Тајната загрепска епизода на Вивиен Ли

10.10.2022 08:30
Тајната загрепска епизода на Вивиен Ли


Cliché

Фраза или изрека која е толку пати употребена што го загубила своето значење. Во филмот најчесто се користи како израз за нешто што е веќе видено, банално и излитено.


Загреб, 1987.
На гости ни дојде Питер Брук. Работи интернационална поделба за англиската верзија на Махабхарата. Ќе ја работи во својот Théâtre des Bouffes du Nord во Париз и сака главниот актер да му биде од Југославија. Ме моли да ги одберам двајцата најдобри актери од мојата генерација и да му овозможам, без знаење на кој било друг, со нив да помине неколку денови во нашиот стан во Загреб.

На вториот ден од тие актерски бравурози, долги разговори и вечери на Ана излегувам на прошетка со Брук. Тој застанува пред ХНК и ме прашува дали е тоа националниот театар. Кимам со главата и тој седнува на плочникот и ми покажува да седнам до него.

Загреб, 1956.
Прв пат после Втората светска војна една западна театарска трупа заминува на гостување во земјите од онаа страна на „железната завеса“. Југославија, како „нешто помеѓу“, е првата земја од турнејата на Royal Shakespeare Company со Тит Андроник во режија на Питер Брук и сер Лоренс Оливие и леди Оливие – Вивиен Ли во главните улоги.

Така, сер Винстон Черчил на врвот од студената војна на стариот познајник маршлот Тито, како мал знак на внимание, му ја испраќа Скарлет О’Хара.

Сите, и на едната и на другата страна, биле многу исплашени, сомничави. Полицајците добиле задача ништо, апсолутно ништо непредвидено не смее да се случи. „Во прашање е угледот на земјата. Очите на целиот свет ќе бидат вперени во нас.“

Подготовките траеле со месеци. Англискиот амбасадор навреме бил известен дека уважените гости ќе бидат следени, дека придружбата ќе биде исклучително бројна, но да им се загарантира апсолутна безбедност.
Во раната пролет трупата стигнува во Загреб, првото одредиште на турнејата. После свечениот пречек, знамето, химната, и пломатските говори, државниците, возењето низ градот и сместувањето во хотелот Еспланада, вечерта, во салата на Хрватскиот народен театар, се игра претставата.

Вивиен Ли и Лоренс Оливие тогаш беа најпознатиот актерски пар во светот. Далеку од очите на јавноста нивната интимна врска веќе одамна беше само формалност. Таа многу пиеше.

Тој беше со помлада актерка. Покрај сето тоа беа и понатаму неподносливо љубоморни еден на друг. Турнејата беше причина што нивниот иден развод сè уште не беше обелоденет.

За време на претставата, после која требало да следува претседателскиот прием и вечерата за мал круг одбрани, Лоренс и Вивиен неколку пати се искарале. Тој внимавал никаде во нејзина близина да не се појави ниту капка алкохол, а таа во тој недостаток на алкохол умеела да ги препознае неговите прсти.

После поклонот, големите аплаузи и купиштата цвеќиња, во исчекување на почетокот на претседателскиот прием, Вивиен Ли успеала да побегне од театарот. Преслечена, со перика која ја нашла во гардеробата, успеала да ги помине сите безбедносни препреки, а никој, освен еден млад дваесетгодишен полицаец, тоа да не го забележи.

Заминала само на еден пијалак, а тој, кога сфатил дека таа незабележано излегла, повеќе немал време да им се јави на надредените што се случува. Едноставно тргнал по неа.

Следното утро, околу единаесет часот, некој во театарот тропнал на вратата од собата на Брук. Кога ја отворил, пред него стоел младиот полицаец кој на рацете ја носел Вивиен Ли. Била искубана, спиела. Младиот полицаец внимателно ја спуштил на фотелјата и заминал без збор.

Истото попладне, на Главната станица, кога со свечено испраќање го напуштале Загреб, Вивиен Ли од прозорецот на своето купе панично барала само една личност. Го здогледала во моментот кога возот веќе тргнал. Младиот полицаец стоел отстрана, во ќош. Брук вели дека во тој момент во нејзините очи видел солзи.

Загреб, 1987.
Вивиен на Брук му признала како успеала да побегне од театарот и дека тој млад полицаец многу ѝ се допаднал, но дека тој не сакал ништо да има со неа. Дали од страв да не ја загуби работата или заради трема затоа што пред него стои Скарлет О’Хара, не знае. Исто така, не знае што се случило подоцна, или едноставно не сакала да зборува за тоа. И додал дека сè уште го памети името на тој полицаец. „Се викаше Иван и сега би требало да има некаде околу педесет, не многу повеќе години. Побарај го, дознај ја неговата верзија. Сними филм за тоа. Ова што ти го раскажав ти е мој подарок.“

Истражувајќи, читајќи, прекопувајќи по сеќавањата на сведоците, полека ја откривав реалноста на ноќта во која се сретнаа голема ѕвезда од западот и младиот полицаец од истокот, два прототипа, речиси клишеа на две преполовени и спротивставени хемисфери. Авантурата која настанала од таа спојка, и покрај кусиот век, им ги сменила животите и нему и нејзе. И колку повеќе копав, сè повеќе ми се чинеше дека во таа средба всушност најмалку важно било тоа што таа била големата Вивиен Ли, а тој Иван, мал комунистички полицаец. Изгледа дека таа ноќ било многу поважно дека две потполно различни личности, и покрај брдата предрасуди кои ги разделувале, се споиле со неповторлива привлечност.

Лос Анџелес, 1992.
Англиската сценаристка Клер Фостер по оваа приказна напиша сценарио. На првата рака соработував, но бидејќи заминав од Лос Анџелес втората и третата рака ги напиша сама.

Се јави десетина години подоцна со прашањето дали би можела да ги откупи првата на приказната. Очигледно после долго истражување нашла некој кој се заинтересирал за сценариото.

На фотографиите се Вивиен Ли и Лоренс Оливие
Превод: Дејан Трајкоски
Извор за текстот: Рајко Грлиќ, Нераскажани приказни (ПРОЗАРТ, Скопје, 2022)

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото