Бегство на политичарите од класичните медиуми

28.09.2022 11:37
Бегство на политичарите од класичните медиуми

 

Карпач, Полска. Три дена ова живописно местенце во срцето на Долна Шлезија беше домаќин на најважниот собир на политички и економски елити од Централна и од Источна Европа, место на кое извираат идеи и се коваат планови за иднината. Економскиот форум, во организација на варшавскиот Фондациски институт за источни студии, собра по 31. пат сегашни и поранешни претседатели и премиери, комесари на Европската Унија, академици, банкари, деловни луѓе, аналитичари и активисти, сѐ на сѐ близу 5.000 гости.

Во годината кога првпат по повеќе од осум децении војната во Европа престана да биде поим од историјата, поголемиот број од околу 300 панели беа посветени на почетокот на новата студена војна, на политичките и економските последици од конфликтот во Украина и на визијата за идната безбедносна архитектура на континентот и новите сојузништва.

Форумот го отвори претседателот Володимир Зеленски, како личност на 2022 година, но останаа многу прашања: Кој ќе ја има лидерската улога, САД, Британија или ЕУ? Какви се перспективите на европската армија? Какви се плановите на новиот Маршалов план за обнова на Украина?

Особено внимание на конференцијата што ја нарекуваат „Давос на истокот“ беше посветено на неопходноста од намалување на зависноста од рускиот гас, иако енергетската трансформација ја одредуваат и новите политики наметнати од климатските промени.

Импресивно е мноштвото теми со кои се соочува современиот свет: прехранбената сигурност, пандемијата, бегалците, дигитализацијата, транспортот, туризмот, паметните градови спортот… Како да се развива семејниот бизнис, дали виртуелните пари имаат иднина, каква е улогата на културните институции во современиот свет?

„Алтернативни“ факти

Платформата на размена на мислења на гости од Европа, САД и од Азија беше придружен со низа промоции, концерти, средби со автори на разни публикации, на литературни фестивали.

Во панелот на кој учествував, на вечната и секогаш привлечна тема на односите помеѓу светот на политиката и медиумите, се слушнаа низа обесхрабрувачки заклучоци: влегуваме во нова ера. Политичарите бегаат од класичните медиуми и се пренасочуваат кон дигиталните платформи, низ кои поуспешно ја остваруваат моќта на своето влијание. Полесно им е да манипулираат со лажни вести или со „алтернативни факти“, иако златно правило на новинарството е дека фактите немаат алтернатива, не трпат интерпретации и дека се свети, а мислењето е слободно.

Бевме согласни дека се нарушува односот на „конструктивна напнатост“, која традиционално ги одбележува односите помеѓу политиката и новинарството во слободното општество. Доналд Трамп, кој новинарите ги нарекуваше „непријатели на народот“, успеа да промовира матрица на однесување што им стана модел на многумина светски политичари што ги споделуваат неговите националистички, популистички и агресивни однесувања.

Се чини дека помина времето кога поранешниот американски потпретседател Хјуберт Хамфри говореше: „Секогаш е ризично да се разговара со новинари. Тие пренесуваат сѐ што сте рекле“.

Пропагандата и дезинформациите низ социјалните мрежи стануваат сѐ посериозен проблем за кредибилното новинарство, кое, за да ја има довербата од јавноста, треба да ги контролира властите, да ги обврзе да бидат транспарентни. Како да се брани? Дали образованието е единствениот одговор? Како да се регулира сферата на слободата на говорот?

Политичарите ја носат најголемата одговорност, без да се штеди и другата страна, оние гласници на јавните зборови што прифатиле да седат во скут и да им бидат вазали на политичарите. Не е обврска на новинарите да размислуваат дали информациите што ги носат некому ќе му донесат профит, а некому штета. Секој има свои интереси, а медиумите не се тука за да задоволуваат некого. Ако постои таков однос, тогаш новинарите стануваат полтрони и платеници, бидејќи со своите известувања ја наведуваат јавноста да го помисли она што би го посакале други – најчесто политичарите.

„Патриотско“ новинарство

Поимот седма сила доби ново значење откако улогата на новинарите еволуираше од репортер до коментатор на социо-политичкиот живот. Главните уредници на големите медиуми денес имаат можност да извршат влијание врз јавноста, но и врз власта – ако го сакаат тоа.

Од друга страна, политичарите сакаат да мислат дека слободата на медиумите се содржи во нивното право да го пренесуваат – тоа што тие сакаат да го слушнат. Уверени дека лојалноста на нацијата подразбира лојалност на властите и на лидерот, тие сметаат дека откривањето на нивните грешки создава проблеми и дека затоа е – непатриотско.

„Патриотското новинарство“ е особени важно во времиња на војни. Дури и судбината на украинската војна не се решава само на бојното поле туку и во информативниот простор. Многумина ќе бидат изненадени дека ваквиот концепт е измислен на Западот.

„Мораме да запомниме дека во времињата на војни сѐ што е кажано на непријателската страна на фронтот е чиста пропаганда, а сѐ што е кажано на нашата страна е вистина, правда и пример на хуманост во борбата за мир“, говореше Волтер Липман, иконата на американското новинарство.

Тоа не го прифаќам, реков на панелот. „Некритичниот пристап кон настаните не е патриотизам, туку негов сурогат. Мисијата на новинарите е да обезбедат вистинити информации што публиката ги очекува, макар и на тој пат да бидат прогласени за „непатриоти“.

На панелот немаше премногу дебата, но ние панелистите ја продолживме. Италијанецот беше на мојата страна, Полјаците ме оспоруваа. Сметаат дека во ваквите времиња медиумите не смеат да бидат аполитични. Можеби и затоа владејачкиот режим во Варшава е цел на остри критики од Европската Унија дека ја поткопува правната држава, особено судството и медиумите.

Карикатури: Ellis Rosen

Извор за текстот: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото