Како во 18 век една жирафа допатувала од Египет во Виена

21.09.2022 17:06
Како во 18 век една жирафа допатувала од Египет во Виена


A

ANIMAL MOVIES

Филмови во кои главни ликови се животните: King Kong (1933) Lassie Come Home (1943), Jaws (1975), Babe (1995), 101 Dalmatians (1996), Волк самотник (1972) итн. со безбројните цртани, куклени филмови и документарци.

 

Загреб, Виена, Вроцлав, 1966.

Студент сум на прва година филозофија и социологија на Филозофскиот факултет во Загреб. Како актер аматер играм во прет_ставата на Студентскиот експериментален театар Ars Longa, Vita Brevis.

Патуваме во Полска на првото меѓународно гостување. Виена е првата станица на тоа патување и мојата прва средба со Западот. Се фотографирам пред џиновско пано на кое бујна црнка рекламира градник на „Палома“. На соседното пано жирафа ги кани граѓаните на Виена да ја посетат зоолошката градина Шенбрун.

Во Вроцлав играме кај Гротовски. Таа иста вечер, неколку улици понатаму, Ида Каминска, главната актерка на Клосовиот и Кадаровиот „Продавница на корзото“, ја игра прошталната претстава и со тоа засекогаш го затвора последниот еврејски театар во Европа.

 

Загреб, 1982.

Со петгодишната Олга го гледам документарецот на Би-би-си за историјата на зоолошките градини. Во него велат дека првата европска градина со животни е отворена во виенскиот Шенбрун и дека жирафата била нејзиниот прв жител.

Неколку дена подоцна наоѓам податок дека во средината на осумнаесеттиот век владетелот на Египет, како владетелски подарок на кралевите им испратил две жирафи во Европа – една во Париз, друга во Виена. За тоа како патувала француската жирафа, по Медитеранот до Марсеј, а од него до Париз по мали канали, постојат многу документи и неколку книги. За патот на другата жирафа до Виена не постои документација или јас не успеав да ја најдам. Затоа и ја составив оваа приказна. Да ја имам, за секој случај, ако Олга ме праша нешто за таа жирафа.

 

Лос Анџелес, 1991.

Тоа воедно е и првата приказна која ја запишав во режисерскиот бележник.

 

 

Виена, 1752.

Царот Францис I за роденден добил необичен подарок. Како голем вљубеник во природата царицата среде Шенбрунскиот парк изградила стаклен дворец. Кралот во него секојдневно појадувал и поминувал долги часови уживајќи во погледот на паркот. Птиците пееле, дрвјата уредно растеле, статуите на грчките богови биле симетрично поредени, но царицата забележала дека на царот сепак нешто му недостасува, дека среде сиот тој рај му е бескрајно здодевно.

Некако во истото тоа време од далечната Африка во дворот стигнало писмо од капетанот Кенигсмарк. Тоа било проследено со цртеж на чудно животно и во него пишувало: „Ви испраќам цртежи од камелопардијалис, точно онаков каков што видов близу ’Ртот Добра Надеж. Верувам дека тоа животно не е видено во Европа уште од времето на Јулие Цезар, кој покрај него марширал во својата триумфална поворка 62. пр. Ис.“

Чудниот цртеж од чудното животно за кое стручњаците сметале дека настанало со вкрстување на камила и леопард, дошол до рацете на царицата. Така се родила идејата за доаѓање на камилолеопардот во Виена, идејата за создавање зоолошка градина околу стаклениот павилјон во царскиот парк, идејата со која царицата сакала да го развесели сè подепресивниот цар.

Но за царот за идниот роденден да го добие тој волшебен подарок, требало да совлада стотици и стотици речиси непремостливи препреки.

За тие препреки, за згодите и незгодите, за тој долг и тежок пат, за луѓето и животното кое денес секое дете едноставно го нарекува жирафа, зборува оваа приказна.

 

’Рт Добра Надеж, 1752.

Под водство на капетанот Кенигсмарк стотина домородци и десетина искусни ловци со денови ја ловеле големата жирафа. Кога конечно ја уловиле, ја однеле до за неа специјално преградениот брод.

 

 

Атлански Океан, Медитеран, Јадранско Море, 1752.

Со месеци два тони тешката и шест метри високата жирафа се влечкала по разбрануваниот океан, за потоа бродот да вплови во Медитеранот и мирното Јадранско Море. Жирафата дневно јадела по десет килограми луцерка, пет килограми специјално сушена трева, три кила зоб, буре сечкани јаболка, буре рендан морков измешан со детелина и сув леб. Капетанот Кенигсмарк со ноќи не спиел. Се грижел за жирафата, ја хранел, негувал. Нејзиното доаѓање во Виена за него било прашање за живот и смрт, прашање за чест и слава, можност за докажување на невозможното.

 

Риека, 1752.

