Првиот клониран арктички волк во светот сега е стар 100 дена

03.10.2022 12:23
Првиот клониран арктички волк во светот сега е стар 100 дена

Кинеските истражувачи го создадоа првиот клониран арктички волк во светот - достигнување кое може да помогне да се спасат другите животински видови од исчезнување и да се обезбеди биолошка разновидност на нашата планета.

Шкотските научници уште во 1996 година докажаа дека е можно да се клонира цицач со помош на клетка од возрасно животно. Можно е, но не е лесно. Овцата Доли беше единствениот успешен клон во нивните 277 обиди. Клонирањето е сè уште предизвик, ако се земе во превдид дека помалку од 25 животински видови се клонирани до денес, така што првото успешно клонирање е сè уште актуелно, повеќе од 25 години по раѓањето на Доли.

Во јули 2022 година, сурогат зајачар (вид ловечко куче, бигл) роди здрав клониран арктички волк. Патувањето до создавањето на првиот клониран арктички волк започна во 2020 година, кога истражувачите од Синоген биотехнологија, лабораторија со седиште во Пекинг, се здружија со поларниот тематски парк Харбин Поларланд.

Со помош на клетки од кожата на Маја, арктички волк сместен во Харбин Поларланд, Синоген создаде 137 ембриони користејќи јајца на женски кучиња од кои 85 биле префрлени во 7 сурогати на бигл. Во јули 2022 година, еден од тие зајачари роди здрав клониран арктички волк, исто така наречен Маја.

Маја си игра со својата сурогат мајка, бигл.

„По две години макотрпни напори, арктичкиот волк беше успешно клониран“, изјавува Ми Џидонг, генерален директор на Синоген, на прес-конференција во Пекинг. „Тоа е прв случај од ваков вид во светот“.
Маја е во добра здравствена состојба и живее со нејзината сурогат мајка во лабораторијата Синоген, по што ќе се пресели во Харбин Поларланд, каде можеби ќе мора да живее до крајот на својот живот, поради недостаток на рана социјализација со други волци.

Арктичкиот волк не е загрозен вид, главно поради тоа што населува региони оддалечени од луѓето. (Сепак, климатските промени го отежнуваат патот до храна, што би можело да го стави на ризик во иднина.) Но, знаењето добиено од создавањето на овој волк може да им помогне на истражувачите да создадат здрави клонови на други цицачи кои се загрозени или дури веќе изумрени. Други тимови моментално работат на воскреснување на изумрениот тасманиски тигар, но имаат и уште поамбициозен предизвик - волнениот мамут.

Последниот познат тасмански тигар, официјално наречен тилацин, почина во 1930-тите, во Зоолошката градина Хобарт во Австралија.

Доколку ја погледнеме големата слика, на Земјата шпстојано се појавуваат нови видови додека други исчезнуваат. Но, доколку многу видови исчезнат во релативно краток период на геолошки временски период, тоа се нарекува „настан на масовно истребување“. Експертите досега имаат идентификувано пет случаи на истребување во текот на историјата на Земјата, а многумина веруваат дека човечката активност во овој момент нè води кон средината на шестата, при што видовите исчезнуваат со брзина илјада пати поголема од она што е нормално за нашата планета.

Да се осигураме дека Земјата ќе остане планета со богат биодиверзитет е клучно за опстанокот на нашиот сопствен вид. Раѓањето на првиот клониран арктички волк може да нè донесе чекор поблиску до тоа да го спречиме или дури и да го вратиме во обратна насока исчезнувањето на другите видови во иднина.

Извор: The Telegraph

ОкоБоли главаВицФото