Аларм на пазарот за енергија

19.09.2022 01:17
Аларм на пазарот за енергија

Денот кога Лиз Трас стана премиерка, неколку новинари понудија „ексклузивни“ увиди во нејзиниот план за решавање на енергетската криза. Но плановите кои ги опишаа суштински се разликуваат. Во еден Трас има намера да потроши 75 милијарди фунти за компензација на дистрибутерите на енергија заради ограничувањето на цената, во друг да го префрли товарот на потрошувачите и да ги принуди да се задолжат долгорочно, а во трет сè да финансира со задолжување на државата.

Наскоро ќе знаеме што одлучила. Засега е извесно дека пазарот на енергија - чудовиштето кое го создаде државата за да им помогне на енергетските компании кои никогаш не ни требаше да се приватизираат - наскоро ќе престане да функционира.

Кога државата ќе почне да ја регулира големопродажната цена на енергијата, да им исплатува надоместоци на посредниците и да ги ограничува цените кои ги плаќаат потрошувачите - не само домаќинствата туку и пабовите, пералниците и домовите за стари лица - „пазарните сили“ заминуваат во светот на фикцијата. Проблемот е во тоа што не постои пазарно решение за ваквата криза, како што не постои пазарно решение за цунами. Цените растат вртоглаво зашто нема доволно енергија. Нема доволно енергија зашто Владимир Путин ја прекина испораката на гас. Се наоѓаме среде енергетска војна и останавме без опциите кои ги имаме во доба на мир.

Ториевците можеби нема да го кажат тоа гласно, но нивните потези покажуваат дека и тие почнуваат да сфаќаат што се случува. Ако сакаме да имаме доволно електрична енергија, да го поттикнеме користењето нуклеарни електрани и обновливи извори, и притоа да ги задржиме цените под нивоата кои ги наметнуваат законите на понудата и побарувачката, потребна е интервенција со која ќе се суспендира дејствувањето на пазарните сили.

Изгледа дека лабуристите ги добија првите две рунди во оваа политичка дебата. Прво, кога Риши Сунак на местото министер за финансии се согласи со воведување вонреден данок и повторно кога Лиз Трас го поддржа замрзнувањето на цената на енергијата за домаќинствата. Овие победи, иако симболични, имаат значајна политичка тежина. Лабуристите први понудија решение, а планот за замрзнување на цените кои ги објавија Кир Стармер и Рејчел Ривс, министерка за финансии во сенка, беше јасен, едноставен и втемелен на универзалистички начела.

Според планот кој го нудат лабуристите ограничувањето на цената би им донело корист на сите, а не само на сиромашните. Тоа е повеќе од чин на социјална солидарност. Планот поаѓа од идејата дека универзалното ограничување на цената би помогнало да се сузбие инфлацијата и така донекаде да се намалат трошоците за задолжувањето.

Премиерката Лиз Трас

Повеќето гласачи не ги разбираат сите детали, но јасно им е дека според планот на лабуристите нивните сметки за енергија би биле замрзнати и дека разликата во цена би паднала на товар на гигантите од нафтената и индустријата за гас преку укинување на даночните исклучоци кои ги добија под заслуга на Риши Сунак. Накратко, станува збор за добра политика и добра економија. Сега е предизвик да се избориме за прифаќање на таквите начела во дебатите кои ќе се водат по повод поголемиот и поопфатен енергетски пакет кој во моментов го подготвува Трас.

Трошокот од ограничувањето на цената за домаќинствата на просечен износ од 2 500 фунти годишно во следните две години, се проценува на 75 милијарди фунти. Но на домаќинствата отпаѓаат само 40 проценти од потрошувачката на енергија во Велика Британија. Ако се вклучат фабриките, малите претпријатија, болниците, домовите за стари лица и училиштата, сметката би изнесувала 188 милијарди фунти.

Прашањето е кој ќе го плати тоа и кога? Работниците или капиталистите? Сега или во иднина? За сета создадена вредност која се мери во годишниот БДП постојат само две конечни одредишта: надници и профит. Се очекува реалните заработки наскоро да почнат да паѓаат побрзо од кога било претходно откако се мери нивното движење. Од друга страна, профитите растат вртоглаво. Ако се препуштиме на силите на пазарите, кризата што доаѓа неизбежно ќе донесе еден од најголемите трансфери на богатството во корист на најбогатите.

Начелото дека трошокот од ограничувањето на цената на енергијата треба да падне на товар на корпорациите, преку повисоки даноци и укинување дивиденди, а не на товар на работниците, преку повисоки даноци, кратење на буџетот за јавни услуги и опаѓање на реалните заработувачки, очигледно е социјалистичко. Но го прифаќаат и умерените социјалдемократи како што се Стармер и Ривс.

