Повеќе јаглерод диоксид - позелена планета? Разбивање на еден мит

26.09.2022 01:51
Повеќе јаглерод диоксид - позелена планета? Разбивање на еден мит

Можеби некогаш сте се сретнале со следниот аргумент кој ги обезвреднува научните факти за глобалното затоплување и апелите за достигнување карбонска неутралност:

„Јаглерод диоксидот е храна за растенијата. Колку повеќе го има, толку нашата планета е позелена.“

Ова тврдење кое доаѓа од редовите на климатските скептици во теорија држи вода - на растенијата денес им се достапни повеќе материјали за фотосинтеза заради што некои од нив растат повеќе.

Меѓутоа, со оглед на тоа дека реалноста на животот на Земјата е мошне покомплексна, дејството на овој гас со ефект на стаклена градина не смее да се сведува исклучиво на неговата улога во „озеленувањето“.

Негативните ефекти од климатските промени кои настануваат како последица на порастот на количината на јаглерод диоксидот и другите гасови со ефект на стаклена градина, од суровите топлински бранови преку изумирањето на видовите до топењето на мразот, имаат надмоќ во однос на едната, условно кажано, добра страна - а згора на сè можат и да ја поништат.

Поедноставено, јаглерод диоксидот на менито на дрвјата е исто како компирот кај луѓето

Фотосинтезата е еден од најважните биолошки процеси на нашата планета - растенијата ја користат енергијата од сонцето за да можат од едноставниот органски материјал, јаглерод диоксидот и водата, да ги синтетизираат шеќерите. Со фотосинтезата обезбедуваат храна и за себеси и за сите останати живи оргамнизми, а како нуспроизвод се создава кислород.

Експлоатацијата на фосилните горива доведе до зголемување на јаглерод-диоксидот што значи дека на растенијата им е достапна поголема залиха „намирници“ за фотосинтеза. Благодарение на тоа тие растат побрзо - барем 95 проценти од нив. Овој феномен се нарекува фертилизација, или наѓубрување со јаглерод диоксид.

Сепак, ситуацијата не е толку едноставна. Далеку од тоа.

„Моментот на зголемен јаглерод диоксид во атмосферата е исто кога нам некој постојано би нè послужувал со компир и би се чудел зошто ние постојано слабееме и генерално не внесуваме доволно протеини и минерали или зошто сме слаби, зошто немаме енергија, зошто не сме расположени“, сликовито објасни Тијана Јаковљевиќ од Географскиот факултет.

„Можеби едно нешто може да биде поповолно за дрвјата заради климатските промени, многу повеќе загриужва што шумите нема да имаат толку влажност колку што им е потребно“, додаде Јаковљевиќ потенцирајќи дека во доба на промена на климата се случуваат сè почести временски екстреми и екосистемите наизменично се соочуваат со суша и периоди на обилни врнежи кои брзо истекуваат.

Најпосле, што ни вреди ако една шума на Медитеранот има поголеми листови доколку секој момент може да ја уништи пожар кој заради глобалното затоплување е позачестена и поразорна појава зашто условите се сè посушни, а температурата сè повисока? Закана за стеблата претставуваат и моторните пили бидејќи сечењето денес е застапена практика, а заради порастот на температурата шумите и останатата вегетација би можеле да станат извори на јаглерод-диоксид, зашто им се намалува способноста за апсорпција на јаглерод диоксидот.

Повеќе јаглерод диоксид не им одговара ни на земјоделските посеви

Главен фокус на тезата за корисните дејства на јаглерод диоксидот е дека повеќето земјоделски култури заради фертилизацијата со јаглерод диоксид растат повеќе и евентуално порано зреат, што е поволно за индустријата за производство на храна. Но оваа перспектива, меѓу другото, занемарува дека на намирниците истовремено им опаѓа нутритивната вредност.

Како што наведува Семјуел Мејерс од Универзитетот Харвард за Scientific American, прехранбените посеви во контекст на зголемена количина на јаглерод диоксид губат голема количина железо и цинк, а кај житарките исто така се забележуваат и помалку протеини.

Концентрацијата на јаглерод диоксидот во воздухот во моментов изнесува околу 420 ппм (parts per million), а за средината на векот се прогнозира нејзино зголемување на 550 ппм. Според проценките на истражувачите ова би можело да предизвика пад на клучните хранливи вредности во храната што би предизвикало дефицит на цинк кај 150-200 милиони поединци, како и недостаток на протеини кај 150 милиони.

Не мораме со децении да гледаме во иднината за да ги видиме неповолните ефекти на јаглерод диоксидот во однос на приносите од нивите, овоштарниците и бавчите - родот може да го десеткува суша како што годинава беше случај ширум Европа и Војводина.

Инаку, Универзитетот од Бостон пресмета дека своевидното озеленување на нашата планета со јаглерод диоксид, од Арктикот до умерениот појас, од осумдесеттите години на минатиот век потенцијално придонеле за зауздување на зголемувањето на средната глобална температура - и тоа помеѓу 0,2 и 0,25 степени целзиусови. Ова е мошне иронично со оглед на тоа дека на одреден начин со штетни емисии ги намалуваме штетните емисии.

Но, како што предупредуваат експертите, ни фертилизацијата со јаглерод диоксид нема да трае засекогаш: од Универзитетот во Стенфорд доаѓаат научни докази дека зголемените концентрации на јаглерод диоксид по 2050 година нема позитивно да се рефлектираат на растот на вегетацијата во калифорниските пасишта, но затоа зголемената температура која настанува како резултат на оваа појава ќе има негативно влијание. Но некои поединци предупредуваат дека постои опасност трендот за озеленување со јаглерод диоксид уште сега да доживее пресврт.

Најпосле, треба да се има предвид дека не живееме во контролирани услови каде нивоата на јаглерод диоксид можеме да ги поставуваме онака како што им одговара на растенијата. Порастот на јаглерод диоксидот на Земјата влијае на многу повеќе видови и екосистеми - и тоа претежно негативно.

Па затоа реченицата „Јаглерод диоксидот е храна за растенијата. Колку повеќе го има, толку позелена е нашата планета“ е премногу поедноставена. Ако не сакаме да го измамиме читателот, тогаш би требало да гласи вака некако:

„Јаглеродот диоксидот е храна за растенијата. Колку повеќе го имало во минатото, толку зеленилото во некои делови од планетата станувало побогато. Но озеленувањето е замо еден сегмент од сложената приказна за климатските промени за кои придонесува самиот јаглерод диоксид. Заради штетните емисии на Земјата е сè потопло - температурата се зголеми за 1,2 степени целзиусови во однос на прединдустрискиот период од што се изродија бројни закани како по вегетацијата, така и по животните и луѓето. Затоа, според Парискиот договор од 2015 година, неопходно е да се ограничи понатамошниот пораст на температурата на 1,5 степени целзиусови.

Превод: Алек Кузмановски

Фотографии: Sinziana Velicescu

Извор: https://klima101.rs