Лимон

30.09.2022 01:50
Лимон

Лимонот истовремено е овошје, зеленчук, зачин, лек, средство за чистење, за одржување боја, козметичко средство, мирис, кој се употребува за правење парфеми и украсни растенија, кои често ги чуваме на балконите и во собите. Денес најмногу се употребува името кое потекнува од арапски збор, што укажува и на потеклото на ова растение. Сè уште се водат дебати помеѓу застапниците на азиското и африканското потекло на ова растение, но извесно е дека во Европа дошло од Африка, некаде во првиот век пред нашата ера. Претходно на подрачјето на Средоземјето бил познат друг плод од семејството Цитруси - кое не било за јадење, но се употребувало во медицината и секојдневниот живот, на пример за заштита на волната од молци - цитрони. Цитронот има голем зеленкаст плод. Денес е мошне редок и се одгледува и како основа за кандирано овошје. Успехот на лимонот во Средоземјето бил исклучителен, така што подоцна се сметал за симбол на ова подрачје: земја во која цветаат лимоните...

Името цитрус, кое ја означило ботаничката категорија, е латинско, но веројатно е позајмено од старите медитерански јазици, кој во латинскиот дошол преку етрурскиот јазик. Латинското име преминало во грчко, каде денес означува жолта боја, додека за плодот се употребува арапското име лимон. Цитрусите се издржливо растително семејство, кое се вкрстува добро. Но лимонот ја издржува конкуренцијата на своите послаби роднини пред сè заради широката употреба. Лимонот како украс во градина, било да е со цвет или плодови, во европскиот среден век, без никакви проблеми со христијанските верувања, ги продолжил истите магиски и исцелителски функции кои ги имал во Азија и Африка. А главната улога на лимонот во магијата е - љубовна. Садењето лимонови семки, подарувањето лимоново дрво, пиењето чај од исушени цветови лимон, бодењето лимон со игла - сето тоа се проверени средства за добивање љубов и чување на машката верност. На американскиот Среден запад жената почесто треба да прави пита со лимон, за да го зачува мажот. На гостите со кои сакаме да ги сочуваме пријателските односи им ставаме лушпа лимон под нозете на столицата на која седат. Но најзабавен е обичајот од јужна Португалија, каде жените го лекувале пијанството на мажите така што кога пијаниот маж ќе заспиел, го зашивале во чаршав со десетина или повеќе лимони. Наскоро заспаниот пијан ќе почнел да мрда со нозете и да се згрчува - тоа значело дека „демоните“ на пијанството реагирале на лимоните. На единствениот незашиен крај, жените ги дочекувале демоните во света вода, каде веднаш би се загушиле. Пијаниот е излечен кога ќе заспие мирно - барем привремено. Овој необичен обичај рефлектира многу верувања за чистината и чистењето поврзано со лимонот. Така на сите кои се занимаваат со магија им се препорачува за време на полна месечина да се потопат со врела вода со сок од два до три лимони, и во таа вода да ги исчистат сите помагала со кои се служат во практикувањето на магијата. Така ќе бидат сосема заштитени од можни магии од други.

Релативно краткото присуство на лимонот во европската културна историја е во спротивност со мошне богатата традиција на верувања, постапки и гатања во кои се употребува. Тоа покажува дека верувањата често се надоврзуваат на постоечките практики и на нив им ги пренесуваат верувањата кои веќе постоеле, во мешавина која остава впечаток на „старост“ на приказната. Лимонот идеално се вклопил во веќе постоечките верувања за растенијата и плодовите кои чистат и лекуваат, а неговата несомнена успешност во многу видови секојдневија само ѝ помогнала на фантазијата. Неговата боја, која ја поврзувале и со Сонцето и Месечината, неговиот вкус кој предизвикува грчење на устата и лачење плунка дури и во однос на уживањето на плодот, неговата арома која се претопува со вкусот, и најпосле неговата драгоценост која најпрвин го донела на масите и во градините на најбогатите, сето тоа придонело за исклучителниот углед на лимонот. Изреката во многу јазици, за некој кој долго се двоуми, „чека лимон“, ја покажува неговата престижна положба.

Фазите на употребување на лимонот можеме да ги поделиме како декоративно-ароматска, кулинарска и медицинска, со тоа што тие се испреплетуваат - денес се сè поактуелни. На богатите маси во Европа лимонот пред сè бил украс, кој во манастирските кујни главно се употребувал во разни лековити комбинации. Шкотскиот морнарски лекар Џејмс Линд кон средината на 18 век ја револуционализирал употребата на лимонот, зашто открил дека лекува скорбут, болест која често се појавувала кај морнарите. Со откривањето на неговите функции, лимонот станал уште поценет, како ненадминлив извор на витамин Ц. Во 19 век лимонот исто така бил ценет благодарение на ликерот лимончело. Кога би избирале европско место со најголема употреба на лимонот, тоа веројатно би била Сицилија, каде се одгледува и најмногу лимон. Но рецептите со лимон на јужната страна од Средоземјето се уште поинтересни: да речеме, таков е мароканскиот лимон во солило, кој е важен додаток на јадењата готвени во керамички сад - таџин. Инаку, рецептите со лимон се толку едноставни и достапни што можеме да ги правиме каде било. Мојот омилен рецепт е грчкото авголемоно - мешавина од лимон, жолчка и маслиново масло кое не се мати во мајонез, туку како слободна емулзија се послужува со ракови и варени листови од цвекло.

Освен витаминската вредност, својствата да ги смирува нервите, да уништува бактерии и паразити, да го подобрува изгледот, лимонот има уште едно својство кое нашите стомаци, измачени од стрес, особено го ценат: иако е мошне кисел, лимонот ја ублажува киселината во желудникот и лекува. Исто така е прво и вообичаено најефикасно средство против настинка, болест која човештвото ја носи од праисториски времиња, и од која сè уште не успеало да се ослободи. Овој плод по чија употреба не треба да ги миеме рацете, зашто ги чисти подобро од секаков сапун, има толку широко и толку позитивно одредено поле на дејство, што било природно да се очекува и другата страна од паричката: го наоѓаме во јазичките изрази и многу јазици во кои лимонот се поврзува со намќорите, незадоволните („киселите“), губитниците, неспособните. Постои и награда „лимон“, која им се доделува на недостапните и според медиумите непријателски настроени ѕвезди. Кога станува збор за ритуалната рамнотежа, сосема е нормално да се очекуваат негативни конотации на лимонот. Но веќе ништо не може да го избрка ова корисно растение од нашите кујни, ормари, бањи, замрзнувачи. И повеќе ништо не може да го помести лимонот од општата слика на средоземната утопија, која засекогаш мириса на море и лимони.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Karen Lynch

Извор: Leteci Pilav - antropoloski eseji o hrani, Svetlana Slapsak, Biblioteka XX vek, Beograd, 2014

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност / Култура
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото