За бугарскиот цар... уште еднаш

17.10.2022 11:39
За бугарскиот цар... уште еднаш

Пренесено од Дојче веле


„Никој нема монопол на вистината“. Со овие зборови му одговори бугарската амбасадорка во Израел, Румјана Бачварова, на директорот на Меморијалниот центар за холокаустот „Јад Вашем“ во Ерусалим, Дани Дајан, откако тој побара од историчарите во музејот да ги проверат фактите изнесени во книгата „Бугарската армија и спасувањето на бугарските Евреи“. Само една мала дигресија – навистина никој нема монопол на вистината, па ниту бугарските историчари во македонско-бугарската комисија.

Оваа реакција на амбасадорката Бачварова беше дел од „вревата“ во март оваа година кога во Израел се одбележуваше 79-годишнината од спасувањето на бугарските Евреи, која наместо во прослава, како што напиша најугледниот израелски весник „Хаарец“, се трансформираше во драма со промоцијата на книгата која го „избелува учеството на бугарската армија во холокаустот“.

Во центарот на драмата беше новата книга „Бугарската армија и спасувањето на бугарските Евреи“ објавена на бугарски и англиски, чиј автор е Димитар Недјалков, пилот и пензиониран полковник во бугарските воздухопловни сили. „Главната алатка за спасување на десетици илјади бугарски Евреи беше храбрата бугарска армија“, пишува Недјалков и тоа го објаснува како „сеопфатно испитување на серија драматични настани што се случија за време на Втората светска војна, а единствениот резултат беше спасувањето на бугарските Евреи“.

„Но, како е можно бугарската армија“, пишуваше „Хаарец“ околу контроверзите за книгата на поранешниот пилот, „одговорна за ловење и депортирање на илјадници Евреи од териториите анектирани од Бугарија за време на војната, како и за надгледување на работните логори во кои беа испратени бугарските Евреи, сега да е крунисана како спасител на Евреите? За да ја разбереме заднината на сето ова, прво мора да ја разбереме комплицираната историја на Бугарија за време на холокаустот, предизвикувајќи ја стандардната дебата за добрите и лошите момци.

Во 1941 година, Царството Бугарија се здружи со нацистичка Германија, а за возврат доби територии од Грција, Тракија и Источна Македонија и делови од Југославија - кои во минатото биле дел од Бугарија. Подоцна, Бугарија усвои расен кодекс против своите еврејски граѓани, врз основа на германските Нирнбершки закони и ги депортираше Евреите во работните логори во земјата.

Договорот со Германците бил Бугарија да ги депортира своите Евреи во логорите на смртта, но тоа било откажано откако беше извршен внатрешен притисок врз царот Борис III. Но, над 11.000 Евреи од Тракија и Македонија беа испратени од бугарските власти да умрат во нацистичките логори за истребување во Полска. Со оглед на сето ова, членовите на бугарската еврејска заедница со децении се борат меѓу себе за нивната татковина - која соработуваше со нацистите во убивањето на Евреите, но и спаси многу свои Евреи“, пишува „Хаарец“.

„Двете мисии“ на бугарската армија

Недјалков ја презентираше својата книга на конференцијата организирана од Здружението на израелско-бугарското пријателство во Јафа, каде што е голем дел од бугарската еврејска заедница. Но, како што пишуваше „Хаарец“ и други израелски весници, тоа ја преминало црвената линија.

„Политичарите влегоа во дискусијата“, протестираше д-р Моше Мосек, поранешен директор на Израелскиот национален архив, роден во Бугарија. „Од предавањето и книгата дознав дека бугарската армија имала две главни мисии – да ја брани Бугарија и да ги спаси нејзините Евреи“, рече Мосек. И во изјавата за „Хаарец“ додаде: „Тоа го велам цинично, но воопшто не е смешно. Одеднаш човек станува, 80 години по настаните, и изнесува манипулативна теорија која има за цел да ја исчисти Бугарија од одговорност. Срамно и непријатно е што поканија таков човек на оваа конференција. Има историчари и има политичари и заинтересирани страни“, рече Мосек.

