Крајот на вистинските социјални мрежи

04.10.2022 12:07
Крајот на вистинските социјални мрежи

Не само што милијарди луѓе ширум светот се залепени за своите мобилни телефони, туку и информациите што ги консумираат драстично се променија, и тоа не на подобро. На доминантните платформи за социјални медиуми, како Фејсбук, истражувачите документираа дека невистините се шират побрзо и пошироко од слична содржина која вклучува точни информации. Иако корисниците не бараат дезинформации, алгоритмите кои одредуваат што гледаат луѓето имаат тенденција да фаворизираат сензационални, неточни и погрешни содржини, бидејќи тоа е она што генерира „ангажман“, а со тоа и приходи од реклами.

Како што забележа интернет активистот Ели Парисер во 2011 година, Фејсбук, исто така, создава така наречени „филтер меурчиња“ (состојба на интелектуална изолација која може да произлезе од персонализирани пребарувања, кога алгоритам на веб-локација селективно погодува кои информации корисникот би сакал да ги види), при што поголема е веројатноста на поединците да им се претстават содржини што ги зајакнуваат нивните сопствени идеолошки наклонетости и ги потврдуваат нивните сопствени предрасуди. И поновите истражувања покажаа дека овој процес има големо влијание врз видот на информации што ги гледаат корисниците.

Дури и ако ги оставиме настрана алгоритамските избори на Фејсбук, поширокиот екосистем на социјалните медиуми им овозможува на луѓето да најдат под-заедници кои се усогласени со нивните интереси. Ова не е нужно лоша работа. Ако сте единствената личност во вашата заедница со интерес за орнитологија, повеќе не мора да бидете сами, бидејќи сега можете да се поврзете со ентузијасти за орнитологија од целиот свет. Но, се разбира, истото важи и за осамениот екстремист кој сега може да ги користи истите платформи за пристап или пропагирање на говор на омраза и теории на заговор.

Никој не спори дека платформите на социјалните медиуми многу пати биле главен канал за говор на омраза, дезинформации и пропаганда. Редит и Јутјуб се почва за десничарски екстремизам. “Чуварите на заклетвата” го користеа Фејсбук, особено, за да ја организираат својата улога во нападот на “Капитол “ во Соединетите Држави, на 6 јануари 2021 година. Откриено е дека антимуслиманските твитови на поранешниот американски претседател Доналд Трамп го поттикнале насилството врз малцинствата во САД.

Навистина, некои сметаат дека таквите набљудувања се алармантни, забележувајќи дека големите играчи како Фејсбук и Јутјуб (кој е во сопственост на Гугл/Алфабет) прават многу повеќе за ширењето на говор на омраза и дезинформации отколку нивните помали ривали, особено сега кога се подобро развиени практиките за модерирање на овие мрежи. Покрај тоа, други истражувачи го наметнуваат откритието дека невистините се шират побрзо на Фејсбук и Твитер, барем во споредба со другите медиуми.
Илустрација на Лесли Барнс, инспирирана од "1984" на Џорџ Орвел.

Трети, пак, тврдат дека дури и ако моментално средината на социјалните медиуми е предавничка, проблемот е минлив. На крајот на краиштата, новите алатки за комуникација отсекогаш биле злоупотребувани. Мартин Лутер ја користел печатницата за да промовира не само протестантизам, туку и вирулентен антисемитизам. Радиото се покажа како моќна алатка во рацете на демагозите како отец Чарлс Кафлин во САД и нацистите во Германија. И печатените медиуми и радиодифузните куќи остануваат полни со дезинформации до ден-денес, но општеството се приспособи на овие медиуми и успеа да ги држи под контрола нивните негативни ефекти.

Овој аргумент имплицира дека комбинацијата на посилна регулатива и други нови технологии може да ги надмине предизвиците што ги поставуваат социјалните медиуми. На пример, платформите би можеле да обезбедат подобри информации за потеклото на статиите; или на истите платформи би можеле да бидат контролирани алгоритамските засилувања на претерано сензационалистички прикажаните содржини и дезинформации.

