Алцхајмеровата болест преку објективот на уметноста

21.09.2022 11:35
Алцхајмеровата болест преку објективот на уметноста

Aвтопортрети на британскиот уметникот Вилијам Утермолен кои го документираат неговото страдање од Алцхајмерова болест во период од 5 години.

Деменциите, од кои Алцхајмеровата болест е најчеста, постојат илјадници години. Терминот се однесува на група на болести каде мозочните клетки полека се уништуваат. Деменциите се манифестираат со комплексен сет на симптоми, особено поврзани со губење на меморијата. Се проценува дека Алцхајмеровата болест опфаќа до 70 проценти од случаите на деменција. Во САД, 6,2 милиони луѓе од сите возрасти имаат Алцхајмерова болест, а околу две третини од Американците со Алцхајмерова болест се жени. На глобално ниво, 44 милиони луѓе живеат со Алцхајмерова болест или сродна форма на деменција.

Влијанието на оваа болест врз квалитетот на животот на луѓето и врз економиите на земјите е исто така значајно. Се проценува дека во Соединетите Американски Држави, трошоците за здравствена заштита до 2050 година ќе ја чинат владата 1,1 трилиони долари.

Историја

Питагора (570-495 п.н.е.), грчкиот математичар и лекар, го поделил животот на неколку фази. Последните две одговараат на староста, а се карактеризираат со распаѓање на телото и регресија на менталните способности. Хипократ (460-370 п.н.е.) кој се смета за „Татко на медицината,“ верувал дека деградацијата на умот има органска причина. Платон (428-347 п.н.е.) и неговиот ученик Аристотел (384-322 п.н.е.) го сметале когнитивниот пад како неизбежна последица на староста. Маркус Тулиј Цицерон (106—43 п.н.е.) напишал дека „сеќавањето е ризница и чувар на сè“. Тој пак, верувал дека стареењето не мора да предизвика пад на менталните перформанси, освен кај оние со слаба волја.

Во средниот век, менталните болести се сметале за казна од Бога за направените гревови. Се верувало дека погодените биле опседнати од демони и дека биле предмет на лов на вештерки. Многумина од оние кои биле сметани за вештерки биле токму пациенти со симптоми на параноја, манија, шизофренија, епилепсија и деменција. Во 1797 година, францускиот лекар Филип Пинел го употребил терминот деменција како медицински термин. Неговиот ученик Жан Етјен Доминик Ескирол (1772-1840) изјавил дека „деменција е тоа што попреченостите се појавуваат во расудувањето, во интелектуалните способности и волјата, поради мозочни заболувања; тоа што се губи на уживаната живост и тоа што богатите стануваат сиромашни“. Во 1910 година, д-р Емил Краепелин (1856-1926), кој се смета за основач на научната психијатрија, ја категоризира деменцијата на сенилна и предсенилна деменција.


Питер Страјн

Како Алцхајмеровата деменција го добива својот идентитет

На 16 мај 1850 година, во работничко семејство во Касел, Германија е родена Огист Детер. Кога таа имала 23 години, се омажила за Карл Детер и се преселила во Франкфурт. Тие воделе обичен семеен живот, но кога Огист имала 51 година, таа почнала да покажува знаци на неконтролирано социјално однесување. Нејзиното сеќавање брзо се влошува, почнува да манифестира низа заблуди, да се соочува со несоница, но покажува и екстремно непријателство кон семејството и соседите. Нејзиниот сопруг ја однел во болница, каде што лекарот и предлага да биде испратена во душевна болница. На 25 ноември 1901 година, таа била примена во душевната болница во Франкфурт. Таму била ставена под грижа на д-р Алоис Алцхајмер (1864—1915). Додека зборувал со неа, докторот сфатил дека нешто сериозно не е во ред со неа. Таа не можела да препознае секојдневни предмети како молив, цигара или клуч. Нејзините одговори на неговите прашања не само што биле повторливи и погрешни, туку се чинело дека таа брзо ги заборава. За жал, Огист била свесна за нејзината беспомошност, што ѝ предизвикало значителна вознемиреност. „Се изгубив себеси,“ ќе рече таа кога од неа ќе ја побараат да опише што се случува со неа.

Д-р Алцхајмер го дијагностицирал нејзиниот случај како „предсенилна деменција“ и одлучил да ја смести во соба за изолација. Подоцна, таа почнува да покажува влошени симптоми на деменција: губење на меморијата, заблуди, проблеми со спиењето. Таа дури и вреска со часови среде ноќ. Докторот ја нарекол нејзината болест „болест на заборавливост.“

Денес, знаеме дека Алцхајмеровата болест е прогресивно, дегенеративно нарушување во кое клетките во мозокот се оштетуваат, предизвикувајќи ги симптомите опишани погоре. Меѓутоа, во случајот на г-ѓа Детер, нејзините симптоми повремено влегувале во привремена ремисија. Трошоците за престојот во болница на г-ѓа Детер биле превисоки за нејзиниот сопруг , и тој побарал таа да биде преместена во поевтина установа. Д-р Алцхајмер потоа му предложи на г-дин Детер неговата сопруга да продолжи да се лекува во душевната болница во Франкфурт, а за возврат да ги добие сите медицински досиеја на г-ѓа Детер, како и да добие дозвола нејзиниот мозок, по нејзината смрт, да биде искористен за испитување и проучување, на што г-дин Детер дал согласност. Во 1902 година, д-р Алцхајмер го напушти „Irenschloss“ (Замокот на лудите), како што неформално била позната институцијата каде што работел, и се пресели од Франкфурт во Минхен преку Хајделберг на покана на д-р Емил Краепелин. Д-р Крапелин, го зел доктор Алцхајмер со себе како постар истражувач.

