1023 hPa
93 %
6 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 09:35
Ако мини буџетот на Квартенг ја преживееше бурата што ја предизвика, банкарите кои веќе заработуваат по милион фунти годишно ќе добиеја дополнителни даночни олеснувања и бонуси без горна граница. Од друга страна, доставувачите кои разнесуваат пици со велосипеди ќе добиеја мотивациски говор во кој се вреднува желбата за богатење. Тоа беше сржта на развојната стратегија на новата влада или, како што опиша поранешниот министер за брегзит Дејвид Фрост, противотров за проблемите на стагнацијата и дефетизмот.
Колку и да е примамливо да се повлекуваат паралели помеѓу зомбификуваните идеи за економијата на прелевањето и класичните холивудски хорор филмови како што е Ноќта на живите мртовци, имајќи ја предвид сериозноста на моментот посоодветно би било да се позанимаваме со можното движење на дополнителните пари кои би се нашле во рацете на банкарите. Владата тврди дека тие би ги инвестирале во економски раст. Ако не стануваше збор за безочна лага, тоа ќе беше трогателен пример за налудничава надеж. За разлика од смитовите пекари, месари и пивари кои вишоците ги вложувале во производство на уште поквалитетен леб, месо и пиво, банкарите би ги вложиле парите во некој инвестициски фонд кој понатаму ќе ги вложува во акции, деривати и обврзници.
Менаџерите на фондовите кај кои би завршиле овие пари, одамна се откажаа од инвестиции во производствени капацитети. Зошто би го правеле тоа ако знаат дека масите немаат со што да ги платат новите скапи производи? Наместо тоа тие ги вложуваат парите во купување сопствени акции (на тој начин зголемувајќи ги цените на акциите и износите на менаџерските бонуси) или се коцкаат на пазарите со деривати и недвижности. Валканата тајна на зомби економијата на прелевањето е во тоа што само една сила може да го спречи овој маѓепсан финансиски круг и да ја изгуби рамнотежата и да излезе од контрола: тоа е способноста на државата (понекогаш и на централните банки) и натаму да го храни.
Маргарет Тачер, која наводно ја обожава Лиз Трас, ја знаеше оваа мала валкана тајна. На потежок начин научи дека сè што прават даночните олеснувања за богатите е тоа што најногу го прелеваат приходот во корист на богатите, не донесувајќи општествена дивиденда во форма на економски раст. За нејзините неолиберални политики да создадат привид на економски раст, мораше во маѓепсаниот финансиски круг да го турне постоечкото богатство на државата (пред сè јавниот станбен фонд и јавните претпријатија за дистрибуција на гас, електрична енергија и водоснабдување). Накратко, нејзините политики донесоа раст, но не благодарение на функционалната економија на прелевањето, туку затоа што најголем дел од јавните добра беше распродаден по намалени цени и фрлен во финансискиот казан на Сити.
Овој деловен модел не се менуваше значајно уште од времето на Маргарет Тачер. Додуша, последната лабуристичка влада ги искористи приливите од оданочувањето на Сити за да ја финансира Националната здравствена служба и социјалните услуги, но производствената база во Обединетото Кралство продолжи да се топи. Тони Блер и Гордон Браун не само што го продолжија процесот на финансијализација кој го започна Маргарет Тачер, туку и го продлабочија на два начини: со отстранување на преостанатите регулаторни органичувања за Сити и понатамошно вложување на приходите во дерегулираните јавни служби.
Под тежината на сопствениот хибрис, маѓепсаниот круг на финансијализацијата доживеа историски крах во 2008 година. Централните банки и државите мораа да ги здружат силите за да го одржат во живот. На овој прекрасен пример на ексклузивен социјализам за финансиската елита Џорџ Озборн ги додаде и мерките за штедење, кои со понатамошното намалување на агрегатната побарувачка ги елиминираа сите преостанати поттици за инвестирање во проиводствената база.
Четири децении по почнувањето на неолибералниот експеримент доказите зборуваат јасно: економијата на прелевањето е опасна. Економскиот раст не реагира на даночните стапки за највисоките приходи. Пол Кругман неодамна покажа дека намалувањето на Реган и зголемувањето на даночните стапки на Клинтон не влијаеја значајно на движењето на американската економија. Исто така, податоците од Обединетото Кралство зборуваат против уверувањето дека Маргарет Тачер ја извела Велика Британија на патот на економскиот раст. На пример, продуктивноста во Велика Британија во 1979 година заостануваше за 17 проценти зад онаа во Франција и 18 проценти во однос на Германија. Дали Велика Британија успеа да ги стигне по четири децении примена на даночни политики од теоријата за прелевањето и селективни мерки за дерегулација (какви што немаше во Франција)? Не. Франција сè уште ѝ бега за 18 проценти, а Германија за 17 проценти.
Од оваа историска перспектива, нападите на Лиз Трас се речиси незаслужени. Секако, нема сомнеж дека новата премиерка и нејзиниот министер за финансии направија монументална грешка. Но не е чесно тоа што критичарите ѝ ги прпишуваат сите гревови од стариот деловен модел кој го инспирираше Маргарет Тачер, Тони Блер го прилагоди, а Озборн го поддржа, за да го поткопа брегзит, а Борис Џонсон да го занемари. Новата премиерка направи почетничка грешка кога се обиде да го победи Риши Сунак (истовремено отфрлајќи го планот на Џонсон за развој на неразвиените региони) избирајќи ја за себеси улогата... на Маргарет Тачер. За жал, за разлика од Маргарет Тачер таа нема пристап до државниот имот кој ќе го вбризга во финансискиот сектор, а централната банка премногу стравува од инфлација за да печати уште пари за продолжување на финансијализацијата. Трас се обидува да го направи невозможното: да биде Реган без поддршка на моќниот долар.
Проблемот со идеите кои одбиваат да умрат е тоа што инспирираат други зомби идеи. Веќе има индиции дека Квартенг, наместо да ги ликвидира зомбијата на економијата на прелевањето ќе ги оживее зомбијата на мерките за штедење. Со занемарување на фактот дека даночните олеснувања за богатите не генерираат економски раст и дека досега применуваните политики за штедење не го запреа растот на јавниот долг, Обединетото Кралство е осудено на соживот со зомбијата уште две години.
Добра вест е тоа што економската програма на новата премиерка практично гарантира пораз на ториевците на следните избори. Што ќе се случи тогаш? Дали лабуристите имаат план како да го раскинат злокобниот јазол на апропријацијата на богатството во корист на Сити под покровителство на државата? Иднината на Обединетото Кралство и сите надежи за отстранување на непотребната штета настанати во претходните четири децении зависат од тоа.
Превод: Алек Кузмановски
Мурали: Escif
Извор: https://www.theguardian.com/