Нова медиумска стратегија на Викиликс

26.01.2011 11:46
Нова медиумска стратегија на Викиликс

Викиликс се надева дека во наредните три месеци ќе успее да придобие околу 60 медиумски организации кои би ги објавувале доверливите американски документи, изјави Џулијан Асанж за агенцијата AP.

Асанж наведе дека Викиликс веќе соработува со 20 медиумски партнери, меѓу кои се наоѓаат и весниците како The New York Times и Guardian, кои му пружија поддршка од самиот почеток.

„Се бориме максимално да ги пласираме материјалите кои ги поседуваме“, рече Асанж во телефонското интервју за AP во кое ја откри својата нова медиумска стратегија.

Викиликс досега објави 2658 дипломатски преписки на својата страница, што претставува само 1% од вкупните 251 287 доверливи документи. Асанж наведе дека британските весници Times и Guardian, шпанскиот El Pais, францускиот Le Mond и германскиот Der Spiegel сè уште треба да „поминат“ низ сите документи, иако не прецизираше уште колку од нив останале непрочитани.

Високи американски официјални лица го обвинија Асанж за начинот на кој ги објавува документите, но тој рече, со исклучок на некои случаи, дека е задоволен од текот на целиот тој процес. Асанж моментално се наоѓа на условна слобода во В. Британија и го чека судското рочиште за испорачување на Шведска каде што е обвинет за сексуално малтретирање на две жени.

Асанж истакнува дека објавувањето на доверливите документи кои се однесуваат на одредени земји во избрани локални весници ќе влијаат тие да излезат во јавноста побрзо отколку претходно. Асанж појасни дека тоа може да се постигне така што во земјата во која на власт се конзервативци ќе ги дадат на објавување во левичарските весници и обратно. Тој додава дека сите нови медиуми ги прифатиле истите правила кои првобитно биле договорени со Times и останатите весници.

Од весниците се бара да ги отстранат потенцијално опасните имиња или тајни кои би можеле да ги загрозат животите на луѓето, а потоа обработените документи да ги испратат до Викиликс, кој за возврат ќе го ускладува нивното објавување со новинарските статии.

Извор: e-novine

ОкоБоли главаВицФото