Д-р Алцхајмер често се јавувал во Франкфурт за да ја дознае здравствената состојба на неговата поранешна пациентка. По неговото заминување од Франкфурт, состојбата на г-ѓа Детер се влошила и подоцна таа станала неспособна да ги извршува основните секојдневни активности. На 9 април 1906 година, на д-р Алцхајмер му било кажано дека г-ѓа Огист Детер починала како резултат на септикемија, инфекција на крвта. Тој побарал веднаш да му бидат испратени нејзините медицински досиеја и нејзиниот мозок.

Анатомски промени во мозокот и симптоми на болеста

Кога го прегледал мозокот на г-ѓа Детер, д-р Алцхајмер открил сенилни плаки во невроните и заплеткувања во нервните влакна кои се белег на Алцхајмеровата болест. Тој открил истенчување на церебралниот кортекс, нешто што може да се најде кај нормален човек без нужно никакви очигледни знаци на болеста. Тој, исто така, открил дека е оштетен и регионот кој ја контролира меморијата, јазикот, размислувањето и расудувањето.

На 3 ноември 1906 година, на охрабрување на Крапелин, д-р Алцхајмер ги опишал своите наоди - меѓу нив и губењето на масата на мозокот и дегенерацијата на критичните области на мозокот - на Југозападно германското друштво на психијатри. Помеѓу симптомите што ги покажала г-ѓа Детер, тој го опишува нејзиното прогресивно когнитивно нарушување, халуцинации, заблуди и промени во однесувањето и социјалните врски. Сепак, неговите откритија не биле ентузијастички прифатени во академските кругови. Без страв, д-р Алцхајмер продолжува со своите набљудувања и ги објавува една година подоцна. Покажувајќи го своето восхитување кон својот поранешен ученик, во 1910 година д-р Крапелин го нарекува збирот на симптоми и анатомски наоди опишани од неговиот колега како Алцхајмерова болест.

Вилхелм II, кралот на Прусија, го кани д-р Алцхајмер да биде редовен професор на Универзитетот Фридрих-Вилхелм во Бреслау, денешна Полска. Меѓутоа, на патувањето до неговата нова дестинација, д-р Алцхајмер се разболел од болеста која довела до негова смрт - ендокардитис и откажување на бубрезите. Имал 51 година.

Д-р Алцхајмер зад себе остави вредно наследство, начин на корелација на анатомските лезии на мозокот со клиничките симптоми, нешто што претходно не било направено. Погребан е во Франкфурт, покрај неговата сопруга.

"Упорноста на меморијата" - Салвадор Дали

Фази на Алцхајмерова болест

Денес е познато дека овие промени во мозокот се манифестираат со промени во однесувањето кои минуваат низ неколку фази. Фазите не се јасно разделени и не мора да следат предвидливата прогресија. Тие може да бидат прекинати со кратки епизоди на очигледно подобрување на менталната состојба на пациентот. Во последната фаза, пациентот со Алцхајмерова болест станува целосно зависен од другите и многу основни способности исчезнуваат.

Луѓе погодени од Алцхајмерова болест

Алцхајмеровата болест може да ги погоди сите луѓе. Не прави социјални или економско класни разлики. Еден од најпознатите пациенти со Алцхајмер беше починатиот американски претседател Роналд Реган. Кога во 1994 година му беше дијагностицирана Алцхајмерова болест, тој напиша храбро писмо до американскиот народ:

„Мои сограѓани Американци... Неодамна ми беше кажано дека сум еден од милионите Американци кои ќе бидат заболени од Алцхајмерова болест… Сега го започнувам патувањето што ќе ме одведе до зајдисонцето на мојот живот“.

Меѓу другите познати личности кои имале Алцхајмерова болест се ирската писателка Ајрис Мардок, поранешните премиери Харолд Вилсон (Обединето Кралство) и Адолфо Суарез (Шпанија), актерката Рита Хејворт, актерите Чарлтон Хестон и Џин Вајлдер, блуз музичарот Б.Б. Кинг и кантри пејачот Глен Кембел.

***

Лек за Алцхајмеровата болест сеуште нема. Останувањето физички и ментално активни, сепак, може да го одложи и избегне почеток на болеста. Меѓутоа, постои причина за оптимизам, бидејќи се спроведуваат интензивни истражувања ширум светот.

21 септември се одбележува како Светски ден на Алцхајмеровата болест во текот на Светскиот месец на Алцхајмерова болест. На овој ден, здравствените организации ширум светот ги фокусираат своите напори на подигање на свеста за оваа болест.  Овој ден претставува можност да се едуцира, да се поттикне поддршката и да се демистифицира појавата на деменцијата. 

Превод: Марина Туфекчиевска
Извор: Meer

 

ОкоБоли главаВицФото