Секоја пропаганда е лага, дури и кога е вистина

30.09.2022 11:13
Секоја пропаганда е лага, дури и кога е вистина

 

Некни пишував за безмерната длабочина и за вистинитоста на Конфучиевата мисла со која значењето на зборовите, на состојбата на јазикот и на неговата веродостојност и чистина, на неговата употреба или злоупотреба, се во директна и во нераскинлива врска со слободите што ги имаат луѓето во едно општество. Мислата гласи: „Кога зборовите го губат своето значење, луѓето ги губат своите слободи“.

Колку е вистинита оваа лингвистичко-политичка законитост, можеме најлесно да утврдиме ако создадеме равенство меѓу функциите на значењето и смислата на зборовите и човечките слободи, и потоа во формулата да ги внесеме нивните екстремни вредности. Резултатот на операцијата ќе биде равенство во кое состојбата на тотална неслобода ќе биде еднаква на владеењето на безобѕирното изопачување на зборовите. Практично, кога значењето на зборовите ќе се изопачи во обратното од самото себеси, општеството потонало во тоталитаризам во кој неслободата веќе станала слобода.

Тоа е состојба што ние од Маседонија Тајмлес сме ја искусиле пред премалку години, а за да се правиме како воопшто и да не била или како да е одамна надмината и заборавена. Обратното значење на зборовите во јавниот медиумски простор и официјалниот говор беше „заштитниот знак“ на фашизоидната клептократска диктатура на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа беше време кога грдото беше убаво, неправдата беше правда, грабежот и државниот криминал беа законити, Александар козарот и Јустинијан свињарот беа ариевски Словени, македонски патриоти и членови на безграничниот комитет на ВМРО-Ур-фашистичка.

Интересна е оваа колективна амнезија на библиската земја, во која како сите да страдаме од тешко пострауматско нарушување на паметењето и на разумот. Од една страна со демонтажа на воено-мафијашката командна пирамида на партијата држава на Груевски им се вратени на луѓето слободите, но од друга страна ништо темелно и градбено не е променето ниту во општеството, ниту во органите на државата. Јазикот остана изопачен и деградиран, спомениците на фашизмот се и натаму нашиот „бренд“, законите се истите неолибералистичко-фашистички, сите напишани како од раката на Пиноче, а ние, со поматена свест се тетеравиме низ се погустите црни виулици што виорат по Европа и по целиот свет.

И тука повторно мислата ми ја опседнува Орвел и неговиот брилијантен куршум што го испука во нашите глави: тој го постави суштинскиот стандард, дефиницијата или мерката за тоталниот тоталитаризам. Тој се случува кога зборовите го имаат обратното значење, кога смислата постои само кога ја нема. Неговите министерства (во дистопијата „1984“) се викаат токму обратно од нивните ресори, функции и значења: Министерството за пропаганда и за лаги се вика Министерство на вистината, а полицијата за тортура и вонсудско убивање се вика Министерство на љубовта. Генијално, речиси исто толку колку што е и ужасно! Слоганите на Орвеловата тоталитаристичка дистопија се: војната е мир, слободата е ропство, незнаењето е моќ… Но, она што е есенцијално во Орвеловото дело е неговата експлицитно искажана желба тоа да помогне во препознавањето на симптомите на тоталитаризмот, што би предизвикало општествена будност и ангажман на слободните луѓе во спречувањето на тој ретрограден политички процес на губење на слободите. А, првиот – и последниот – знак за тоталитаризација на општеството се токму јазичните изопачувања или како што тоа Конфучие го дефинирал – губењето на значењата на зборовите. Судејќи по овој летален симптом, за превенирање на тоталитаристичките процеси во „слободниот свет“ е, за жал, веќе доцна.

Слободниот свет поведен од САД и од НАТО влезе отворено во тотална, иако т.н. прокси војна, користејќи ја Украина како поприште и како средство на војната против Русија. Во војната со Русија „слободниот свет“ ги употреби најтоталните мерки и санкции што кога било се употребени во историјата, значително повеќе и значително пототални отколку што биле воведени во тоталната војна со Хитлерова Германија. И, тука и не е толку битна неверојатната диспропорција помеѓу поводите и последиците, туку самиот факт дека воведувањето тотални мерки против надворешен непријател значи автоматска тоталитаризација и на општествата што ги воведуваат мерките и санкциите против агресорот. Зашто, воведувањето на едно општество во воена или – уште полошо – во состојба на тотална војна, е исто како и воведувањето во тотална состојба на омраза и страв. Таа делува како и самата омраза: таа е отров што сами го испиваме со намера од него да се отруе омразениот непријател.

Првиот пример е, секако, изопачувањето на јазикот, зашто во состојба на војна содржината на сите вести и јавни медиумски објави е военополитичка пропаганда. А за пропагандата Орвел пресече за сите времиња: „Секоја пропаганда е лага, дури и кога човекот ја зборува вистината“. Апсурдно, противречно, но вистинито, особено за воената пропаганда или, со орвеловски јазик: за вистината во воени времиња. Автодеструктивното, буквално повратното дејство на мерките за сузбивање на руската пропаганда, и забранувањето на руските медиуми, како неизбежна последица ја има пропагандизацијата на јавниот збор и во „слободниот свет“.

Интересно е и дека ние во Македоња, што ја претрпевме диктатурата на ВМРО, која бидејќи беше фашизоидна по својата природа автоматски имаше и тоталитаристички елементи, не се сеќаваме дека кога власта насилно ја затвори А1 телевизијата и ги презеде слободните весници, веќе немаше потреба да се гледаат ниту другите телевизии, а за читањето на весниците што ги издаваше вмровското Министерство на вистината и да не зборуваме. Исто се случува и денес, само на ниво на „колективниот запад“: забранувајќи ја руската пропаганда, целата медиумска заедница на западот станува натовска и украинска пропаганда. А пропагандата – чија и да е и каква и да е – е отровна за самиот концепт на вистината и е смртоносна за човечкиот разум, за способноста за пренесување и за читање смислени искази со помош на јазикот. И, повторно, најстрашното: како и омразата, пропагандата против надворешниот непријател ги труе само домашните мозоци.

Запрепастува општата несвесност дека кога живеете во општество што забранува и цензурира некои медиуми, всушност и не е важно што се тоа медиуми на странска земја, зашто вие живеете во општество со цензура на јавниот збор. Подигнувањето ѕидови на границите или огради од жилет-жица за одбрана од надворешните непријатели и други мигрантски „орди“ – што европските земји обилно го прават – значи заѕидување и оградување и на сопствените општества, што, се разбира, тотално ги уништува и „вредностите“ заради кои ЕУ тврди дека постои. Забраната руските граѓани да влезат во земјите на ЕУ е мерка сосем тоталитаристичка во својата суштина, мерка дискриминаторска и расистичка по дефиниција, та општествата што ја вовеле самите се трујат со неа, зашто тоталитаристичките санкции – економски или политички – освен надворешните цели, несомнено ги тоталитаризираат и сопствените општества. Кој прв почнал или кој е „во право“ тука не игра никаква улога. Отровниот гас на тоталната војна ги труе сите еднакво.

Слики: Tom Ward
Извор за текстот: Слободен печат

 

 

 

 

 

Слични содржини

Општество / Европа / Свет / Теорија
Општество / Активизам / Свет / Теорија
Општество / Активизам / Свет / Теорија
Општество / Европа / Балкан / Свет

ОкоБоли главаВицФото