Нова криза во Аргентина: Нема доволно Панини сликички од Меси

12.10.2022 11:54
Нова криза во Аргентина: Нема доволно Панини сликички од Меси

Последниве денови вистински хаос ја зафати Аргентина, земјата која дише, сонува и живее за фудбалот. Откако италијанската компанија Панини го објави на пазарот последниот албум со сликички од фудбалери, во пресрет на Светското првенство кое за два месеци започнува во Катар, Аргентинците со часови чекаат во редици пред киосците за да купат пакетчиња сликички и се жалат дека нема доволно.

Целта е да се пополни традиционалниот албум на Панини, што е ритуал од речиси религиозно значење и се повторува на секои четири години во Аргентина кога, во периодот додека трае турнирот на Светскиот куп. Сликичките доаѓаат во запечатени пакувања и нема гаранција дека собирачите ќе ги најдат играчите кои им се потребни за да го комплетираат албумот.

Истовремено, цените на ретките сликички растат на „црниот пазар,“ каде сликичката на најголемата фудбалска ѕвезда, Лионел Меси, која се смета за особено ретка, се продава по цена од околу 300 евра, објави весникот Ел Паис, а може да се наиде и на фалсификат сликички. За таа сума, може да се купат 300 пакетчиња во киосците во Аргентина.

Недостигот на сликички во трафиките се должи и на тоа што некои нашле начин како да извлечат корист од целата ситуација, па набавиле голем број на пакетчиња кои ги продаваат онлајн.

„Се соочивме со ова оваа ситуација со гнев, со бес“, рече Акуња, вториот потпретседател на Унијата на киосци на Аргентинската Република. „Чекавме четири години да се случи ова, и сега ги гледате (сликичките) само во подземните канали“.

Додека трговците бараат трпение, синдикатот, кој застапува повеќе од 112.000 киосци во јужноамериканската земја, се обрати до фабриката на Панини за да побара ексклузивна дистрибуција на сликичките.

По ова, стапува на ред и Владата. Имено, Министерството за трговија свика состанок меѓу операторите на киосците и застапништвото на Панини во Аргентина. Според Акуња, Панини се согласил да го зголеми производството до 20 проценти и да воведе построга контрола врз дистрибуцијата за киосците да можат да го добијат својот дел. И покрај тоа, од Панини изјавуваат дека „Постои променлива со која не можеме да управуваме: побарувачката“.

Извор: The Washington Post