Приказна од островот Ластово

13.10.2022 09:30
Приказна од островот Ластово

Escape movies
Еден од подвидовите на авантуристичкиот филм чии приказни се посветени на бегствата, најчесто од затвор или логор, но оние преку разни граници и забранети линии. Најпознати меѓу нив се: Loneliness of the Long Distance Runner (1962), The Hill (1965), Papillon (1973), Midnight Express (1978), Down by Law (1986), The Shawshank Redemption (1994), O Brother, Where Art Thou? (2000)…

Ластово, 1953.
На најоддалечениот населен јадрански остров со специјална уредба е воведен закон според кој веслата по рибарење мора да се однесат на чување во милицијата. Власта со тоа се обидува да ги запре островјаните во рибарски чамци да бегаат во Италија.

Круно тогаш имал деветнаесет години. Заедно со петмина пријатели со месеци во тајност правел весла. Се заколнале на молк и чекале ноќ кога заедно ќе одвеслаат во Италија, во некој подобар и поубав живот.

А кога таа ноќ конечно дошла, Круно се преплашил. Пријателите до пред зора го чекале и на крајот тргнале без него.

Ластово, 1984.
Круно е висок, убав човек, чудесно молчалив и повлечен. Како бродски готвач го поминал својот живот на трговски бродови. Рано се пензионирал и со сопругата, синот и ќерката во Лучица, залив во кој ластовци некогаш ги чувале рибарските чамци, го отворил еден од првите туристички пансиони на островот.

Со години со семејствата Кушан и Маџели кај нив ги поминувавме летата, ловевме риба, уживајќи во гостопримството, храната, виното и морето под терасата. Супата од јастог беше главниот специјалитет на Круно.
Така, еднаш, додека гостите сè уште се капеа, го најдов Круно на терасата како неподвижно гледа кон другата страна од заливот. Таму една средовечна двојка, очигледно вешти во градежните работи, со денови работеше на обнова на една мала рибарска куќа. Тогаш прв пат, и во само неколку суви реченици, ми раскажа што му се случио пред триесет години. „Нема да помине ни ден, а ни ноќ, да не мислам на тоа“, рече Круно.

Потоа ми објасни дека човекот кој со жената работи на куќата отспротива е еден од петтемина негови пријатели кои заминале онаа ноќ. И првиот од нив кој се вратил. Во селото велат дека како градежник животот го поминал во Австралија, дека нешто заработил и дека сега со сопругата решил да се врати и тука, во Лучица, во татковата куќа за чамци, да ја помине староста.

Од доаѓањето до денес, а тоа се веќе неколку недели, не му се јавил на Круно. А Круно немал храброст да појде до него.

Испивме уште една беванда и продолживме да гледаме како на другата страната од заливот влечат црепови, ги туркаат количките со малтер. Круно тогаш ја прекина тишината и ме праша дали можам да отидам до кај тој човек и да го поканам да дојде на терасата на чаша вино. Погледнав во Круно и сфатив дека прашањето - „А зошто не појдете сам?“, би било крајно несоодветно.

Појдов, се претставив и објаснив зошто сум дојден. Неколку моменти размислуваше, а потоа на хрватски, со силен австралиски нагласок, рече дека ќе дојде, само да ги измие рацете.

И навистина, дојде после неполн половина час. Се ракуваа, седеа и разменија неколку куртоазни реченици. Разговорот никако не напредуваше. Се повлеков сфаќајќи дека на таа средба не ѝ е потребен сведок.

Не знам за што зборуваа, но мислам дека само уште еднаш или два пати се сретнаа. Паметам само дека тие луѓе, после две години работа на куќата, решија сè да продадат и да се вратат во Австралија. Круно тогаш ми кажа дека имале толку проблеми со островјаните, што повеќе не можеле да издржат. Се почувствувале непожелни и рекле дека никогаш повеќе нема да се вратат.

Круно не го прашав за што зборуваа тој ден. Но при секое споменување на таа тема изразот на неговото лице зборуваше дека тие стари рани останале незалекувани. Како што и малата рибарска куќа на другата страна од заливот остана недовршена.

Фотографиите се од филмот O Brother, Where Art Thou? (2000, Браќата Коен)
Превод: Дејан Трајкоски
Извор за текстот: Рајко Грлиќ, Нераскажани приказни (ПРОЗАРТ, Скопје, 2022)

 

ОкоБоли главаВицФото