Бродот конечно впловил во Риека, едно од најсеверните пристаништа на Јадранското Море. Од царска Виена сега збунетата жирафа и преморениот капетан ги делеле само 700 километри. Дури овде за капетанот Кенигсмарк, во моментот кога му се чинело дека најтешкиот дел од патот е совладан и дека славата му е на дофат на рака, почнале вистинските проблеми.

Храбриот капетан Кенигсмарк тогаш не го знаел она што денес секое дете може да го прочита: „Најголемиот проблем што зоолошките градини го имаат со жирафите е земјата по која таа може да оди. Повеќето животни помалку или повеќе одат по сè, но жирафите се поинакви. Ако земјата е претерано тврда, таа веднаш ќе се откаже чувајќи ја исклучително нежната долна страна на копитата. Ако земјата е премногу мазна, по неа нема да оди затоа што копитата ќе ѝ зараснат и ќе станат болни. Навистина, тешко животно!“

Единствениот можен пат по кој можеле да дојдат до Виена бил пат посипан со груби и, пред сè, остри камења. Шумите биле густи, планините стрмни, реките опасни. Жирафата по сето тоа едноставно не сакала да оди, а соодветно возило за неа не постоело. Разбирливо, затоа што сето ова се случува во средината на осумнаесеттиот век.

Роденденот на царот се приближувал, а Виена како со секој ден да била сè подалечна и подалечна.

Но капетанот Кенигсмарк дошол до спасоносна идеја купувајќи чевли. Од чевлар нарачал џиновски кожени влечки. На чевларот му требале неколку дена да ги сошие. Ѝ ги навлекле влечките на жирафата и таа конечно почнала да оди.

Кенигсмарк веднаш го изнајмил чевларот со целата негова работилница, направил за него и неговите чираци специјално возило, и караванот конечно можел да тргне.

 

 

Патот кон Виена, 1752 – 1753.

Влечките се трошеле на секои два до три дена. Чевларот и чираците деноноќно шиеле нови. Полека, но сигурно, расчистувајќи ја шумата каде што било потребно, зајакнувајќи ги мостовите кога биле преслабо изградени, заобиколувајќи ги алпските врвови и пробивајќи се низ снежни бури, караванот конечно се приближил кон Виена.

 

Виена, 1753.

На царицата ѝ олеснило. Роденденот на царот можел да биде прославен достоинствено. Во Виена стигнала половина Евро_па. Дошле да го видат царот, но чудната жирафа и капетанот Коенигсмарк сепак биле најголема атракција.

Тој ден сите сериозни книги го слават како роденден на првата зоолошка градина.

Покрај жирафата тука своите денови ги поминувал и капетанот Коенигсмарк. Тој единствен смеел да ѝ приближи. Многумина и денес тврдат дека со часови знаел со неа да разговара на јазик кој само тие двајцата го разбирале.
Царот сето тоа го гледал од својот стаклен дворец и добро се забавувал. Царицата конечно можела да воздивне.

 

Лондон, 1993.

Лондонска „Гранада“, продуцентката Пипа Крос, ги купи правата на оваа приказна. Првата рака сценарио ја пишував со Клер Фостер во Лос Анџелес, во старото МГМ студио, во апартманот за сценаристи во кој некогаш работел и Чаплин. (Место верзија го употребувам мене помилиот израз рака, позајмен од молерите.) Втората рака ја пишував две години подоцна, во Лондон, во канцелариите на „Филм ТВ Гранада“. Мојата адвокатка Сузан Х. Бодин му го понуди проектот на Тед Хоуп и Џејмс Шамус од про_дуцентската куќа „Good Machine“ во Њујорк. Тие со „Колумбија“ имале договорено право за предност при купувањето, па им го понудиле проектот. „Колумбија“ покажа сериозен интерес.

Толку сериозен што почнаа предподготовки. Заедно со англиските и австриските продуценти и сценографот Жељко Сенечиќ тргнав во потрага по локации. Со денови патувавме меѓу Истра и Виена. Во Лондон се избрани жирафи кои за филмот мораат да се подготвуваат најмалку шест месеци. Во тој момент во „Колумбија“ дојде до промени во врвот. Новата управа реши идните три години да не влегува во „детски филмови“. Подготовките се запрени.

Пипа во следните осум години се обидуваше да го покрене овој проект. За сето време уредно ги купуваше правата на приказната. Тие права го платија студиото на Олга во Њујорк. Приказната измислена за Олга го финансираше нејзиното школување. Имаше некаква правда.

 

Превод: Дејан Трајкоски

Извор за текстот: Рајко Грлиќ, Нераскажани приказни (ПРОЗАРТ, Скопје, 2022)

На насловната: Лондонската Зоолошка градина е една од најстарите на светот, отворена во 1828 година.

 

 

ОкоБоли главаВицФото