Војната во Украина и лажните пророци од западот

07.10.2022 01:48
Војната во Украина и лажните пророци од западот

Варварската војна што ја започна Русија предизвика глобална осуда, додека во Украина се слева помош која е и повеќе од потребна. Тоа е ситуација која значајно отскокнува од прогнозите на некои од водечките стручњаци од западот, кои ја третираа Украина како пропадната држава и тактичка пречка во бизнисите на големите играчи.

Заради некоја причина војната во Украина ги обедини десниот и левиот дел од западниот политички спектар во чудни комбинации. На десницата, луѓето како Најл Фергусон веруваат дека постсоветска Русија е успешна земја која своите природни ресурси и воената сила ги користи за да воведе ред и закон во разнишаниот глобален поредок. Некои од нив мислат дека само Русија, изворот на економскиот хаос и нуклеарните закани, го спречува Антихристот да го уништи целиот свет.

На левицата луѓето како Ноам Чомски веруваат дека Советскиот сојуз беше одличен во сè што е важно, на пример во антиамериканизмот. Уште повеќе изненадува тоа што некои од нив сè уште мислат дека современа Русија, светскиот шампион во нееднаквост, е олицетворение на изгубениот рај на левицата.

На денот на руската инвазија, моќниот германски министер за финансии Кристијан Линднер му рече на украинскиот амбасадор дека Киев ќе падне следниот ден. Амбасадорот Андриј Мелник се обиде да му противречи, а потоа се расплака. Два месеци подоцна, Линднер се заколна дека Германија засекогаш ќе ја поддржува Украина. Од другата страна на Атлантикот, влијателната директорка на списанието The Nation, Катрина ванден Хувел една недела пред руската инвазија напиша: „Украина е европска верзија на пропадната држава“. Наведе (погрешно) тројца американски претседатели кои одбија да ѝ пружат помош на Украина, зашто оваа земја „не е вредна за одбрана“. Најпосле, предложи „договор кој на Украина ѝ гарантира суверенитет и независност во замена за гаранции за нејзината неутралност“. Меѓутоа, Украина се откажа од нуклеарното оружје и стекна суверенитет и независност уште пред 30 години - со гаранции од САД, Русија и многу други земји.

Во својата инаку добро аргументирана книга од 2021 година, „Климат: Русија во добата на климатските промени“, професорот од универзитетот во Џорџтаун, Тејн Густафсон заклучи дека енергетската транзиција во Русија ќе се одвива во две фази. Во 2020-тите глобалната побарувачка за енергија сè уште ќе биде голема, како и рускиот извоз. На почетокот на 2030-тите приходите од нафта, гас и јаглен нагло ќе опаднат, за во 2050 година вкупниот извоз на Русија да се преполови. Тоа, напиша Густафсон, „ќе биде голема пресвртница за Русија“. Она што го прогнозираше Густафсон за 2050 година се случи во 2022-та, но во поинаква верзија. Причините исто така се различни од оние што ги предвиде. Војните и револуциите го забрзуваат текот на историјата.

Предвидувањата не се исти со толкувањата, како што ни пророците не се стручњаци. Но војната се развива брзо, па предвидувањата се остваруваат - или не - доволно брзо за луѓето да ги запамтат и според нив да ги проценуваат оние што ги изнеле. Во јануари 2022 година историчарот Најл Фергусон го спореди Путин со Петар Велики, основачот на руското царство. Како и Петар Велики, Путин ќе победи во својата битка кај Полтава, напиша Фергусон. Руската империјална историја, шпекулираше тој, „го инспирира денешниот цар Владимир многу повеќе од мрачните поглавја на владеењето на теророт на Сталин“. Неколку месеци подоцна, во екот на војната во Украина, Путин јавно се спореди со Петар Велики.

Фергусон го разбрал Путин, но не ја разбрал неговата војна. Негирајќи ги економските и демографските проблеми на Русија и верувајќи во нејзината лесна победа, Фергусон наведе дека Украина „нема да добие значајна воена поддршка од западот“. Путин ќе победи, а Фергусон ќе ликува: „Да не се изненадите ако парадата на победата [на Путин] се одржи во Полтава“, напиша непосредно пред почетокот на руската инвазија на Украина.

Расположението на Фергусон набрзо се промени: „Она што ја прави историјата тешка за предвидување“, напиша на почетокот на март, „е тоа што повеќето катастрофи потекнуваат од левото поле“. Големо е прашањето дали потекнува од лево или десно, но тој во оваа прилика ја обнови својата лиценца за предвидување на текот на историјата: „Јазикот на кој луѓето зборуваат во ходниците на моќта не е економски или политички. Тоа е јазикот на историјата.“ Така предвиде дека Мариупол ќе падне за неколку дена и дека администрацијата на Бајден нема да ја поддржи Украина, а бидејќи повеќето руски лидери умреа од природна смрт, така ќе биде и со Путин. Знаеме дека барем некои од овие предвидувања не се остварија.

Во јуни 2022 година Џон Миршајмер оцени дека Путин ја започна војната заради заканата од НАТО сојузот: кога Украина би ѝ се придружила на Алијансата, тоа „егзистенцијално“ би ја загрозило Русија, што ја оправдува агресијата. Овие тврдења на апологетот на политичкиот реализам ја поби самата реал политика за еден месец. Финска и Шведска влегуваат во НАТО заради војната на Путин. Со нивото пристапување НАТО ќе биде поблиску до виталните центри на Русија отколку што тоа ќе беше случај ако Украина добиеше зелено светло за пристап во НАТО. Овој ланец на настани е одличен пример за механизмот на политичкиот немесис: Путин толку се плашеше од НАТО па го донесе директно пред капијата на својот роден град, Санкт Петербург. Згора на тоа, Путин без забелешки го прифати ова проширување на Алијансата.

Истото важи и за гасоводите. Путин толку сакаше неговиот гас да ја заобиколи Украина што изгради два исклучително скапи гасоводи на дното на Балтичкото море. Еден од нив е завршен, но заради војната сè уште не почнал со работа, а другиот работи едвај. Во меѓувреме рускиот гас сè уште помиунва низ Украина.

Што и да ни зборуваат лажните пророци, Украинците покажаа храброст на бојното поле и вештина во дипломатијата. Комбинирајќи ги своите политички и сценски способности, претседателот Зеленски во својот град е продуцент на секојдневната емисија во која на некои западни лидери им овозможува зголемување на популарноста, а на други им одбива гостопримство. Од пропадната држава Украина се претвори во политички центар на светот.

Иднината е како роршаховите дамки од мастило: луѓето реагираат на неизвесноста така што во неа ги проектираат своите желби. Ни стручњаците ни пророците не знаат што носи иднината, но оние кои се впуштаат во предвидувања го покажуваат своето вистинско лице. За стручњаците нема поголеми грешки од предвидувањата во доба на војна, кога се разоткриваат нивните неосновани смешни желби.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Vlada Ralko

Извор: https://www.themoscowtimes.com/