Дефицитите на „акционерската демократија“

21.09.2022 02:37
Дефицитите на „акционерската демократија“

Маграрет Тачер тврдеше дека акционерската демократија на луѓето би им дала можност да имаат поголем удел во економијата и компаниите за кои работат. Истовремено го девастираше британскиот повоен договор и ја приватизираше националната индустрија, одземајќи ѝ ја власта на државата и предавајќи им ја на акционерите. Сепак, и покрај тенденцијата на Тачер за нација на домаќинства кои поседуваат акции, поединечните приватни вложувачи паднаа од повеќе од 50 проценти од вредноста на акциите во Обединетото Кралство од средината на шеесеттите на помалку од 14 проценти денес. И покрај тоа, останува аргументот дека луѓето имаат корист од дивидендата преку своите пензии; ако компаниите работат добро и исплатуваат големи дивиденти, тогаш добиваме сите, зашто тие дивиденди ги плаќаат нашите пензии.

Меѓутоа, најновите наоди од нашето истражување со ТУЦ и Комон Велт покажуваат дека, додека растеа акционерските дивиденди, уделот кој се одовјува за пензии е значително намален во последниве децении. И покрај тоа, мал процент луѓе во Обединетото Кралство главно имаат корист од акционерските дивиденди, а огромното мнозинство немаат никаква корист.

Иако сè повеќе луѓе имаат корист од повратот на акциите, компаниите им дадоа приоритет повеќе од кога било. Поголеми износи пари одат кај акционерите кои алтернативно би можеле да се распоредат за плати за работната сила, вложувања во истражување и развој и изградба на отпорност од надворешни шокови како што е Ковид-19. Помеѓу 1997 и 2020 година дивидендите пораснаа како удел во добивката пред оданочување во компаниите со ФТ350 индекс, додека во истиот период инвестициите паднаа. Приходите на акционерите во компаниите со ФТСЕ100 индекс се зголемија за 56 проценти помеѓу 2014 и 2018 година, додека просечните заработки пораснаа за само 8,8 проценти (двете номинално). Релативно вообичаено е компаниите да исплатуваат дивиденди кои ја надминуваат нивната вкупна добивка - тоа се случи во 27 проценти од случаите во компаниите со ФТСЕ100 индекс помеѓу 2014 и 2018 година.

Вообичаената одбрана на високите нивоа на исплати на дивиденди нè враќа на пензиите, најпосле, тие се вложуваат на берза. Но нашата анализа покажува дека во Велика Британија само мал дел од дивидендите и откупот отпаѓаат на пензиските фондови. Официјалните статистики бележат дека уделот на акциите во Обединетото Кралство кои директно ги држат британските пензиски фондови, падна од речиси една во три во 1990 година, на помалку од една во дваесет и пет до 2018 година - што е пад од над 90 проценти. Повеќето британски акции сега ги имаат странски вложувачи, при што се бележи пораст од 12 проценти во 1990 година на 55 проценти во 2018 година.

Нееднакво богатство

Освен директната сопственост на акциите, некои пензиски фондови директно поседуваат акции преку здружените фондови кои ги контролираат осигурителните друштва и управувачите со имот. Но дури и кога ќе се земат предвид овие вложувања, заклучуваме дека пензиските фондови од Обединетото Кралство директно или индиректно поседуваат помалку од 6 проценти од акциите во Обединетото Кралство. Приходите кои се остваруваат од пензиските штедења се мошне нееднакво распоредени и несразмерно го погодуваат богатото малцинство. И покрај тоа, распределбата на богатството на приватните пензии во Обединетото Кралство е мошне нееднаква. Дваесет проценти од најбогатите домаќинства според приходот, поседуваат 49 проценти од пензиското богатство.

Иако автоматското зачленување им овозможи пристап на поголем број слабо платени работници до работничка пензија, учеството сè уште е силно поврзано со приходот. Во пензискиот систем се вклучени малку повеќе од половината слабо платени вработени во приватниот сектор кои работат полно работно време. Всушност, најсиромашните пензионери во голема мера зависат од државната пензија, а не од приватната (лична или професионална) пензиска заштеда. За многу пензионери, а особено најсиромашните, данокот на добивка е поважен од дивидендата во однос на приходите од нивните пензии во корпоративна Британија. Индивидуалната сопственост над акциите е уште понееднакво распоредена од имотот на пензискиот фонд. Еден процент од најбогатите домаќинства поседуваат 39 проценти од вкупното индивидуално богатство кое се темели на акции - речиси исто колку и најсиромашните 80 проценти заедно.

Преиспитување на правилата

Овие наоди се клучни зашто економската политика на Обединетото Кралство речиси целосно се води од барањата на деловното лоби и поаѓа од претпоставката дека она што е добро за големиот бизнис е добро и за економијата во целина. Нашиот систем на корпоративно управување се потпира на надзор на компаниите во инвестициската индустрија. Се темели на тоа што вложувачите имаат потреба компаниите во кои вложуваат да бидат профитабилни и успешни и да се однесуваат во склад со интересите на поширокот општество, во склад со очекувањата на обичните штедачи кои најпосле ги претставуваат вложувачите.

Значи, какви се политичките импликации од овие сознанија?

Прво - мораме да го промениме законот за да се осигураме дека компаниите веќе нема да им даваат приоритет на интересите на акционерите наспроти работниците и работничките, своите клиенти, поширокото општетство и животната средина. Тоа бара преиспитување на директорските должности за да се отстрани актуелното барање според кое директорите мораат да им дадат предност на интересите на акционерите во однос на интересите на другите акционери.

Второ - треба да им се даде реална моќ и влијание на работниците и работничките. Работничките директори кои ги избираат самите работници, би требало да сочинуваат една третина од управата во сите компании со 250 или повеќе вработени. Синдикатите би требало да имаат пристап до работните места за работниците и работнички да можат да се информираат за предностите од синдикалното членство и колективното преговарање, по пример на системот кој е на сила во Нов Зеланд. Работниците би требало да имаат дополнителни права за полесно колективно да преговараат со работодавачите.

Сè додека имаме влада која веројатно нема да спроведе ниеден од наведените политички предлози, најдоброто што може да се направи, со надеж дека ќе го предизвика актуелното статус кво, е да се активираат во синдикат и да ги поттикнат своите колеги, пријатели и семејството да го направат истото. Оние што се активни во политички партии исто така би требало да ги користат достапните канали за да се осигураат дека тие политики се вградени во нивните манифести. Мораме да бидеме подготвени кога следен пат ќе има општи избори. Бидејќи јазот помеѓу јавните акционерски друштва и животот на работниците сè повеќе се продлабочува, работниците и работничките мораат да ја искористат својата колективна моќ за да направат пресврт во однос на овој тренд.

Ендру Спеке е директор за комуникации и надворешни работи во High Pay Centre think thank.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Pejac 

Извор: https://www.redpepper.org.uk/

ОкоБоли главаВицФото