„Ретро: телесни ретроспективи“ - изложба на Јана Јакимовска

28.09.22 09:49

 Од 23 септември до 5 октомври во Музејот на современата уметност - МСУ Скопје, ќе биде отворена изложбата Ретро: телесни ретроспективи на уметницата Јана Јакимовска.

Ова е 21ва самостојна изложба на Јакимовска. Изложбата е со мултимедијален карактер и опфаќа дела од повеќе рецентни периоди од нејзиното творештво.

За својот последен проект, „Ретро: телесни ретроспективи“ уметницата Јакимовска ќе каже:  

"Изложбата е поглед фрлен наназад кон самата себе како човечко суштество, општествено битие, жена, мајка, уметница. Во фокусот на изложбата е телото, но како метафора за човечкото, профаното, нелагодното: телото старее, се дебелее; телото копулира, раѓа; телото крвари, умира; телото треба да се покрие, да се казни. Каде е границата меѓу мене и моето тело? Што е „јас“, а што телото? Како треба јас и моето тело да се чувствуваме во различни емотивни и општествени контексти? Кому телото му должи, кому му полага одговорност? „Ретро…“ не претендира да биде ретроспективна изложба бидејќи не е – таа само рециклира и реконтекстуализира некои веќе видени концепти, во обид да одговори на овие прашања“ – објаснува Јана.

Јана Јакимовска е родена 1981 во Скопје. Таа има дипломирано и магистрирано на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Освен со сликање се занимава и со дигитална уметност, мурално сликарство, фотографија, инсталации, графички дизајн, илустрација и перформанс. Има остварено 20 самостојни изложби во Берлин, Њујорк, Белград, Приштина, Скопје, Гевгелија, Куманово и Штип, а учествувала и на преку 80 изложби во САД, Германија, Италија, Литванија, Турција, Грција, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Северна Македонија. Во моментов е вонреден професор на Ликовната академија на Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип.

Во голем дел од рецентното творештво се занимава со прашањата на телото, сепството, сексуалноста, позицијата на жената во современото општество.

***

„Ретро: телесни ретроспективи“

 

НЕМАМ ШТО ДА ОБЛЕЧАМ
2022
инсталација/перформанс

Делото функционира во два модуса: инсталацијата во простор може да постои за себе, но кога е во интеракција со мене, тогаш таа станува реквизит за изведба на перформансот.

Инсталацијата се состои од плакар со облека. Тој воопштено реферира на мноштвото идентитети со кои располагаме, на многуте „кожи“ во кои се преоблекуваме, а поконкретно е алузија на моето дрег алтер-его.

Перформансот е обид за физичко прераскажување на баналната мака која стереотипно ја има секоја жена: нема што да облече. Работите не не’ собираат, односно нашето тело не чини, не е доволно слабо, не е доволно атрактивно. А ако телото не чини, веројатно не чиниме ни ние.

Преку физичка интеракција со облеките во плакарот, ќе се обидам да ја доловам личната, но универзална фрустрација со сопственото тело. Дрегот за мене е делумен начин за нејзино решавање.

Плакарот не е вистински, туку е сценографија, исто како што дрег алтер-егото е фикција, а впрочем во таа катеогрија треба да се смести и проблемот за кој зборува овој перформанс.

СТАРА, ДЕБЕЛА, ЖИВА
2022
(ре)циклус
3 инсталации со варијабилни димензии, секоја ~2m x 4m

Реупотребата, рециклирањето и пренаменувањето се припишуваат на женската домаќинска природа. Низ животот ми се трупаат хартии, облека, разни предмети кои го гушат и онака малиот простор во кој живеам. Овој (ре)циклус е обид да се ослободам од дел од нив без да создавам смет. Притоа, фрлам поглед наназад и го преиспитувам значењето на реупотребените материјали, обидувајќи се да го сместам во сегашен контекст.

OLD (Стара) е ѕидна инсталација изработена од рециклирани каталози од првото поставување на изложбата О, која зборува за женскиот оргазам. Каталозите се исечкани и со помош на бинарна игра на деловите (слика наспроти текст) иронично го испишувам зборот „old“ (стара), на тој начин реферирајќи на сопственото губење на либидото и физичкото остарување од тогаш до денес.

FAT (Дебела) е ѕидна инсталација изработена од стара облека која воглавно веќе не ги собира моите раскошни облини, а она што е носливо од неа по изложбата ќе биде донирано. Парчињата облека се наредени без некое особено значење, а празниот дел во средината на инсталацијата го испишува зборот „fat“ (дебела).

ALIVE (Жива) е подна инсталација која се состои од зборот „alive“ испишан од пепел со помош на шаблон, и е коментар на претходните две инсталации. Стара и дебела, јас сум уште жива и сакам да живеам и да се сакам таква каква што сум. Како контраст на животoт, зборот е испишан со најнеживиот материјал, а впрочем тоа е и последниот степен на можноста на реупотреба на материјалот.

МАМИЧКА
2021, 2022
мултимедијален триптих

Две од трите дела се настанати 2021 година за Галичката ликовна колонија. Нивното создавање коинцидираше со мојата бременост и породување. Третото се чинеше дека е она што недостасува за покомплетно да се раскаже горчливо-слатката приказна на станување мамичка.

ПОЛНА, 2021
Видео 2’13’’

Делото е направено да се надоврзува на The Void (2017) на Марина Марковиќ, но функционира и самостојно. Ова домашно видео, снимено во интимата на сопствениот тоалет, како единствен протагонист ме има мене како пред белината на ѕидните плочки со безизразно лице цитирам реченици кои лично ги имам слушнато од повеќе медицински лица за време на сопствената бременост и породување. Лишени од контекст, деперсонализирани и измонтирани, овие изјави се студен пресек на едно трауматско женско искуство.

