Орев

17.10.2022 01:43
Орев

Врз основа на археолошките податоци се смета дека оревот потекнува од областа на денешна Персија, од каде се проширил на исток и на запад. Се споменува уште во сумерските документи, а историјата на неговото име дополнително покажува колку високо бил ценет: Juglans односно Jovis glans е латински назив кој го означува плодот на Јупитер. Во римската митологија оревот повеќе е плод на неговата сопруга, Јунона, која се грижи за бракот и плодноста: затоа за време на свадбениот обред кон младенците се фрлаат и ореви. Во многу култури се сочувани обреди со ореви кои ги изведуваат жените, младите сопруги или мајките, некогаш за плодност, а некогаш и за спречување на бременоста. Тоа само го потврдува важното место кое овој плод го има во ритуалното организирање на светот. Во таквата организација на светот спротивностите се вообичаени: така оревот истовремено ја означува и поттикнува плодноста и им припаѓа на Долниот свет, магијата, претскажувањето и христијанскиот свет, ѓаволот и неговите слуги. Сплетот од старогрчки митови ги поврзува богот Дионис, божицата Артемида, жените, лудоста и оревите: Дионис имал љубовна врска Артемида Каријатис (Ореовка), која имала пророчки дар и се претворила во орев. Друга верзија на митот вели дека жените од истоименото село полуделе, што било казна од Дионис зашто не го почитувале. Трагата на култот или можеби само местата на Пелопонез со ова име и денес можеме да ги видиме на храмот Ерехтејон на атинскиот Акропол: фигурите со жени кои го носат покривот на храмот, прикажани како да ќе зачекорат, се викаат Каријатиди. И денес ќе го најдете овој повик како фигуративна одредница за висока, силна жена... Уште една голема божица од античкиот свет се натпреварува за моќ над оредите - Персефона, господарката на Долниот свет (римската Просерпина).

За оревите во антиката изгледа не важеле некои посебни табуа, зашто се појавуваат во кулинарскиот имагинариум (ги јаделе и боговите) и на трпезите. Се служеле со овошје, особено суво овошје, како слатки. Кога во Европа дошол шеќерот, како сладок и кобен плен од американските колонии, оваа слика на богатството се променила. На Балканот сувите сливи и оревите, забележани и во народната песна, останале храна на сиромашните кои не можеле да си дозволат да јадат шеќер. Ако ништо друго, народната традиција јасно вели дека сливите и оревите се моќен афродизијак.

Христијанството дефинитивно го ставило оревот на страната на пеколот. За волја на вистината, ни римскиот енциклопедист Плиниј Постариот не сака ореви, и смета дека дури и сенката од ореовото дрво може да му штети на мозокот, и дека оревот секако треба да се искорени секаде каде што ќе израсне. Во средновековна Италија дури и папите интервенирале околу оревите околу кои се собирале „илјадници“ демони и вештерки: во некои случаи не помагало ни уништувањето на оревите и преместувањето на црквите, па ќе израснело ново демонско дрво и забавата продолжувала. Секако најзабавна е изреката од Трентино, во која утринската магла околу ореовото дрво се толкува така што вештерките ги обесувале своите гаќи додека се забавувале со ѓаволот. Во цела западна Европа постојат верувања за штетата која ја нанесува ореовото дрво, но истовремено, ако се заспие под него, сигурно се сонува целата следна година, со доброто и лошото што доаѓа во неа. Истовремено, постојат цела низа магиски постапки, особено со листовите од оревот: во различни варијанти, листовите лекуваат детски болести и ги спречуваат болестите меѓу домашната стока. Особено важни се магиите со листови од орев во врска со Иванден и огновите: листовите, чувани една година, се фрлаат во оган или, по празникот, се употребуваат за заштита од болести. Да се стави некому лист од орев во обувките значи да се предизвика или сочува љубовта на таа личност. Во многу француски покраини девојките проверувале дали некој им ставил лист од орев во чевлите пред да одат во црква. Плодовите од оревот се користат во сите облици - зелени, само плодот, само лушпата, печени, повторно ставени во лушпа по маѓепсувањето: богатството од обичаи, од кои некои оправдано останале во народната медицина, е огромно. На Балканот останал уште еден христијански празник кој е обележан со оревите - Божиќ. Меѓу многуте, очигледно пагански обичаи сочувани во христијанството, вечерта на Бадник во сите четири агли во домот се фрлаат ореви во лушпа, кои мора да останат на тоа место сè до Богојавление. Злите демони исто така употребуваат ореви: вештерките им фрлаат ореви на оние на кои сакаат да им нанесат зло, во некои верувања во плодовите на оревот има мали демони, кои напаѓаат кога ќе се скрши лушпата.

