„Доаѓаме со поклон“ - голема изложба во Скопје на познатата уметница Шејла Камериќ

23.09.2022 09:02
„Доаѓаме со поклон“ - голема изложба во Скопје на познатата уметница Шејла Камериќ

На 27 септември, во Чифте амам, Скопје, со почеток од 19 часот, ќе биде отворена изложбата на познатата уметница Шејла Камериќ. Изложбата ќе биде отворена со разговор со уметницата кој ќе го води кураторот, историчар и теоретичар на уметност и култура од Белград, Бранислав Димитријевиќ. Низ разговорот и претставувањето на Шејла Камериќ, ќе имаме можност да ги слушнеме мноштвото родови, политички, уметнички, естетски и социо-културни перспективи на уметницата.

Ова е прво претставување на Шејла Камериќ, една од најзначајните уметници со огромен број меѓународни референци, пред македонската публика, со изложбата насловена „Доаѓаме со поклон“.. Изложбата е резултат на пријателска соработка помеѓу КРИК – фестивал за критичка култура и Фестивалот за феминистичка култура и акција – ПРВО ПА ЖЕНСКО, и се реализира во соработка со Националната галерија „Чифте Амам“, кои како и секогаш го промовираат современиот концепт на отворени јавни институции.

КРИК – фестивал за критичка култура и Фестивалот за феминистичка култура и акција – ПРВО ПА ЖЕНСКО, со оваа изложба имаат цел да отворат критичка дебата за влијанијата, дијалогот и полемичките перспективи на современата уметност и нејзината одговорност во преиспитувањето на важните општествени прашања кои ги засегаат плуралните идентитетски стереотипи преку кои културата има опресивна и маргинализирачка улога, особено кога станува збор за читањето на родовиот, женски наратив.

Претставувањето на делото на Шејла Камериќ во Скопје го разгледува долгогодишното портретирање на жените како вештерки и/или предмети. Алудирајќи на добро познатите тематски интереси на радикалниот феминизам, социјалистичкиот феминизам и пост-структуралистичките гледишта, изложбата исто така има за цел да расветли обични, домашни и познати секојденвни елементи и да им даде нагласок на проблемите на кои обично не им обрнуваме многу внимание. Оваа намера е внимателно внесена во новата измена на централното дело на изложбата „Доаѓаме со поклон“, коешто прикажува необично долга, тенка црвена ткаенина што почнува како типичен украс-панделка од женската долна облека и завршува така што ја заплеткува публиката со својата сопствена материјалност. Овој гест – претераното издолжување на панделката – си поигрува со идејата за предмет што и не е веќе предмет, туку има свој сопствен живот, своја сопствена волја и моќ.

Изложбата ќе вклучува и дела пренесени од нејзината последна соло изложба во Белград, „Мајката е кучка“, други фотографски дела („Емабаразада“ и „Непознато“) како и дела од сериите „Мажена “, „Исчезната“ и „Дигитални актови“. Исто така ќе содржи и едно ново дело, „Градина со рози“, коешто продолжува со истражувањето на формалната линија што ни е веќе позната од „Мажена“, истовремено носејќи ја заробеноста на женското тело во различна насока.

ОкоБоли главаВицФото