АЛТ Р
2021, дополнето 2022

Со име кое има двојно значење, оваа ѕидна инсталација е своевиден олтар (altar) кој напола иронично, а напола сериозно му го посветувам на личниот процес на станување мајка, а истовремено е и АЛТ(ернативна) Р(еалност) на реалноста која дотогаш сум ја познавала и живеела. Како контрапункт на глорификацијата на мајчинството (чиј сјај единствено се насетува во светкавите евтини рамки), ги изложувам премолчаните, безмалку табуизирани телесни аспекти од целиот процес: млекото, крвта, урината, болката, интимата и запознавањето на себеси и другиот. Ова е интимна документација која е проширена и дополнета од првичната верзија.

МЛЕКО, 2022
аудио луп и олфакторна инсталација

Млеко е инсталација која до гледачот (односно слушателот и мирисателот) треба да ја приближи помалку познатата страна на доењето. Иако е најприроден чин, доењето е процес кој е некогаш мачен, болен и неизвесен. Притисокот да се нахрани сопственото дете со млеко кое ќе се создаде во сопственото тело влијае на тоа како жената се перцепира себе – дали е успешна или неуспешна жена, мајка, човечко суштество. Во погон се ставаат сите средства кои можат да помогнат за стимулирање на лактација. Жената станува фабрика за производство на млеко, неретко потпомогната од вистински машини за стимулација, т.е. електрични пумпи за измолзување. Инсталацијата се состои од звук на електрична пумпа и мирис кој асоцира на застоено мајчино млеко.

КОЖАТА ПАМЕТИ
2022
циклус дигитални принтови
12 принтови, 100 x 100 cm

Овој циклус го доживувам како своевиден архив на записи изведени на кожата (дерматозаписи), видени во буквална, но и метафорична смисла. Како млада открив дека имам дерматографија – состојба во која врз кожата можам да испишам нешто и тоа да остане видливо неколку часа, па и денови. Токму тоа беше појдовната точка на овој циклус. Почнав да запишувам зборови и фрази и да ги фотографирам.

Процесот ме поведе да размислам и за останатите белези и карактеристики кои ги има мојата кожа, и за тоа дека и од нив нештата можат да се „читаат“: лузни, пликови, бемки, брчки, пори...сето тоа е дел од кожениот дневник на животот. Без разлика дали се трајни или минливи, манифестациите врз нашата кожа се површинската паралела на сите процеси и искуства кои се одвиваат во нас.

Подлошка за принтовите се архивски, но и наменски изведени фотографии од различни детали на мојата кожа. Фотографиите се додатно зумирани и/или намерно дигитално изманипулирани за да во најголем дел не е јасно, а со тоа и да не е важно, на кој дел од телото припаѓаат. Нивниот распоред во просторот може да варира и секогаш наново да се создава различен визуелен ритам.

АКО ДОЈДАТ И ПО НАС 2.0
2016-2019, интервенција 2021/2022

Оригиналната верзија од ова дело спонтано настана во 2021 година за изложбата „Мојот белег“. Додека интензивно работев на дело за изложбата, светот го потресе веста за повторната окупација на Авганистан од страна на Талибанските сили. Истовремено, молскавично се прошири фотографија од излог на бутик за невестински фустани во Кабул, чии реклами на кои се гледаат модели облечени во венчаници беа прекречувани во пресрет на пристигањето на Талибанците. Низ социјалните мрежи се споделуваше отвореното писмо на авганистанската режисерка Сахра Карим.

Кога во една земја буквално се прекречуваат лицата и телата на жените, уметниците молат да се спречи бришењето на сиот нивен творечки опус, а со право стравуваат и од физичко „збришување“ од лицето на земјата, ми се виде непримерно да зборувам за оставање белег или пак да оставам свој - макар и на изложба планирана во сосема друго време. Напротив, она што природно ми дојде како поддршка е да го избришам мојот белег, да оставам да зборува некој друг, оној чиј глас е потребно да се слушне сега. Истовремено, чинот на прекречување на сопствена уметност е и предупредување: што ако дојдат и по нас? Ова прашање не треба да се сфати буквално, но секое општество има деструктивни, конзервативни струи кои, како и сите чудовишта, се хранат од стравот и хаосот и можат да се оснажат во секој момент. Ако дојдат и по нас...значи дека секаде слободата на изразот, слободата на мислата, слободата на телото - се под ризик да бидат одземени, доколку секој ден не работиме на тоа да ги имаме. Слободата се освојува, но и се губи.

Првичната верзија на ова дело се состоеше од два прекречени принта, проекција на фотографијата која го обиколи светот, а на неа го монтирав и веќеспоменатото отворено писмо. Принтовите се од циклусот О – циклус кој зборува за оргазмот и телесноста. Тие конкретно морничаво се поврзуваат со проектираната фотографија - визуелно потсетуваат на сликите во излогот, а доколку се погледнат повнимателно, ќе се насетат и други алузии под слојот бела боја кој ги прекрива.

Оваа верзија на делото ја исфрла репортерската димензија, односно оригиналната фотографија и писмото, се фокусира само на прекречените принтови, чиј број пораснал од 2 на 12. Морничавоста на прекреченото под кое се наѕира она што било зборува за политичкиот чин на бришење на неподобното, што и да е тоа. Но, истовремено може да реферира и на временото, на краткотрајноста, на „бришењето“ на нас самите, на животот, но и смртта.

 Автор: Јана Јакимовска

Слични содржини

Општество / Фотографија / Уметност / Настан

ОкоБоли главаВицФото