Авторката која за срамот зборува без срам

07.10.2022 09:53
Авторката која за срамот зборува без срам

Француската авторка Ани Ерно е овогодинешната добитничка на Нобелова награда за литература. Нобеловата награда ѝ припадна на писателката „за храброста и клиничката острина со која ги открива корените, отуѓувањата и колективните ограничувања на личните сеќавања“, се вели во објаснувањето на Нобеловиот комитет.

„Ани Ерно го разоткри искуството на својата класа, опишувајќи го срамот, понижувањето, љубомората или неможноста да се види кој сте навистина, и на тој начин постигна нешто трајно и восхитувачко“, се посочува во објаснувањето.

Француската писателка и професорка по литература, Ани Ерно, е родена во 1940 година во мало гратче во Нормандија, во семејство на работници кои подоцна отвориле мала самопослуга.

Од тоа милје, Ерно ги црпи темите за своите дела и им пристапува од различни агли, (не)откривајќи ги разликите во разбирањето на полот, јазикот и класата. Нејзини главни теми во текот на децениите се, како што изјавува, телото и сексуалноста, интимните односи, социјалните нееднаквости и искуствата од промената на класите преку образованието, времето и сеќавањето, како и секогаш присутното прашање - како да се пишува за овие животни искуства.

Кристалната проза на Ерно го прикажува нејзиниот премин од девојка од работничката класа до книжевната елита, фрлајќи критички поглед врз општествените структури и нејзините сопствени комплицирани емоции.

Заговорничка е на „рамно пишување, лишено од „поезијата на сеќавањето,“

Својата книжевна кариера ја започнала во 1974 година со автобиографскиот роман „Less Armoiersvides,“ во кој пишува за абортусот во Франција во 60-тите, во време кога тоа било забрането. Вистински успева да се пробие дури со нејзината четврта книга, „La place“ (1983). за која ја добива наградата „Ренодо“. Во ова дело ја опишува врската со нејзиниот татко, како и растењето во мал град во Франција, Нејзината работа е претежно автобиографска, таа се дефинира себеси како „етнолог на самата себе“ наместо како писателка, а „Години“ (Les Années), книга со мемоари проза објавена во 2008 година, многумина ја сметаат за нејзино ремек дело.

„Приказна за една жена,“ „Местото на мажот,“ „Едноставна страст,“ Њујорк Тајмс ги окарактеризира како исклучителни книги. „Приказна за една жена“ е последната книга која беше номинирана за Наградата за книга на Лос Анџелес Тајмс.

Таа ја освои наградата „Премио Хемингвеј“ во 2018 година, а беше номинирана за „Букер награда“ во 2019 година.

Ани Ерно има напишано повеќе од 20 книги, од кои повеќето се дел од училишните лектири во Франција со децении.  Покрај биографскиот дел, тие нудат еден од најсуптилните, најпроникливите погледи во социјалниот живот на модерна Франција.

Слични содржини

Општество / Графички Дизајн / Книжевност / Култура
Книжевност / Психологија / Живот / Култура
Книжевност / Култура
Книжевност / Култура / Историја
Општество / Книжевност / Култура

ОкоБоли главаВицФото