Иако засега тоа е помалку очигледно, во одреден момент и конзервативците ќе мораат да го усвојат и применат. Природниот инстинкт им вели дека трошоците од кризата треба да се префрлат на работниците и дека тоа треба да се направи веднаш, преку намалување на надницните, зголемување на данокот и кратење на буџетот за јавни услуги. Но се чини дека и десницата која се колне во слободниот пазар сфаќа дека ако банкротираат домаќинствата ќе мораат да банкротираат и сопствениците на нивните хипотеки, а по нив и хеџ фондовите чии шефови се собираа на забавите кои ги организираше Лиз во Мејфер.

Во Британија и цела Европа капитализмот се соочува со баучот на контролата на цените, вонредните даноци, па дури и национализацијата. Затоа минатата недела Алистер Хит, уредник на Сандеј Телеграф, предупреди дека „енергетската војна која ја води Русија ги турка Европа и Обединетото Кралство во економски крах и социјализам“. Во меѓувреме, Изабела Каминска, новинарка која веќе долго ги следи финансиите и го уредува блогот Блајнд Спот, пишува: „не разбирам како е можно пазарите да остануваат толку смирени пред можноста мнозинскиот дел од европскиот капиталистички систем да биде национализиран. Наместо 'право на купување', загрозените сопственици на домови и малите претприемачи би можеле да добијат 'право на продажба' на имотот на државата“.

Накратко, најдалековидите поборници на laissez-faire капитализмот сфаќаат дека ова не е минлив ексцес туку историски момент во кој суетите од ерата на слободниот пазар ќе изгорат на кладата на државните интервенции. Обидот товарот од енергетската криза да се стави на грбот на работниците, малите претпријатија и потрошувачите би ја срушил економијата. Затоа сите предлози кои пристигнуваат од кругот околу Лиз Трас вклучуваат доставување на сметката на некои идни даночни обврзници.

Една од можностите, порачува ториевската десница, е државата да се задолжи како во воена доба, и тие пари - да речеме 75 милијарди фунти - да им се предадат на енергетските компании како надомест за загубата заради ограничувањето на цената. Друга опција која ја разгледува Трас е задолжување на самите потрошувачи, со што секое домаќинство во Велика Британија би се оптоварило со повеќедецениски долг сличен на долговите на студентските кредити.

Одговорот на лабуристите мора да ги вклучува следните темелни начела: прво, ограничувањето на цената треба да биде универзално, со евентуална дополнителна помош за најсиромашните домаќинства. Потоа, државната помош која им се пружа на компаниите од приватниот сектор мора да подразбира стекнување соодветен удел во сопственоста или целосна сопственост. Трето, каква интервенција и да се избере, нејзинот конечен исход мора да биде редистрибуција од најбогатите во корист на сите останати.

Исто така, не смееме да се откажеме од долгорочната посветеност на промени во начинот на производство и користење на енергијата со кои ќе ја прекинеме зависноста од фосилните горива и тоталитарните држави кои ги извезуваат. Имајќи ја предвид рецесијата што доаѓа предизвикана од енергетската криза, лабуристите релативно лесно би можеле да го бранат следниот предлог: воведување вонреден данок на добивка по стапка од 95 проценти за компаниите кои работат со нафта и гас, со цел покривање на трошоците од замрзнувањето на цените и евентуално дополнително задолжување на државата за инвестиции во нуклеарна енергија и термоизолација на домовите.

Но, како што реков, потребни ни се и структурни промени во сопственоста и управувањето, почнувајќи од државните лиценци за производителите на нафта и гас. Државата би морала да поседува „златна акција“ во секоја од компаниите кои работат на нафтени и гасни бушотини во Северното море за со своите управувачки права да може да издејствува одвојување на домашната големопродажна цена од цената на светскиот пазар.

Така директно би се субвенционирал целиот ситем, од компанијата Центрика до сметките за електрична енергија за пабовите и домаќинствата. Покрај тоа, би било праведно и логично да се национализираат малопродажните компании и националната дистрибутивна мрежа.

Инвеститорите ќе тврдат дека се жртви на „експропријација“ и ќе бараат обештетување според меѓународните договори. Но во тој случај ќе можат да застанат на крајот од долгата редица, зашто истото ќе се случува ширум Европа и светот сè додека Путин е во позиција да нè уценува со испораката на гас.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://www.newstatesman.com/

ОкоБоли главаВицФото