„Втора филипика“ од Марк Тулиј Кикерон - ново издание на издавачката куќа "Или-Или"

14.10.2022 11:58
„Втора филипика“ од Марк Тулиј Кикерон - ново издание на издавачката куќа "Или-Или"

Излезе од печат новото издание на издавачката куќа "Или-Или," книгата „Втора филипика“ од Марк Тулиј Кикерон.

Ова е трето издание во едицијата на преводи од латински јазик, насловена „Арго“, по објавувањето на делата „Вистинска приказна“ од Лукијан од Самосата, и „Медеја“ од Сенека. Преводот од латински на македонски јазик е на Светлана Кочовска Стевовиќ.а издавањето на книгата е поддржано од Министерството за култура.

Марк Тулиј Кикерон (106-43 год. пр. н. е.) е најистакнатиот претставник на римското беседништво. Неговите беседи против Марк Антониј се создадени во периодот меѓу 44 и 43 год. пр. н.е.. Насловот „Филипики“ (Philippicae) го добиле од самиот автор по углед на истоимените беседи што грчкиот оратор Демостен ги одржал против Филип II.

„Втората филипика“ се издвојува од останатите „Филипики“ по обем, а и по тоа што во неа Кикерон го напаѓа Марк Антониј многу пожестоко и поостро отколку во другите беседи од истиот корпус. Со оглед на тоа што Кикерон оваа беседа никогаш не ја изговорил јавно, таа е инвектива во пишан облик или политички памфлет структуриран како инвектива.