Огнени кочии

03.10.2022 15:05
Огнени кочии

Преземено од Дојче веле

Политиката не е секогаш угладеност и стоичко трпение на навредите. Еве еден од најспектакуларните обратни примери во најстарата демократија – Велика Британија. Познатата „тупаница на Прескот“.

Џон Прескот беше заменик-премиер во првата влада на лабуристичкиот премиер Тони Блер. Таква функција во британските влади дотогаш немаше. Се знае дека втор човек во британската влада секогаш е министерот за финансии, тој живее на Даунинг стрит 11. Но Прескот беше особено важен човек за Блер по победата на изборите во 1997.

За јуни 2001 година беа закажи избори. На еден од изборните митинзи во мај Прескот во Велс беше погоден со јајце в лице од еден незадоволен земјоделец. Прескот не го издржа тоа стоички, како што оди наративот за политичарите, туку испрати едно силно лево кроше во десниот образ на незадоволниот човек. Потоа и двајцата паднаа на земја и се бореа удирајќи се меѓусебно пред да бидат раздвоени од полицијата и лабуристичките активисти.

Тоа изгледаше како невиден скандал, незабележан во британската политика, затоа што политичарот мора да истрпи сѐ. Но нискиот и набиен Џон Прескот не мислеше така. Тајмингот за боксот беше најлош – истиот ден беше објавен изборниот манифест на лабуристите. Во владата настана конфузија: дали оваа тупаница може да им ја одземе победата што изгледаше сосема сигурна. Комуникацискиот гуру на владата, Алистер Кемпбел, му рече на Прескот да се извини, но овој одби, тврдејќи дека удрил тупаница во самоодбрана. Блер, исто така, мислеше дека извинувањето ќе биде добра работа. Гордон Браун, министер за финансии (а подоцна и премиер), застана на страната на Џон Прескот.

Во лабуристичкиот штаб беа во трескавично исчекување на првите анкети за тупаницата на Прескот, кои стигнаа утредента. Повеќе изненадувачки, но јавноста имаше голема поддршка за боксерскиот одговор на Прескот, затоа што бил погоден со јајце од непосредна близина. Инцидентот не влијаеше за каква било промена во анкетите, лабуристите победија на изборите со големо мнозинство, иако редуцирано од тоа пред четири години. Џон Прескот остана заменик-премиер до 2007.

Пресвртница во лажниот бонтон

Овонеделната сесија за пратенички прашања во македонското Собрание на некој начин е своевидна пресвртница во лажниот бонтон меѓу главните политички ривали. Опозициските вмровски пратеници последниве години „блујат оган“ од говорницата, обвинувајќи ја власта за криминал, корупција, неспособност, измами, предавства..., често со многу навредливи зборови, а во последниот случај и за дезертерство на премиерот во 2001 година. Драган Ковачки од собраниската говорница го кажа истото она што го зборуваше во претходните десетина дена од пултот во вмровскиот штаб – дека Димитар Ковачевски лажирал оти е трајно неспособен за да не оди во војска, а со тоа и да не ја брани Македонија во 2001, дека тој е закана за НАТО и дека „таквите лица треба да се на друго место, а не во Владата“.

Жестината на одговорот на Ковачевски беше неочекувана за јавноста, а по сѐ изгледа дека ги вчудоневиди и вмровските пратеници. Тој го донесе македонскиот „Прескот момент“ во Собранието, но без физичка сила и ги нарече вмровските пратеници „арамии, криминалци, неработници, насилници, кодоши“, а за самиот Ковачки упати разорувачки епитети: „Движечка мизерија и дезертерски кодош“, велејќи дека работел за странски и домашни разузнувачки структури. „Тој е мизерија. Беда. Срамота... Мислам дека за него итно е потребна конзилијарна медицинска проверка“.

Ако ги исклучиме двата настани кои се дел од колективната меморија на граѓанството – црниот понеделник и крвавиот четврток – во Собранието имало и по некоја тупаница, кошкања, истурање вода, виткање микрофони, но вакви „street fighting“ изјави може да се избројат на прсти. А речиси и да немало од некој што е премиер. Оваа тирада на Ковачевски покажа дека неговите политички ривали ќе мора да се навикнуваат на противник кој вербално ќе оди на самиот раб. И ќе зборува без политички пардон.