Во целата таа драма своја ролја одигра амбасадорката Бачварова. Во март таа се состана со директорот на „Јад Вашем“, Дајан, и му подари примерок од книгата на Недјалков и при тоа внимаваше да објави фотографии на Твитер. Еден директор на „Јад Вашем“ не е наивен, па Дајан сфати дека таа можеби се обидела да го искористи за да ја промовира продажбата на контроверзната книга. Дајан потоа ѝ испрати писмо на амбасадорката дека со тоа што објавила фотографија може да создаде искривен впечаток дека „Јад Вашем“ ја одобрил содржината на книгата и нагласи дека тој гест на Бачварова не бил однапред планиран или познат.

Потоа Дајан, како што напиша „Хаарец“, им ја дал книгата на историчарите на „Јад Вашем“ на испитување, а прелиминарните наоди биле „загрижувачки“. Според него, книгата содржи „теми и пораки кои не се поткрепени со историските факти“. Тогаш Бачварова му одговори дека „никој нема монопол врз вистината“ и книгата ја нарече „научна публикација“.

Но има многу од бугарските Евреи кои се согласуваат со наративот во книгата на Недјалков и се разви жустра дебата на социјалните медиуми. Некои тврдеа дека „новите документи даваат поглед на вистината и улогата на армијата во спасувањето на Евреите“.

Професорот Мајкл Бар-Зохар ја минимизира улогата на армијата во спасувањето на бугарските Евреи. „Не најдов ниту еден документ што укажува на тоа дека армијата прави нешто во име на Евреите. Бугарија беше тоталитарна диктатура и царот мораше да го одобри секој потег. Сè што направи армијата беше извршување на наредбите“, рече Бар-Зохар.

„Кога ја добија наредбата да ги депортираат Евреите од Тракија и Македонија, тие ја извршија до последен детал со бруталност“, рече Бар-Зохар. Во исто време, Бар-Захар тврди дека таа иста војска делуваше со „умереност“ кон бугарските Евреи, вклучувајќи го и неговиот татко, кои беа испратени во работните логори. „Луѓето таму работеа до 11 часот наутро. На 1 октомври тие беа пуштени на половина година, за да не им биде студено во текот на зимата“.

Бар-Зохар е убеден дека формирањето на логорите бил начин Бугарите да го спречат испраќањето на Евреите на истребување. „Овие логори беа наменети да остават впечаток на Германците. Царот им рекол на Германците дека Евреите му требаат да градат патишта и железнички пруги - тоа беше најголемиот блеф на војната. Целата работа во пракса беше маневар на бугарската влада“.

Мосек остро се спротивставува на овие толкувања на Бар-Зохар. „Татко ми, кој беше во логорот четири години, се врати целосно скршен. Животот таму беше многу тежок, понижувачки и луѓето се враќаа оттаму повредени [психолошки]“.

Деконструкција на митот

Една друга книга објавена минатата година тврди сосем спротивно од она што го вели Бар-Зохар – дека тоа не бил блеф на бугарската влада, туку дека тоа била системска антисемитска политика на царот Борис и неговата влада.

Книгата „Украдениот наратив на бугарските Евреи и холокаустот“ од Џеки Комфорти (чии двајца родители се бугарски Евреи) и Марта Алаџем Блумфилд, раскажува поинаква приказна. Во неа се пишува како царот Борис Трети бил соработник на нацистите, а не спасител, и дека одбил да ги послуша молбите на Шарл Редарт, дипломат на неутрална Швајцарија, да ги запре депортациите на 11.343 Евреи од Вардарска Mакедонија, Егејска Македонија, Тракија и јужна Србија.

