Жените, животот, слободата и левицата

13.10.2022 12:49
Жените, животот, слободата и левицата

Четири настани кои се фокусираат на жените се најдоа на насловните страници изминатиов месец: изборната победа на Џорџија Мелони во Италија, смртта и погребот на кралицата Елизабета Втора, објавувањето на филмот „Жената крал“ и масовните протести во Иран по убиството на Махса Амини од страна на моралната полиција на земјата. Земени заедно, овие четири приказни ги истакнуваат суштинските карактеристики на политичкиот терен.

Бидејќи левицата не успеа да понуди соодветен одговор на кризата со либералната демократија, подемот на новите десничарски влади во Европа не е особено изненадувачки. Но, централната улога на жената во овие движења, допрва треба да го добие вниманието што го заслужува. Десничарските лидерки како Мелони и Марин Ле Пен во Франција се претставуваат како посилни алтернативи на традиционалните мејнстрим машки технократи. Тие ја отелотворуваат и десничарската цврстина и карактеристиките кои обично се поврзуваат со женственоста, како што е фокусот на грижата и семејството: фашизам со човечки лик.

Сега, размислете за телевизискиот спектакл на погребот на кралицата Елизабета Втора, кој потенцираше еден интересен парадокс: како што британската држава сè повеќе го губи својот поранешен статус на суперсила, способноста на британското кралско семејство да воодушевува со своите империјални веселби постојано расте. Не треба да го занемариме ова, како идеологија која ги маскира реалните односи на моќ. Наместо тоа, монархиските фантазии се самите дел од процесот во кој односите на моќ се репродуцираат себеси.

Погребот на кралицата Елизабета II @euronews

Смртта на Елизабета II нè потсети на модерната разлика помеѓу кралско владеење и владеење, при што првото беше ограничено само на церемонијални должности. Од монархот се очекува да зрачи со сочувство, добрина и патриотизам и да се држи настрана од политичките конфликти. Како такви, монарсите не ја претставуваат трансценденцијата на идеологијата, туку идеологијата во нејзината најчиста форма. Седум децении, улогата на Елизабета Втора беше да служи како лице на државната моќ. Совпаѓањето на нејзината смрт со доаѓањето на премиерката Лиз Трус на власт можеби беше многу случајна, но беше и длабоко симболична за промената од Кралица во Жена крал. Во нејзината нова улога, Трус делумно ѝ попречи на левицата мешајќи ги енергетските субвенции со даночните намалувања за богатите.

„Жената крал“ на Џина Принс-Бајтвуд изто така се занимава и со политичката логика на монархијата. Историски еп за Агоџие, комплетно женска воена единица, која го штитела западноафриканското кралство Дахомеј од 17 до 19 век, во која Виола Дејвис ја глуми измислената генералка Наниска. Таа му е потчинета само на кралот Гезо, реална личност која владеела со Дахомеј од 1818 до 1859 година, и која тргувала со робови во Атлантикот, до крајот на неговото владеење.

Во филмот, меѓу непријателите на Агоџие спаѓаат и трговците со робови предводени од Санто Фереира, измислен лик делумно инспириран од Франциско Феликс де Соуса. Но, всушност, Де Соза бил бразилски трговец со робови кој му помогнал на Гезо да добие моќ, а Дахомеј било кралство кое ги освоило другите африкански држави и го продавало нивниот народ на пазарот со робови. Додека Нанишка постојано протестира пред кралот против трговијата со робови, вистинската воена единица Агоџие му служела нему.

Виола Дејвис во улога на Жената Крал.@eviemagazine

На тој начин, „Жената крал” промовира форма на феминизам фаворизирана од западната либерална средна класа. Како и денешните #МеТоо феминистки, Амазонките од Дахомеј безмилосно ќе ги осудат сите форми на бинарна логика, патријархалност и траги на расизам во , но ќе бидат многу внимателни да не ги нарушат подлабоките облици на експлоатација што го засноваат модерниот глобален капитализам и опстојувањето на расизмот.

Овој став вклучува минимизирање на два основни факти за ропството. Прво, трговците со бели робови едвај морале да стапнат на африканска почва, бидејќи привилегираните Африканци (како кралството Дахомеј) постојано ги обезбедувале со многу нови робови. И второ, трговијата со робови била широко распространета не само во западна Африка, туку и во нејзините источни делови, каде Арапите поробувале милиони, и каде институцијата траела подолго отколку на Запад (Саудиска Арабија нема формално да ја укине до 1962 година).

Навистина, Мухамед Кутб, брат на египетскиот муслимански интелектуалец Саид Кутб, енергично го бранеше исламското ропство од западните критики. Тврдејќи дека „исламот им дал духовно право на робовите“, тој ги спротивстави прељубата, проституцијата и неврзаниот секс („најомразниот облик на анимализам“), типичен за Западот, со „чистата и духовна врска што ја врзува слугинката [робинка ] за нејзиниот господар во исламот“. Сè уште може да се слушнат такви разговори од некои конзервативни салафисти, како што е шеикот Салех Ал-Фавзан, член на највисокото верско тело во Саудиска Арабија. Но, ова не може да се дознае само со слушање на западните либерали од средната класа.

За среќа, историските асоцијации на исламот со ропството не треба да го попречуваат еманципирачкиот потенцијал на доминантно муслиманските општества. Масовните протести во Иран имаат светско-историско значење, бидејќи комбинираат различни борби (против жените, угнетувањето, религиозното угнетување и државниот терор) во органско единство. Иран не е дел од развиениот Запад, а слоганот на демонстрантите „Зан, Зендеги, Азади (Жена, живот, слобода)“ не е само гранка на #MeToo или западниот феминизам. Иако ова движење мобилизираше милиони обични жени, зборува за многу поширока борба и ја избегнува анти-машката тенденција што често се среќава во западниот феминизам.

„Западните земји можат да научат нешто од Иранките за соочување со десничарското насилство и угнетување“.@Reuters

Иранските мажи кои извикуваат „Зан, Зендеги, Азади“ знаат дека борбата за правата на жените е и борба за сопствена слобода - дека угнетувањето на жените е само највидливата манифестација на големиот системот на државен терор. Згора на тоа, настаните во Иран се нешто што допрва нè очекува во развиениот западен свет, каде што трендовите на политичко насилство, верски фундаментализам и угнетување на жените се забрзуваат.

Ние на Запад, немаме право да го третираме Иран како земја која очајно се обидува да стигне до нас. Наместо тоа, ние мораме да учиме од Иранците, доколку ни си пружи некоја шанса да се спротивставиме на десничарското насилство и угнетувањето во САД, Унгарија, Полска, Русија и многу други земји. Каков и да е моменталниот резултат од протестите, клучно е движењето да се одржи во живот, преку организирање социјални мрежи кои можат да продолжат да работат “underground” во случај силите на државното угнетување да постигнат привремена победа.

Не е доволно само да се изрази сочувство или солидарност со иранските демонстранти, како да припаѓаат на некоја далечна егзотична култура. Сите релативистички дрдорења за културните специфичности и чувствителности сега се бесмислени. Можеме и треба да ја гледаме иранската борба како синоним за нашата. Не ни требаат женски фигури или жени кралеви; ни требаат жени кои ќе не мобилизираат сите за „жена, живот, слобода“ и против омраза, насилство и фундаментализам.

Превод: Марина Туфекчиевска
Извор:
TheDailyStar

ОкоБоли главаВицФото