На острицата на бричот

Речиси во исто време, се тркалаше една друга „огнена кочија“ – во Градот Скопје. На седницата на Советот на Градот не беше главната вест што градоначалничката Данела Арсовска повторно бараше да го види „шпицниот градоначалник“ Христијан Мицкоски и да не се крие од дебати; ниту тоа што го нарече претседавачот Трајко Славески „Талат Славески“, туку во репликата токму на Славески:

„Од оваа говорница не се кажувале навреди. Па што? Навреди смеете да кажувате само вие (мислејќи на ВМРО-ДПМНЕ – н.з.)? И не само од оваа говорница. Секаде каде што ќе стигнете јавно кажувате навреди“.

Овие зборови на Арсовска можеби се само продолжение на рововската битка што трае меѓу неа и ВМРО-ДПМНЕ, но нивното значење, како и жестокоста на обраќањето на Ковачевски отвораат ново поглавје во македонската политика. Политичка угладеност веќе нема, работата преминува на улична борба. Многу години наназад во политичката битка оваа или онаа опозиција беше многу поостра од власта. Работите изгледа веќе нема да бидат такви. Веројатно и затоа што влогот изгледа поголем, а и политичарите се сменија.

Една друга огнена кочија во која заседнала „огнена група“ тргнала кон Мала Речица, не да го смени Артан Груби од функцијата прв вицепремиер и најдоверлив аѓутант на Али Ахмети, туку и да постави нови правила на играта при одредувањето на кадровската политика во партијата. Писмото на таа група во која се бара смена на Груби и на другите министри треба да биде само почеток. Вчерашната изјава на Муса Џафери, поранешен вицепремиер и едно време многу близок на Ахмети (плус и двајцата се од Зајас) за „Слободен печат“ отвора нови нивоа на она што би можело да се случува во ДУИ, а и за позицијата на самиот лидер.

Политичка војна

„Ако Артан Груби барем малку го слуша незадоволството во партијата од него, самиот треба да се повлече од функциите прв вицепремиер и министер за политички систем. Освен него, оставки од функциите треба да поднесат и други министри или Ахмети да ги смени. Во спротивно ќе има политичка војна во ДУИ. Ако Ахмети мисли дека ова може да се развлече преку средби со ограноци и да трае со месеци, ако мисли дека може да нѐ надмудри, тогаш е во грешка бидеќи така нема да се решат проблемите“, рече Џафери во амблематична изјава.

Оваа огнена кочија со нејзините патници сака да стигне подалеку од само смената на Груби. Нејзините патници ја поставуваат во прашање апсолутно неприкосновената улога на самиот Ахмети (кој самиот себеси пред некој ден се нарече „мисионер“), да го одредува правецот по кој се движи партијата, нејзината идеолошка поставеност, проценката за изборот на кадрите на најважните државни позиции. Ако групата бара не само смена на Груби туку и на други министри, тоа сугерира дека Ахмети направил лош избор за новата влада која положи заклетва во јануари.

Интригантен е составот на оваа група бунтовници кои се закануваат со „политичка војна во ДУИ“. Во неа има и поранешни и сегашни функционери на ДУИ. Муса Џафери беше еден од најколоритните ликови во прислушуваните разговори. Невзат Бејта два пати загуби на изборите за градоначалник на Гостивар од Арбен Таравари и еднаш од Руфи Османи. А беше и два пати градоначалник на Гостивар и министер за локална самоуправа. ДУИ сиве овие години освен него речиси и да не смее да има друг кандидат за челното место во Гостивар, без оглед дали победувал или губел. Изет Меџити беше два пати градоначалник на Чаир. Првиот човек на Сарај, Блерим Беџети беше и министер за правда. Сите тие беа дел од владините структури за време на коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ.

Дали би сакале да се врати тоа време и истиот партнер? Тешко е да се одговори. Можеби повеќе се фрустрирани од тоа дека не се во кругот којшто носи одлуки, а некои други се во него. И тоа, наводно, без заслуги.

Јавниот вокабулар се промени и онаму каде што изгледаше дека е невозможно и каде „мисионерот“ е тој што ја носи конечната одлука без поговор, а сите се построени зад него. Кога некој јавно ќе му каже на Ахмети дека ако не си заминат Груби и останатите министри ќе има политичка војна во ДУИ, тоа би можело да значи дека границите на недопирливоста се поминати. И дека при одлучувањето за тоа кој ќе биде министер не може да не се праша и оваа група. Кокетирањето со Данела Арсовска околу директорските места во скопските јавни претпријатија е само дел од плановите на групата во оваа огнена кочија на интегративците. Битката за наследството или наследникот на Али Ахмети веќе е почната. Дали таа може да има последици за стабилноста на владиниот кабинет е веќе друго прашање.

Слики:
Dan Reynolds