Сепак, ваквите мерки не навлегуваат во длабочината на проблемот. Социјалните медиуми не само што создаваат средини наречени „ехо-комори“ каде што едно лице се среќава само со информации или мислења кои го рефлектираат и зајакнуваат неговото мислење, пропагираат невистини и го олеснуваат ширењето на екстремистичките идеи. Тие, исто така, може да ги разнишаат самите основи на човечката комуникација и социјалната кохезија, заменувајќи ги вистинските социјални мрежи за вештачки.

Ние се разликуваме од животните најмногу со нашата напредна способност да учиме од нашата заедница и да акумулираме експертиза набљудувајќи ги другите. Нашите најдлабоки идеи и востановени концепти не доаѓаат изолирано или од читање книги, туку доаѓаат од нашата вмреженост во едно општественото милје и од интеракција која се реализира преку аргументација, образование, изведба и така натаму. Доверливите извори играат незаменлива улога во овој процес, поради што лидерите и оние на позиција може да постигнат такви големи ефекти. Претходните медиумски иновации го искористуваа ова, но ниту еден од нив не ја измени самата природа на човечките мрежи како што тоа го прават социјалните медиуми.

Што ќе се случи ако платформите како Фејсбук, Твитер или Редит почнат да манипулираат со она што ние го гледаме како наша социјална мрежа? Загрижувачката вистина е дека никој не знае. И иако на крајот ние би можеле да се прилагодиме на оваа промена и да најдеме начини како да ги неутрализираме нејзините најопасни ефекти, тоа не е исход на кој треба да сметаме, имајќи ја предвид насоката кон која се движи индустријата.

Најкорозивните ефекти на социјалните мрежи почнуваат да изгледаат токму како она што го предвиде културниот критичар Нил Постман пред речиси четири децении, во неговата историска книга „Забавувајќи се до смрт“. „Американците повеќе не разговараат меѓу себе, тие се забавуваат меѓусебно“, забележа тој. „Тие не разменуваат идеи, тие разменуваат слики. Тие не расправаат за предлози; тие се расправаат со убавите познати личности и реклами.“

Илустрација на Џонатан Бартон.

Споредувајќи го „1984“ на Џорџ Орвел со „Храбриот нов свет“ на Олдос Хаксли, Постман ќе додаде: „Орвел се плашеше од оние кои ќе ги забранат книгите. Хаксли се плашеше дека нема да има причина да се забрани книга, бидејќи нема да има некој што ќе сака да чита. Орвел се плашеше од оние кои ќе не лишат од информации. Хаксли се плашеше од оние кои ќе ни дадат толку многу информации што ќе се сведеме на пасивност и егоизам. Орвел се плашеше дека вистината ќе биде скриена од нас. Хаксли се плашеше дека вистината ќе се удави во морето на ирелевантноста.“

Додека Постман беше повеќе загрижен за иднината според Хаксли отколку онаа според Орвел, социјалните мрежи ги воведоа и двете во исто време. Додека владите стекнуваат средства и да манипулираат со нашите перцепции за реалноста и да нè сведат на пасивност и егоизам, нашите виртуелни „пријатели“ сè повеќе ги контролираат нашите мисли. Човек сега мора постојано да ја сигнализира својата доблест и да ги прозива луѓето кои отстапуваат од ортодоксноста која преовладува. А, „доблест“ е она што го вели нечиј вештачки, онлајн социјален круг; и во многу случаи, целосно се заснова на лаги.

Хана Арент, друга мислителка - визионерка од дваесеттиот век, предупреди до што може да доведе ова. „Ако сите секогаш ве лажат, последицата не е дека вие ќе верувате во лагите, туку дека никој повеќе нема да верува во ништо“. Во тој момент, општествениот и политичкиот живот стануваат невозможни.

 

Превод: Марина Туфекчиевска
Автор: Daron Acemoglu
Извор: Project Syndicate

 

ОкоБоли главаВицФото