Експериментално управување со економијата

28.09.2022 01:23
Експериментално управување со економијата

Светот минува низ економска трансформација која бара ефикасни државни интервенции на повеќе фронтови, ако сакаме да ги запреме климатските промени, да го заштитиме јавното здравје, да развиеме иновативни технологии и да ја обновиме средната класа со добри работни места. Дали нашите држави се способни за тоа?

Мошне распространет е скептичниот став дека државите треба да иницираат и остваруваат позитивни промени. Таквите сомнежи не се без основа. Поларизацијата и авторитарниот популизам - кои заемно се зајакнуваат - ја окупираа јавната сфера и ги ослабнаа капацитетите на општеството да иницира заеднички акции со цел решавање на заедничките проблеми, во земјите или мултилатерално.

Уште постаро е уверувањето дека државите по дефиниција не можат да располагаат со доволно информации и капацитети потребни за остварување позитивни структурни промени во економијата. Ако ѝ дадете премногу моќ, велат критичарите, државата погрешно ќе ги насочува ресурсите и најпосле ќе падне под контрола на посебните интереси. Тоа е главнио аргумент на неолиберализмот, доктрина која мораме да ја надвладееме ако сакаме успешно да ја замениме со некоја нова економска парадигма - на пример, продуктивизмот.

Подеталното испитување на капацитетите на државните управи покажува дека тие не се ни наследени ни статични. Всушност, кога ќе се постават соодветни приоритети, капацитетите на државата со текот на времето се развиваат преку стекнување нови искуства, учење и добивање доверба кај приватните ентитети. За државните службеници вистинското прашање не треба да биде „Дали можеме да го направиме тоа?“, туку „Дали добро ги дефиниравме приоритетите и избравме правилен начин на управување?“

Скептиците ќе речат дека тоа звучи добро во теорија, но не може да се примени во практиката. Погледнете околу себе. Опкружени сме со примери на неуспеси на државните управи на локално, национално и глобално ниво. Меѓутоа, Чарлс Сабел, професор по право на Универзитетот Колумбија, и Дејвид Виктор, од калифорнискиот универзитет во Сан Диего, во неодамна објавената книга покажуваат дека модели за ефикасна државна управа веќе постојат и дека постигнуваат добри резултати. Практиката е тука; заостанува теоријата.

Сабел и Виктор се фокусираат на климатските промени, најголемиот предизвик на државните политики од нашата доба. Тоа е област во која управувањето е двојно отежнато: не е доволно усвоените прописи да бидат делотворни само на национално ниво; тие мораат и глобално да се усогласуваат помеѓу државите чии економски ситуации и интереси често се мошне различни.

Сабел и Виктор го развиваат аргументот поаѓајќи од примерот со Монтреалскиот протокол од 1987 година, договор со кој успешно беше запрена емисијата на супстанциите кои ја оштетуваат озонската обвивка, толку успешно што озонската обвивка денес е на пат кон целосно опоравување. На почетокот се чинеше дека исчезнувањето на озонската обвивка и климатските промени се предизвици од сличен вид, зашто во двата случаи се работи за процеси кои вклучуваат многу научни и технолошки непознаници и се оптоварени со различни позиции на развиените земји и земјите во развој. Затоа во Рамковната конвенција на ОН за климатските промени - првиот глобален климатски договор - беше усвоен Монтреалскиот протокол како модел.

И Монтреалскиот протокол и УНФЦЦЦ се иницирани како „тенки“ режими кои воведуваат начелно прифаќање на обврската емисијата на супстанци кои ја оштетуваат озонската обвивка и гасовите со ефект на стаклена градина да запре до одреден датум во иднина, без многу оперативни детали. Но тие потоа еволуираат на сосема различни начини. Додека Монтреалскиот протокол стабилно напредуваше здружувајќи ги компаниите и државите во решавањето конкретни технолошки проблеми, договорите за климатските промени често остануваат заглавени во бескрајни глобални преговори.

Сабел и Виктор го свртуваат вниманието кон клучната разлика помеѓу овие два режими: Монтреалскиот протокол утврди секторски одбори во кои компаниите кои емитуваат штетни гасови соработуваа со законодавците и научниците во потрага по технолошки алтернативи. Таквите групи се формирани со големи амбиции, но со текот на времето добиваа тежина со зголемување на знаењето, развој на капацитети и зацврстување на довербата помеѓу учесниците. Овој пристап даде резултати зошто решавањето на проблемите им беше препуштено на локалните актери - имено, компаниите со потребни технолошки знаења. Ако иновациите не носеа решенија, целите се прилагодуваа. Резултат на тоа беше позитивната повратна спрега помеѓу иновациите остварени на терен и целите дефинирани на највисоко ниво.

Од друга страна, во решавањето на проблемите поврзани со климатските промени компаниите немаат пристап до законодавците заради страв дека би можеле да преземат контрола над процесот. Таквиот пристап само го зацврстува конфликтот на интереси и ги забавува иновациите.

Монтреалскиот протокол не е единствен пример за успешно „експериментално управување“, како што опишуваат Виктор и Сабел. Примери може да се пронајдат во низа национални и регионални програми, од американската агенција АРПА до ирската програма за сузбивање на загадувањето во земјоделството. Во секој успешен случај експериментите на терен беа здружени со дефинирање на целите на повисоко ниво, а добиените решенија рутински се воведуваа во практиката со поставување нови стандарди.

Успесите не се ограничени на заштитата на животната средина. АРПА е моделирана според проектот ДАРПА (Агенција за развој на нови технологии во одбраната), американска агенција која стои зад некои од најголемите иновации од нашата доба, вклучувајќи ги интернетот и ГПС-от. Најуспешните иницијативи за ревитализација на заедниците и отворање работни места на локално ниво имаат облик на приватно-јавна соработка со која се здружуваат програми за обука, бизниси, непрофитни групи и државни служби со цел создавање нови економски можности. Ефикасните национални индустриски политики користат сличен колаборативен повеќесекторски пристап.

Сабел и Виктор објаснуваат дека општата стратегија на таквите проекти е процесот да започне со амбициозно поставени, иако не сосема јасно дефинирани цели. Лидерите на програмите мораат да ги прифатат неизвесноста и можноста за грешка. Најважно е да има поттик за учесниците кои поседуваат најдетални и најточни информации - вообичаено компаниите - да се вклучат во потрагата по решенија, што значи дека државните агенции мораат да утврдат систем кој вклучува стап (закана со прописи) и морков (стимулации и јавни инпути).

Бидејќи успехот зависи од чести преиспитувања и ревизии, дефинирањето на клучните настани и следењето на напредокот се од суштинска важност. Развиените решенија можат масовно да се применат во практиката преку нови стандарди и прописи. Бидејќи повисокиот животен стандард (вклучувајќи почиста животна средина и подобри работни места) е можен единствено преку зголемување на продуктивноста, во средиштето на целиот процес се иновациите.

Таквиот начин за развој на политики значајно се разликува од денешните доминантни пристапи. Од перспектива на експериментален развој на државни политики, дихотомијата „држави и пазари“ е ирелевантна. Државите и пазарите не се во конфликт, туку се дополнуваат. Стандардниот хиерархиски економски модел на односот управувач и претставник во оваа смисла е бескорисен.

За да биде успешна, новата парадигма мора да ги трансцендира застарените идеологии од минатото. За среќа, моделите на управување кои ни се потребни веќе постојат.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Kit Layfield

Извор: https://www.project-syndicate.org/

ОкоБоли главаВицФото