Атомски устав

30.09.2022 12:02
Атомски устав

Нема добра причина Русија да анектира делови од Украина. Руската војска окупираше украински територии, на нив распиша референдум за спојување со Русија и божем врз основа на резултатите денес ќе ги прогласи за свои. Да речеме дека тоа има смисла и дека баш така да треба да се одземаат територии и да се шират граници. Не е тешко да се замисли дека во блиска иднина украинската војска ќе ги освојува/ослободува истите територии, на нив ќе распишува референдум за спојување со Украина и врз основа на резултатите од референдумот ќе ги прогласува за свои.

Не ги менува нештата ни тоа што Русија неодамна во својот Устав внесе измена дека никој не може во име на Русија да се откаже од присоединетите територии. Зашто слично нешто пишува и во украинскиот Устав (во врска со откажувањето) за територијата на Украина, па тоа не ги спречи Русите да ја одземат. Како што Русите го почитуваа украинскиот Устав, треба да се верува дека и Украинците ќе се однесуваат исто кон рускиот Устав. И покрај референдумот, анектирањето и Уставот нештата во Украина ќе се одлучуваат како и досега - со гола сила.

Путин се заканува дека таа сила може да биде и нуклеарна. Тој уште одамна, пролетта годинава, рече дека Русија ќе ги брани своите територии и со нуклеарно оружје. Па бидејќи сега делови од Украина ќе станат дел од Русија, ете причина Украинците да бидат мета на нуклеарни проектили. Тоа е беден изговор: на Путин не му се потребни никакви референдуми, анектирања и устави за одлуката да употреби атомски бомби - тој ќе го направи тоа ако сака. Животите на Украинците, како и на самите Руси, не му значат ништо.

Неколку нешта се очигледни. Прво, Путин во Украина ниту ќе запре ниту ќе се повлече своеволно. Војската на Путин во соседната земја на еден не толку мал дел од фронтот веќе е поразена, но на тој поразот тој одговара со референдум, анексии и нуклеарни закани. Второ, иако има силна волја, на Путин му недостасува моќна војска. Таа слабост тој би сакал да ја надомести со атомски бомби. Оттаму следува - Путин се коцка на сè или ништо. Со тоа што неговото ништо во пропаст може да одвлече голем дел од човештвото.

Дека референдумите и анектирањата немаат никаква смисла покажува и тоа што териториите кои денес ќе ги присвои Русија не се под целосна окупација на руската војска. Значи има делови на периферијата на овие територии кои сè уште цврсто се под контрола на Украинците, а Русија ќе ги присоедини и нив. Тоа значи две нешта: прво, референдумите не се одржани на целата територија која сака да се прогласи за руска; второ, на овој начин Путин демонстрира дека референдумите се неважни, зашто (на хартија) ќе земе територии на кои не се одлучувало референдумски.

На овие две нешта се надоврзува и трето: со присвојувањето територии Путин не ја завршува војната. Тој ќе ја продолжи војната против Украинците, но ќе може да каже дека на тие територии од овој момент Украинците се всушност окупатори и дека затоа мора да ги избрка. Да, на лудилото му нема крај. Како на Путин досега да му беше потребна некоја особено добра причина да ја гази Украина.

Да заклучиме: на таканаречениот терен ништо нема суштински да се промени по референдумските и анексирачките претстави на Путин: Русите и Украинците ќе продолжат да се борат зашто Путин погрешно пресмета, направи грешка и сега се бори за својата гола власт.

Читателот досега веќе се потсети, иако ситуациите не се слични: во 2006 година Србија исто така со (уставна) хартија побрза да го задржи Косово во својот состав. Како заврши тоа и какви се последиците од таа завршница веќе гледаме, деценија и половина потоа. Можеби и тоа е причина за радост во овдешните режимски медиуми заради денешната руска анексија: ако на Путин сега му помине оваа уставна хартиена стратегија, можеби некогаш ќе ни успее и нам. Иако на сите овие нешта треба да се гледа обратно, токму онака како што ни наложува искуството - како што не ни помина нам, нема да му помине ни на Путин.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Фотографиите се од филмот 300 (Zack Snyder, 2006)

Извор: https://pescanik.net/

 

ОкоБоли главаВицФото