, патем, потем,

подем голем, ептем.

***

Џанам џенем јок.

 

 

Караконџола со гладиола

Упицанета

караконџола во гондола

лапа ролат со горгонзола.

Voila!

 

Слики: Lisbeth Zwerger

ОкоБоли главаВицФото