Леснотијата на дигиталното злоставување

26.01.2011 13:12
Леснотијата на дигиталното злоставување

Дигиталното насилство меѓу младите е во постојан пораст. Дојде време да се најде начин за негово искоренување, велат научниците од Универзитетот Ставангер од Норвешка.

Истражувањето кое во 2008 г. го спроведе норвешката телекомуникациска компанија Telenor покажа дека две од три деца веќе доживеале насилство преку интернет или мобилен телефон. Исто така е воочено дека родителите не знаат како да ги заштитат своите деца од овој нов вид насилство. Научничката Тове Флак од Центарот за истражување на однесувањето, на универзитетот Ставангер, стекна долгогодишно искуство во спречувањето на насилничкото однесување преку советодавна работа. Таа се залага за нетолеранција кон секое насилство и доследна борба против насилничкото однесување. Меѓу другото, таа се занимава со истражување на појавата на злоставување во училиштата, а посебно е заинтересирана за откривање на прикриеното насилничко однесување.

Многу од жртвите на кибер насилството често доживуваат и други видови малтретитање. Тоа се најчесто лица кои никогаш не нашле место каде што би чувствувале сигурност. За време на престојот на училиште тие се изложени на исклучување или други видови злоставување, но и додека се дома навредите продолжуваат преку мобилниот телефон или преку интернет. Пристапот до друштвените мрежи последниве години стана нов канал за насилничко однесување“, вели Флак. Таа го дефинира насилството како малтретирање кое се повторува. Кога станува збор за кибер насилството, таа смета дека важна разлика претставува фактот дали личноста е често или само повремено малтретирана.

Кибер насилството се случува со објавување на фотографии и пишани пораки на интернет. Меѓу денешната младина има многу кои се погодени од наоѓањето свои фотографии на интернет кои самите никогаш не би и’ ги прикажале на поширока публика. Таквите фотографии остануваат на мрежата и покрај незадоволството на снимените личности. Дел од младите можат и да прочитаат крајно навредливи мислења на другите за нив, кои исто така се достапни за поширок круг на луѓе.

Меѓусебното злоставување преку друштвените мрежи се случува почесто одошто навредувањето на традиционален начин. Да се биде дел од некоја група кај многумина предизвикува чувство на сигурност кое ги поттикнува на праќање анонимни пораки со навредлива содржина до други лица. Познато е дека на интернет се собираат групи млади кои ги поврзува чувството на омраза кон одредена личност. Дигиталните насилници го изолираат нападнатиот поединец со тоа што повеќе не го прифаќаат како пријател на Фејсбук или како личност со која повеќе не комуницираат преку мобилниот телефон“, вели Флак.

„Возрасните тешко го откриваат дигиталното насилничко однесување. Тие послабо ги познаваат новите правила. Но важно е да се најдат начини за спротивставување на насилството преку интернет на ист начин како што се бориме против сите други видови вознемирување“, додава таа.

Па така, во Норвешка во март 2010 беше воведена услугата slettmeg.no. (избриши.ме). Услугата е наменета како помош за оние кои доживеале повреда на приватноста на интернет. Анкетата која беше спроведена меѓу 508 лица кои доживеале таква повреда во 2010 г. покажа дека тоа најчесто се случило на Фејсбук (39,7%), на Гугл (7,9%) и во весниците (7,7%).

Дигитално злоставување доживуваат двојно повеќе млади припаднички на женскиот пол во однос на машкиот, се вели во истражувањето на норвешката компанија за собирање информации TNS Gallup. Овие податоци беа потребни за подготовка на акцијата dubestemmer.no чија цел е пружање заштита од дигиталното злоставување. Истражувањето покажува дека насилството најчесто се спроведува преку друштвените мрежи и СМС пораките. Децата и младите обично не се свесни за разорниот ефект на малтретирањето на личноста кон која се испратени навредите. Исто така, тие не чувствуваат одговорност за своите постапки. Притоа не се свесни дека сè што се праќа преку интернет или мобилен може да се следи. Многумина не сфаќаат дека поради своето насилничко делување или испратени закани можат да одговараат, наведува Флак.

Арне Олав Нигард спроведе истражување во кое го следеше однесување на учениците од средношколска возраст. Според неговите податоци, учениците често ги користат друштвените медиуми и мобилните телефони и за време на наставата.

„Истражувањето покажа дека Фејсбук е посебно популарен меѓу нив, посебно муабетењето преку него. Покрај тоа, младите често играат игри на интернет. Во борбата против кибер насилството би било сосем погрешно да им се забрани на децата користењето на новите технологии, како во училиштата, така и дома“, вели Нигард.

„Според мене, насилничкото однесување е, пред сè, општествен проблем, додека со сосредоточување само на технологијата се оддалечуваме од вистинските прашања“, додава тој.

Исто така, Нигард смета дека ќе се појават и нови канали за насилство на дигиталните мрежи, и дека треба да се очекуваат и други несакани последици. Тој и понатаму смета дека ангажирањето на родителите е важен дел од решавањето на проблемот, што подразбира нивно воведување во логиката која владее во дигиталниот свет. Со тоа ќе им се оневозможи на децата да водат таен дигитален живот.

„Родителите мораат да бидат присутни. Една од мерките може да биде сместување на компјутерот во дневната соба или некој друг видлив и достапен дел од домот. Кога родителите се во близина децата чувствуваат дека и тие се вклучени“, вели Нигард.

Извор: University of Stavanger

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото