Се срамам, значи постојам

26.01.2011 13:03
Art-by-Matt-Cusick-12-600x479.jpg

Убави манири во времето на Викиликс: џентлмени на левицата

Во една од дипломатските депеши објавени на Викиликс, Путин и Медведев се споредуваат со Бетмен и Робин. Тоа е полезна аналогија: не е ли Џулијан Асанж, оснивачот на Викиликс, олицетворение на Џокер од „Темниот витез“ на Кристофер Нолан? Во тој филм, окружниот обвинител Харви Дент, опсесивен одмазник, кој и самиот е корумпиран убиец, страда од Бетменовата рака. Бетмен и неговиот пријател, шефот на полицијата Гордон, сфаќаат дека, ако се обелоденат убиствата на Дент, моралот во градот ќе попушти, па затоа, за да го заштитат неговиот углед, склопуваат пакт и за убиствата го обвинуваат Бетмен. Наравоучението на филмот е дека лагите се неопходни за зачувување на јавниот морал: само лагата може да нè спаси. Не е ни чудо што единствената фигура на вистината во целиот илм е токму Џокер, најголемиот злосторник. Тој им дава до знаење дека неговите напади на Готам ќе престанат тогаш кога Бетмен ќе ја симне неговата маска и ќе го открие својот идентитет. За да го спречи ова и за да го заштити Бетмен, Дент на новинарите им објавува дека тој е Бетмен – што, исто така, е лага. За да го фати Џокер, Гордон мора да ја исценира сопствената смрт – уште една лага.

Џокер сака да ја открие вистината под маската, убеден дека со тоа ќ го уништи општествениот поредок. Како ќе го наречеме? Терорист? „Темниот витез“ во суштина е нова верзија на класичните вестерни „Тврдината на Апачите“ и „Човекот што го уби Либерти Валас“, кои покажуваат дека, за да се цивилизира Дивиот Запад, лагата мора да се подигне на ниво на вистина: со други зборови цивилизацијата мора да се темели на лаги. Овој филм доживеа огромен успех. Се поставува прашањето од каде токму во овој момент се појавува обновената потреба за лагите што го штитат општествениот систем.

Да го погледнеме, исо така, и новит бран на интересирање за Лео Штраус: оној аспект на неговата политичка мисла што е денеес толку релевантен, врзан е за неговото елитистичко поимање на демократијата, за идејата за „неопходната лага“. Елитите треба да владеат, свесни за вистинската состојба на работите (материјалистичка логика на моќта) и да им сервираат на луѓето бајки за да можат овие задоволно да живеат во своето блажено незнаење. За Штраус Сократ бил виновен: филозофијата е закана за човештвото. Преиспитувањето на боговите и етосот на еден град ја подрива лојалноста на граѓаните, а со тоа и основните на нормалниот општествен живот. Но, филозофијата истовремено е и највисока и највредна човечка дејност. Предложено е решение филозофите своите учења да ги чуваат во тајност, што овие и го направија, и да ги пренесуваат само со пишување „меѓу редови“. Вистинската скриена порака на „славната традиција“ на филозофијата, од Платон до Хобс и Лок, е дека боговите не постојат, дека моралот е само предрасуда и дека општеството не се темели на природата.

Досега приказната за Викиликс е претставена како борба меѓу Викиликс и американската империја: дали објавувањето на доверливите државни документи претставува чин на поддршка на слободата на информациите, правото на луѓето да ги знаат податоците, или е тоа терористички чин и закана за стабилноста на меѓународните односи?

Но, што ако ова не е вистинското прашање? Што ако клучната идеолошка и политичка борба се води внатре во самиот Викиликс: меѓу радикалниот чин на објавувањето на државните тајни и начинот на кој тој чин е реализиран во хегемонистичката идеолошко-политичка сфера на, меѓу останатите, и самиот Викиликс.

Ова реализирање не се однесува во прв ред на „корпоративниот пакт“, т.е. на сојузот што Викиликс го склопи со пет големи весници, давајќи им ексклузивно право селективно да ги објавуваат документите. Многу е поважен заговорничкиот став на Викиликс: „добрата“ тајна група која ја напаѓа „лошата“, олицетворена во Стејт Департментот. Према ова становиште, непријатели се американските дипломати, кои ја кријат вистинатаа, ја манипулираат јавноста и ги понижуваат своите сојузници од себични интереси. „Власта“ е во рацете на негативците на врвот, и не се доживува како нешто што се провлекува низ целото општество, што одредува како ќе работиме, мислиме и трошиме. Самиот Викиликс ја почувствува оваа дисперзија на власта кога Mastercard, Visa, PayPal и Bank of America се здружија со државата во саботирањето на оваа организација. Цената која се плаќа за конспиративно однесување е во тоа дека ќе бидеш третиран според конспиративната логика. (Затоа не треба да се чудиме на теориите кој навистина управува со Викиликс – ЦИА?)

На конспиративното делување му се приклучува неговиот формален антипод, либералната апропријација на Викиликс, како уште едно поглавие во славната историја на борбата за „слободен протек на информациите“ и „правото на граѓаните да знаат“. Ваквото сфаќање на Викиликс ја сведува оваа организација на ниво на радикално „истражувачко новинарство“. Од ова не дели само еден чекор до холивудските блокбастери од типот на „Сите луѓе на претседатлот“ и „Досие Пеликан“, кај што чифт обични луѓе откриваат скандал што досегнува до претседателот и го принудува да даде оставка. Корупцијата досегнува до самиот врв, но идеологијата на ваквите остварувања е содржана во нивната конечна позитивна порака: колку е оваа наша земја прекрасна, кога неколку обични луѓе, како што сме ти и јас, може да го урне претседателот, најмоќниот човек на планетата.

Крајната демонстрација на моќта на владеачката идеологија е дозволување на божемната силна критика. Денес не ни недостасува антикапитализам. Преплавени сме со критики на капиталистичките стравотии: книги, истражувачко новинарство и телевизиски документарци ги разоткриваат компаниите што безобѕирно ја загадуваат околината, корумпираните банкари кои и натаму земаат дебели бонуси, додека нивните банки се спасуваат со државни пари, фабрики каде што децата работат како робови итн. Меѓутоа, има тука една закачка: во овие критики не се преиспитува демократско-либералната рамка на борбата против тие злоупотреби. Целта (експлицитна или навестена) е демократизација на капитализмот, проширување на демократската контрола на економијата преку медиумски притисок, парламентарни сведочења, построги закони, чесни полициски истраги итн. Но, институционалната поставеност на (буржуаско) демократската држава не се доведува во прашање. Таа останува недопирлива дури и во најрадикалните облици на „етичкиот антикапитализам“ (Форумот Порто Алегре, движењето во Сиетл и слично).

Викиликс не може да се посматра на истиот начин. Од самиот почеток, во оваа организација имаше нешто што одеше понатаму од либералната концепција на слободниот протек на информации. Тоа не треба да се бара во нивниот материјал. Единствено што изненадува во откритијата на Викиликс е тоа што немаше никакво изненадување. Зарем не го видовме она што го очекувавме? Вистинското вознемирување беше на појавно ниво: повеќе не можеме да се преправаме дека не го знаеме она што сите знаат дека го знаеме. Тоа е парадоксот на јавниот простор: дури и кога сите знаат некој непријатен факт, нејзиното јавно изговарање менува сè. Една од првите одлуки на болшевичката влада во 1918 година беше да се објават сите акти на царистичката тајна дипломатија, сите тајни уговори, тајните одредби на јавните уговори итн. И тука мета беше функционирањето на државниот апарат на власта.

Викиликс е закана за формалното функционирање на власта. Тука вистинските мети не се валканите работи и поединците што ги извршуваат; со други зборови, не толку оние што се на власт, туку самата власт, нејзината структура. Не треба да се заборави дека власта не се само институциите, туку и легитимните („нормалните“) начини на нивна контрола (независни медиуми, невладини организации итн.) – според зборовите на индискиот професор Сарој Гири, Викиликс „ја загрозува власта, загрозувајќи ги редовните канали за загрозување на власта и за откривање на вистината“. Целта на Викиликс не беше властодршците да се засрамат, туку ние самите да се мобилизираме и да воспоставиме поинаков вид власт што ќе ги надмине ограничувањата на претставничката демократија.

Меѓутоа, погрешна е претпоставката дека откривањето на сето она што е скриено ќе нè ослободи. Таа премиса е погрешна. Вистината навистина ослободува, ама не и оваа вистина. Секако дека не може да и’ се верува на фасадата, на официјалната документација, но вистината нема да ја пронајдеме ни во трачевите што се шират зад фасадата. Изгледот, јавната претстава, никогаш не е чисто лицемерие. Е.Л. Доктороу еднаш забележа дека изгледот е сè што имаме и дека за него треба да се води сметка. Често ни се говори дека приватноста исчезнува, дека и најинтимните тајни се отворени за јавно просудување. Но, реалноста е токму спротивна: исчезнува токму јавниот простор и неговиот дигнитет. Во секојдневниот живот често се наоѓаме во ситуации кога единствената исправна постапка е да не кажеме сè. Во филмот „Baisers voles“, Делфин Сејриж на својот млад љубовник му ја објаснува разликата меѓу пристојноста и тактот: „Замисли случајно да влезеш во купатило каде што некоја жена стои гола под туш. Пристојноста налага бргу да ја затвориш вратата и да кажеш ’Извинете госпоѓо’, ама ако имаш такт, ќе ја затвориш вратата и ќе кажеш ’Извинете господине’“. Само во другиот случај, претворајќи се дека не сте виделе ни толку за да го препознаете полот на личноста под тушот, покажувате дека имате такт.

Одличен пример за такт во политиката е тајниот состанок на Алвар Куњал, водачот на португалската Комунистичка партија, и Ернесто Мела Антунеш, продемократскиот припадник на војната групација одговорна за пучот со кој во 1974 година е срушен режимот на Салазар. Ситуацијата била вонредно напната: од една страна, Комунистичката партија била подготвена да покрене вистинска социјалистичка револуција, да ги преземе фабриките и земјата (оружјето веќе им било поделено на луѓето); од друга страна, конзервативците и либералите биле подготвени да ја запрат револуцијата со сите средства, вклучувајќи и воена интервенција. Антунеш и Куњал постигнаа договор, без да го признаат: не се спогодија – на прв поглед би се рекло дека само се спореа – ама од состанокот излегоа уверени дека комунистите нема да ја отпочнат револуцијата и така ќе овозможат развој на „нормалната“ демократска држава, а антисоцијалистичката војска нема да ја забрани Комунистичката партија, туку дека ќе ја прифати како еден од клучните актери на демократскиот процес. Може да се каже дека овој дискретен состанок ја спречи граѓанската војна во Португалија. А учесниците ја задржаа дискрецијата дури и во сеќавањата. Кога еден мој пријател, новинар, го праша Куњал за овој состанок, тој рече ека може да потврди дека таков состанок е одржан само ако Антунеш не демантира – ако Антунеш каже дека немало таков состанок, тогаш немало. Што се однесува до Антунеш, тој внимателно го сослушал мојот пријател, кој му пренел што рекол Куњал. Така, не одрекнувајќи го состанокот, почитувајќи го условот на Куњал, имплицитно потврдил дека овој состанок се сучил. Така во политиката се однесуваат господата на левицата.

Од она како денес можат да се реконструираат настаните, се чини дека и среќниот исход на кубанската криза е резултат на тактот, пристојните ритуали на божемното незнаење. Генијалноста на Кенеди се гледа во тоа што тој се преправа дека не добил писмо, а стратегијата успева само затоа што испраќачот (Хрушчов) решил да ја прифати оваа игра. Имено, Хрушчов на 26 октомври му испраќа писмо на Кенеди, во кое ја потврдува понудата што веќе ја испратил преку емисари. Советскиот Сојуз ќе ги повлече ракетите од Куба, ако Америка се обврзе дека нема да ја нападне оваа земја. Меѓутоа, утредента, уште пред да стигне американскиот одговор, Хрушчов испраќа второ, поостро, писмо, со нови услови. Истиот ден, во 20.05 часот, Хрушчов го добива одговорот од Кенеди. Се согласува со предлогот на Хрушчов од 26 октомври, преправајќи се дека писмото од 27 октомври никогаш не постоело. На 28 октомври Кенеди добива трето писмо од Хрушчов, во кое договорот е потврден. Во таквите мигови, кога сè е под знак прашање, прашањата како што е изгледот, пристојноста и свеста дека „човекот игра игра“ се поважни од било кога.

Меѓутоа, тоа е само една – лажлива – страна на приказната. Постојат оние мигови – мигови на криза на хегемонистичкиот дискурс – кога треба да се рескира и да се испровоцира растурање на изгледите. Таков момент опиша младиот Маркс во 1843 година. Во „Критиката на Хегеловата филозофија на правото“ тој го препознава пропаѓањето на германскиот „ancien regime“ во текот на 1830-тите и 1840-тите како фарсично повторување на пропаста на францускиот „ancien regime“. Францускиот режим беше трагичен „сè додека веруваше и мораше да верува во сопственото оправдување“. Германскиот режим „само замислува дека верува во себе и бара од светот да верува во истото тоа. Кога би верувал во сопствената суштина, дали би... барал засолниште во лицемерието и софизмот? Современиот ancient regime e само кловн во светскиот поредок чии вистински херои се мртви“. Во таквата ситуација, срамот е оружје: „Вистинскиот притисок мора да се засили со свеста за притисокот, вистинскиот срам мора да стене уште посрамен, така што ќе се објави“.

Тоа е токму нашата денешна ситуација: имаме работа со бесрамен цинизам на глобално ниво, чии агенти само замислуваат дека веруваат во своите идеи за демократијата, човековите права и така натаму. Со делувањето како ова на Викиликс, срамот – нашиот срам затоа што толерираме ваква власт – се чини уште посрамотен со тоа што се објавува. Кога Америка интервенира во Ирак за да воведе секуларна демократија, а резултатот е јакнење на верскиот фундаментализам и јакнење на Иран, тогаш тоа не е трагична грешка на искрениот агент, туку е пример на циничен измамник, победен во сопствената игра.

Превод: Ѕвездан Георгиевски

Илустрации: Мет Кјусик

Текстот е објавен во јануарскиот број на „London Review of Books“, а тука е преземен од www.e-novine.com

Знаев дека Гелевски не

Знаев дека Гелевски не постои!

Ништо не е вистина, само

Ништо не е вистина, само афери ми стегаат.

Слични содржини

Општество / Европа / Свет / Теорија
Општество / Свет / Теорија
Општество / Европа / Теорија
Општество / Теорија
Општество / Теорија
Општество / Теорија / Музика
Општество / Теорија
Општество / Теорија

ОкоБоли главаВицФото