Постфашистички базен

03.10.2022 01:24
Постфашистички базен

Италијанските избори завршија - очекувано. Како и што се најавуваше, најмоќна партија стана постфашистичката Италијански браќа (Фди) која ја води Џорџа Мелони. Сто години по Маршот на Рим на италијанските фашисти, Мелони ќе стане првата премиерка во историјата на Италијанската Република и првата пост-фашистичка политичарка на челното место на извршната власт. Но освен малата историска симболика, што уште ни донесоа италијанските избори?

Франко Дота, дописникот на италијанската новинска агенција АНСА истакна четири важни моменти поврзани со очекуваната победа на Италијанските браќа. Првиот е историски лошиот резултат на традиционалната голема партија од италијанскиот лев центар, Демократската партија (ПД), кој според резултатите варира помеѓу 18 и 19 проценти. Партијата ја очекува турбулентен постизборен период кој веројатно ќе ѝ одземе време и енергија да биде вистинска опозиција на новата влада на десницата. Од друга страна, популистичкото и антисистемско Движење пет ѕвезди (М5С) ги преживеа изборите. И не само што ги преживеа, туку остана важен политички актер и веројатно најгласна опозиција на идната влада на Џорџа Мелони со освоени 15 проценти од гласовите. Секако, тоа е драстичен пад од некогашните 30 проценти, но М5С е една од малубројните протестни партии од 2010-тите кои опстанаа и останаа важни. М5С сега ја наоѓа својата гласачка база на посиромашниот и економски понеразвиен југ што е само потврда на трендот од изборите од 2018 година. Како што покажуваат предизборните анализи на социоекономската и културната структура на гласачкото тело, важна гласачка база на М5С се токму невработените. Невработеноста е поголема на југот, а таканаречената мерка на М5С за национален приход (reddito di cittadinanza; не треба да се меша со концептпт universal basic income), односно парична помош која ја олеснува егзистенцијата на потрајно невработените, според Доти одигра значајна улога во привлекувањето на најсиромашните гласачи од југот.

Останатите два важни исходи од овие избори се поразот на Лега (8,8 проценти) и релативниот успех на Forze d'Italia (8,2 проценти) на вечниот Силвио Берлускони кој ќе има улога на кинг-мејкер и во оваа влада. Без него и неговата партија, Мелони не може да го одржи мнозинството. Од друга страна, десниот популист и лидер на Лега, Матео Салвини, веројатно е и најголемиот губитник на овие избори. Во изборната кампања Салвини доби улога на бледа копија на десно-популистичкиот оригинал и идната премиерка Мелони. Едноставно, на врвот нема место за два слични политички профили. Затоа голем дел од некогашните гласачи на Лега застанаа на страната на изгледната победничка и така дел од гласовите на оваа партија се прелеаа во базенот на Италијанските браќа.

А Италијанските браќа се продолжувач на долгата традиција на постфашистички партии во италијанскиот политички живот. И додека претходно ја држеа позицијата на јуниор партнер во коалициите со десниот центар, овојпат станаа најмоќна партија на десницата. Тоа е така првенствено заради тоа што Мелони успеа да создаде своевиден транскласен блок кој гласа за Фдл. Како што покажуваат резултатите од истражувањето на социоекономскиот и културен профил на гласачите на Фдл, Мелони е подеднакво добро позиционирана кај сите занимања (освен кај студентите) и нивоа на приходи, а старосната структура на гласачката база во најголем дел е во средни години и традиционалистички ориентирана.

Позицијата и на Мелони и на Фдл во новата италијанска влада ќе биде далеку од комотна, особено во коалиција со два помали, но политички значајни партнери. Како што наведува Дота, за политичката насока на идната влада, односите со остатокот од Европа и политичкиот Брисел особено, а потоа и за односите во самата коалиција ќе знаеме многу повеќе кога ќе ги добиеме имињата на министрите во најважните ресори - економија, финансии и надворешни работи.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://www.bilten.org

ОкоБоли главаВицФото