Филип Јовановски, Ивана Васева и Биљана Тануровска Ќулавковски, дел од изложбата „Уметноста на работа“

23.09.2022 09:21
Филип Јовановски, Ивана Васева и Биљана Тануровска Ќулавковски, дел од изложбата „Уметноста на работа“

"Ударник на трудот" - Филип Јовановски

Филип Јовановски, визуелен уметник, Ивана Васева, кураторка и Биљана – Тануровска Ќулавковски, истражувачка, кураторка и продуцентка, учествуваат на изложбата „Уметноста на работа“ - На крстопат помеѓу утопијанизмот и (не)зависноста, која се отвори на 23-ти септември 2022 и ќе биде поставена до 29-ти јануари 2023 во Музеј на современа уметност Метелкова (+МСУМ) Љубљана.

Тимот на реномирани интернационални куратори, Зденка Бадовинац, Бојана Пишкур, Игор Шпањол и Ана Мизерит селектираа уметници, активисти и колективи како дел од изложбата „Уметноста на работа“, која разгледува три различни сегменти од генеалогијата на концептот на (уметничка) работа во регионот на поранешна Југославија: прво, начинот на кој работата беше замислена од авангардните уметници од 1960-тите, 1970-тите и 1980-тите; потоа, трансформациите на концептот на уметничка работа и уметнички простори во 1990-тите; и на крај, политичките уметнички практики поврзани со трудот од 2000 година.

На изложбата учествуваат повеќе од 50 уметници, уметнички колективи и здруженија од регионот на поранешна Југославија. Многу од презентираните дела се од колекциите на Модерна галерија, повеќето од меѓународната колекција Arteast 2000+.

Филип Јовановски ќе се претстави со неговото дело/видео портрет „Ударник на трудот“ (2011- 2022) додека Биљана –Тануровска Ќулавковски и Ивана Васева ќе се претстават со перформативното предавање „Како мојот живот стана културен работник – културните работници ја заземаат сцената“ (2016).

„Ударник на трудот (2011 - 2022) им оддава почит на денешните текстилни, чевлaрски, кожарски, градежни, железничарски работници како и на вон-институционалните културни работници и повикува на еднаквост и солидарност. Неговиот фокус е ситуацијата во која се наоѓаат самите работници - обесправни, угнетени и маргинализирани , како и потребата од заедница и меѓусебна поддршка, на ниво на размена на знаења и освестување на нивната позиција во рамките на поделбата или распределбата на трудот.

„Како мојот живот стана културен работник – културните работници ја заземаат сцената“ е дисекција на животите на двe културни работнички од различни генерации кои работат во вон-институционалната сцена во Северна Македонија, која е кондензирана во форма на предавање - изведба, изработена од двете кураторки, и драматуршки развиена заедно со драматургот Рок Вевар од Словенија.

Васева и Тануровска-Ќулавковски претходно соработувале на повеќе проекти, меѓу кои и перформативната игра „Како да се направи фестивал со 100 евра и со 1 милион евра? која досега е изведена во Скопје, Битола, Љубљана, Букурешт, Виена, Софија. Со овој проект тие ја продлабочуваат соработката во истражувањето, креирањето и изведувањето на нови формати на презентации и предавања на конкретни теми од областа на уметноста и културата.

„Како мојот живот стана културен работник – културните работници ја заземаат сцената“ - Ивана Васева и Биљана Тануровска Ќулавковски

ОкоБоли главаВицФото