Измамата околу управувањето со стресот

06.10.2022 10:56
Измамата околу управувањето со стресот

 „Ослободување од стресот“ од Ентони Фалбо

Циничноста на корпоративните модели на управување со стресот може да се измери само според степенот до кој стресот е нус-производ на капиталистичкиот систем на акумулација на профит. Решенија кои нема да бидат само половични треба да се бараат во доменот на политиката наместо во индивидуалистичкиот идеал за грижа за себе.

Постојано ги добивав тие некои сметки. Едната беше од болницата, а другата од Labcorp, и во нив пишуваше дека им должам вкупно 700 долари за рутински преглед и дијагностички тест. Штотуку започнав да работам на новото работно место – прво по завршувањето на постдипломски студии - и сè уште ја немав земено првата плата. Бев исцрпена од консултации со нови пациенти на терапија, запознавање нови колеги на работа и привикнување на моите нови обврски. Непотребно е да се каже дека овие изненадувачки сметки не пристигнаа во добро време.

Знаев дека моето осигурување ги покрива и прегледот и тестот. Затоа го направив она што мораше да го направам: се јавив во болница за да се обидам да дознаам за што се работи. Се јавија откако ме ставија на чекање, но ми рекоа дека проблемот е во исплатувачот, а не кај давателот на услугата. Затоа ја повикав мојата осигурителна компанија. Таму ми го кажаа спротивното: морам да се јавам кај давателот на услугата. Па повторно се јавив во болница. Но, таму повторно ми кажаа дека проблемот е мојата осигурителна компанија. И така натаму. Имаше долги чекања. Ме шетаа низ различни одделенија.

За жал, сите тие канцеларии имаа работно време, кое беше речиси идентично со времето кога бев на работа. Така, одвојував време за телефонски повици пред и после работа, честопати додека се обидував да го избегнам сообраќајниот метеж на автопатот. Ќе се јавев или за време на паузата за ручек, или кога некој од моите пациенти ќе откаже. Процесот се одолговлекуваше со денови, кои се претворија во недели. Во меѓувреме, сметките продолжија да пристигнуваат, сега означени со црвени печати „ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ“. Мислите ми прелетуваа. Дали ќе ме испратат во агенција за наплата? Дали овие сметки ќе го повредат мојот кредитен рејтинг? Не сум јас виновна што болницата згрешила и што не можев да ги добијам на телефон да го решат проблемот. Можеби би требало само да платам, и да завршам со тоа.

Во ова време почнав да ги губам клучевите - што не е типично за мене. Ќе тргнев на работа без телефон и ќе морав да возам назад дома за да го земам. Ќе паркирав на погрешна улица во погрешно време и ќе добиев казна од 32 долари, не дека не ги знаев правилата. Во еден момент ја изгубив картичката за здравствено осигурување и морав да нарачам друга, што не е лесно кога постојано те ставаат на чекање и те префрлаат во друго одделение. Сè на сè, мојот живот стануваше сè постресен и постресен; маѓепсан круг.

Конечно, по неколку недели, го решив проблемот. Набргу после тоа, почнав да се чувствувам повеќе како „јас.“ Со други зборови, престанав да ги губам клучевите.

Не ја раскажувам оваа приказна за да отворам дебата околу американската политика за здравствена заштита (иако е ужасна), ниту за да ја илустрирам замката на сиромаштијата (привремениот проблем со ликвидноста не е исто што и сиромаштијата) или проблемите со регресивното собирање на општинските приходи врз основа на казни и такси. Ја раскажувам оваа лична анегдота за да го објаснам конкретно начинот на кој стресот краткорочно ја оштетува когнитивната функција.

Според Американската психолошка асоцијација, когнитивната функција е „изведба на менталните процеси на перцепција, учење, меморија, разбирање, свесност, расудување, проценување, интуиција и јазик.“

“Без стрес” - Ван Ланиг

„Психолошкиот стрес може краткорочно да влијае на когнитивната функција (на пример, умот на поединецот е преокупиран со расправија што се случила порано во текот на денот, што резултира со намалена способност да се обрне внимание, да се следат или запомнат чекорите во одредена задача) ,“ се вели во написот во списанието BMC Psychiatry од 2015 година. „Краткорочно, малите дневни стресови можат да произведат минливи ефекти врз сознанието, намалувајќи ја количината на ресурси за внимание кои се достапни за обработка на информациите“.

Но, животниот век полн со акумулиран стрес, исто така може да има штетни долгорочни последици - особено кога станува збор за стареењето. „Оние кои доживуваат хроничен стрес покажуваат забрзано когнитивно назадување во споредба со врсниците кои се под помал стрес“, се вели во написот.

Оваа, и други студии дури укажуваат на врска помеѓу зголемениот стрес и Алцхајмеровата болест. „Управувањето со стресот може да ги намали здравствените проблеми поврзани со стресот, вклучувајќи ги и когнитивните проблеми и зголемениот ризик од Алцхајмерова болест и деменција“, се вели во написот на блогот на Harward Health.

Статијата предлага „да го заштитите вашиот мозок“ од овие проблеми со намалување на стресот: добро наспијте се, направете список со обврски и побарајте помош и поддршка. Сето тоа се одлични идеи кои ги користам во мојот живот и им ги предлагам на моите пациенти кои се чувствуваат обземени од секојдневните проблеми.

Но, овие решенија за управување со стресот секогаш ќе изгледаат како пливање во спротивен правец од текот на реката, во општество кое се занимава – според зборовите на Марк Фишер – со
„огромна приватизација на стресот.“ Зошто управувањето со стресот предизвикан од јавните служби преоптоварени со мерки за штедење, угнетувачките работни услови, расизмот, сексизмот и други нетрпеливости, паѓаат на грбот на поединецот?

На пациентите им ја објаснувам приватизацијата на стресот откако зборуваме за спиење, списоци со задачи и барање помош. Им велам да не се обвинуваат себеси, особено зошто проблемот е системски. Но, и тоа не е доволно. За време на терапијата работиме на изнаоѓање на вистински решенија за проблемите на пациентите. Значи, разговараме за тоа како работите би можеле да бидат поинакви.

Што ако управувањето со стресот е всушност поврзано со градење општество кое функционира на начин кој е помалку стресен за сите? Би можеле да го намалиме административниот товар на поединците со вработување на повеќе луѓе и олеснување на користењето на услугите (ова се однесува и на јавните и на приватните услуги). Владата би можела целосно да финансира ефикасен транспорт. Владата би можела да наложи повисоки плати, поголема сигурност околу вработувањата и повеќе платено слободно време, за да можат луѓето да се грижат за себе и да се релаксираат.

Намалувањето на стресот треба да се третира како сериозен јавно-здравствен проблем. Тоа е и прашање на праведност. Како и кај секоја социјална болест, најсиромашните луѓе се најизложени и кај нив има најлоши исходи. Ако навистина сакаме да го намалиме стресот, единственото решение е систем изграден за да им служи на луѓето - не обратно.

Keith Negley

Превод: Марина Туфекчиевска
Извор:Tribune

Слични содржини

Општество / Психологија / Живот / Теорија
Општество / Психологија / Живот
Општество / Психологија / Живот
Општество / Квир / Живот
Општество / Живот
Општество / Психологија
Квир / Психологија / Живот

ОкоБоли главаВицФото