За Римјаните оревот во лушпа бил слика за матка со плод. Оваа слика, како и сликата на оревот како затворен, значи цел и самодоволен свет, се појавуваат во изреките на многу јазици. „Тврд орев“ - за човек на кого не може лесно да му се влијае, со цврсти уверувања или латинскиот израз „in nuce“ - накратко и во целина, или слика на брод како лушпа од орев, често се појавуваат и денес. Да не заборавиме дека во хебрејската митолошка традиција постои и варијанта со оревот како забрането рајско овошје...

Надвор од ритуалите и верувањата, оревот доживеал неочекувани промени во кулинарството, индустријата и најпосле во медицината. Омилени на масите на богатите, за сиромашните оревите во средновековна Европа значеле извор на хранливи состојки: правењето млеко од бадем и орев денес главно е заборавено, но ни се враќа во форма на прескапи „здрави“ додатоци во храната. Популарноста на оревот во француската кујна, и воопшто во средоземните кујни е во потполна спротивност со употребата на оревот во англиското кулинарство, каде е одомаќинет дури во дваесеттиот век. Средоземјето сè уште е културен простор каде оревите се ценат и имаат широка употреба: се ставаат во слатки и во солени јадења, особено во салати. Полнетото овошје, како што го подготвуваат секаде каде што оставила белег турската култура, често се подготвува и со ореви. Баклавата или туфахијата не може да се замисли без ореви. Ликерот од ореви, во Италија наречен nocello, се прави како ореовката во Далмација и многу други култури: се смета дека е одличен за варење на храната, како дигестив. Зелените ореви сочувани во мед, што на крајот создава црна слатка смола со прекрасен вкус, се познати во крајбрежното малоазиско подрачје, во Северна Африка и на грчките острови. Во девентаесеттиот век мелените лушпи од ореви се употребувале за заштита на машините, особено дупчалките. Маслото од ореви се добива во мали количини, затоа е скапо и се употребува само за најфини салати. Маслото од орев, добиено со потопување зелени ореви во други масла, сè уште некаде се појавува во продажба за негување на косата - да се сетиме само на „маслосаните“ убавци од старите медитерански, балкански филмови и филмовите од другите „егзотични“ култури. Лушпата исто така се употребува за кремови и лосиони. Освен доброто дејство за намалување на холестеролот, неодамна е откриено дека состојките на оревот помагаат во лекување на Алцхајмеровата болест.

Секојдневниот орев, во штрудла или пита, нималку не потсетува на славното и амбивалентно минато. Но сè уште можеме да го употребиме така што ќе потсетува на целиот свет, плодноста и нејзината нераскинлива врска со смртта: старите Кинези во лушпа од орев ги пренесувале омилените музикални штурци; еднаш од една пријателка добив свилена марама, спакувана во лушпа од орев. Во доба на општа оскудица од мојата младост, оревите ги виткавме во „злато“ од бонбони, ги боевме со златна и сребрена боја - почесто со вторава, од остатоци од боја за ќунци за шпорет на дрва - и така ја украсувавме божиќната/новогодишната елка. „Небесната“, драгоцена боја, впрочем ја сокриваше непосредната врска со Долниот свет...

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Bao Xiaodie

Извор: Leteci Pilav - antropoloski eseji o hrani, Svetlana Slapsak, Biblioteka XX vek, Beograd, 2014

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност / Култура
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото