Ретроспективно - монографската изложба на Крсто Славковски во НУ Музеј-Куманово

27.09.2022 10:37
Ретроспективно - монографската изложба на Крсто Славковски во НУ Музеј-Куманово

Во Уметничката галерија во Куманово, на 28 септември 2022 г. во 20 ч. ќе биде отворена ретроспективно-монографската изложба на Крсто Славковски.

Крсто Славковски, заедно со Вангел Наумовски, Ѓорѓе Шијаковиќ, Добри Трендафиловски-Добрин и Ристо Ристовски, е претставник на основоположничката генерација на наивата во Република Северна Македонија и истовремено најзначајниот уметник во скулптурата од оваа област.

Роден е 1928 г. во с.Кучевиште. Започнува да се бави со уметност во 1950 г.и е активен се до крајот на животот (2009 г). Со вработувањето во Уметничката галерија во Скопје (1952), како административно/технички помошник, Славковски добива силно изразеното чувство за скулпторската форма, што придонесува за целосна посветеност и континуирана творечка активност во областа на наивниот израз. Тој е автор на компактна, робусна и волуминозна, меланхолична, елегична и умилителна фигурација, со распон од јадровит и рудиментарен до екстензивен, атрофирачко/анорексичен изглед во кој е втисната извесна болна чувствителност, мечтателност, таговност...

И покрај тоа што е автодидакт, поради неговите уметнички вредности Славковски од 1972 г. бил активен член на ДЛУМ и неговите дела биле изложувани на сите традиционални изложби, на изложбите „Зимски салон“, „Ситна пластика“ и др. Критиката за него ќе рече дека „кон него не треба да гледаме само како на еден од најважните претставници на наивата туку како кон достоен член на големото македонско уметничко семејство“.

НУ Музеј-Куманово во рамките на ретроспективната изложба истовремено објавува и книга за овој автор со шеесеттина колор репродукции и обемен текст од Гоце Божурски.

Слични содржини

Култура / Уметност / Настан

ОкоБоли главаВицФото