Блумфилд и Комфорти го деконструираат митот што го прикажува Борис како „спасител на Евреите“ - мит што подоцна го подигнаа и монархистите и комунистите за да им дадат поттик на своите политички агенди. И ја наведуваат изјавата на царот Борис од 22 јуни 1943 година: „Големата штета на човештвото низ генерациите е предизвикана од еврејскиот дух на профитерство“ и го поврза со „сегашната глобална катаклизма“.

Комфорти и Блумфилд во книгата му се спротиставуваат на наративот во Софија дека Бугарија милосрдно ги спасила своите Евреи. Користејќи ги транскриптите од повеќе од сто интервјуа, авторите ги бележат автентичните страдања што му се случија на бугарското еврејско население. Навистина, десетици илјади луѓе не беа испратени во нацистичките логори на смртта, но тие беа нападнати, омразени и затворани од сопствената влада. Оваа книга дава одговор на колективната меморија која полека навлезе во општеството за Бугарија и нејзината улога во холокаустот. Преку транскриптите од овие интервјуа, зборуваат самите преживеани, силно ги раскажуваат своите страдања и ги детализираат нивните искуства. Нивните независни интервјуа се потврдуваат едно со друго, спојувајќи ја „украдената приказна“ на преживеаните. Во неа не се преобликува меморијата. Во неа самите луѓе ги даваат своите сведочења.

„Украдениот наратив на бугарските Евреи и холокаустот“, како што напиша професорот Џејсон Хенсли од Универзитетот во Грац, ја пополнува празнината во историјата на холокаустот и во бугарската колективна меморија. Служи како потсетник и за кревкоста на меморијата, нејзината подложност на преобликување, и гравитацијата на меморијата, нејзината способност да влијае на погледот на населението за себе, па дури и да влијае на меѓународната и политичката положба на нацијата.

Оваа книга собира наративи за бугарските Евреи кои го преживеале холокаустот. Преку анализа на сведоштва на очевидци, архивски документи, фотографии и истражувања, авторите ткаат сложена таписерија на гласови кои претходно биле недоволно застапени, игнорирани и негирани. Земени заедно, собраните спомени нудат друга перспектива која се спротиставува на официјалните извештаи и ги потврдува воените злосторства.

Ова не е едноставна историја; во многу нешта е сложена, иако има многу непобитни факти. Заедницата на бугарските Евреи во Израел е поделена во однос на царот. Во 1996 година заедницата на бугарските Евреи иселени во САД ја отвори „Бугарската шума“ во Ерусалим и таму постави споменик во чест на царот Борис. Имаше многу остри критики за овој потег и затоа Израел формира комитет на чело со поранешниот судија на Врховниот суд, Моше Беиски; комитетот препорача отстранување на споменикот. На негово место беше поставена плоча. На едната страна од плочата се одбележува споменот на Евреите од Тракија и Македонија, кои Бугарите ги испратија во смрт, додека на другата страна се изразува „чест и благодарност за благородните души меѓу бугарскиот народ кои застанаа покрај Евреите од својата земја и успешно се бореа за нивните спасување за време на холокаустот“.

Таму нема ни збор за некаква „благородна душа“ на царот Борис. Како што нема ни на споменикот во паркот „Чарлс Клоре“ покрај брегот во Тел Авив. Во септември 2018 година премиерите Бојко Борисов и Бенјамин Нетанјаху го открија овој споменик на благодарност за спасувањето на бугарските Евреи. На него пишува дека „благодарение на напорите на членовите на парламентот, водачите на Бугарската православна црква, јавните личности, интелектуалците и други, беше спречена депортацијата во нацистичките логори на смртта и физичкото уништување на повеќе од 45.000 бугарски Евреи“. И веднаш потоа се додава дека споменикот е и сеќавање на депортираните и убиени 11.000 Евреи кои живееле во окупираните територии под бугарска власт.

Фотографиите се од филмот
Jojo Rabbit [Taika Waititi, 2019]

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

ОкоБоли главаВицФото