САД и светот

27.01.2011 15:08
Ноам Чомски

Интервју со Ноам Чомски, предводникот на американската интелектуална левица, најактивен и најгласен критичар на американскиот воен интервенционизам, во кое ги анализира општествените, економските и политичките прилики во САД, но и во светот.

Интервју со Ноам Чомски, предводникот на американската интелектуална левица, лингвист и филозоф, најактивен и најгласен критичар на американскиот воен интервенционизам, во кое ги анализира општествените, економските и политичките прилики во САД, но и во светот.

Поради неговата крајна критичност спрема САД нему главно му се затворени вратите на водечките американски медиуми. Автор е на околу стотина книги, а го сместуваат меѓу водечките умови на 20-от век кој полемизирал со своите колеги-филозофи.

„Пред нас денес се наоѓа многу поделен свет. Во него САД и понатаму ја задржуваат воената сила на која никој сè уште не може да и’ се приближи. Но САД повеќе не можат да издаваат наредби кои другите би ги послушале. И тоа станува застрашувачки за оваа империјална сила, бидејќи покажува дека системот на нејзината контрола еродира“, го започнува Ноам Чомски (81) разговорот со нас.

Современиот свет се наоѓа во превирање, се менува распоредот на силите. На една страна ги имаме САД како единствен владетел во светот, посебно во воена смисла, а на другата она што се нарекува „триполарен економски поредок“. На сцената настапуваат нови сили. Можете ли да ги предвидите новите односи меѓу силите?

Ако погледнеме наназад, ќе видиме дека САД на крајот на Втората светска војна имале половина од светското богатство и несомнено најголема улога во светската безбедност. Таа предност почна да се топи во 1950-те и 1960-те години. Индустријализираните земји почнаа да се обновуваат по воените разурнувања, а економскиот развој придонесе светот да биде поразличен.

Тоа може да се следи и по гласањето во Обединетите нации, во кои на почетокот САД буквално управуваше, а секое вето беше руско бидејќи САД ги користеа Советот за безбедност како свое оружје против Русите. Затоа ОН беа многу популарни меѓу тогашната елита на САД.

ОН во моментов се исклучително непопуларни. И понатаму се под контрола на САД, но повеќе не под целосна.

Во раните 1970-ти светот веќе почна да станува економски триполарен: Северна Америка на чело со САД, Европа на чело со Германија и Јапонија која во тоа време имаше голема економска моќ во Источна Азија, иако ни приближно колку онаа на САД. А во воена смисла Русите сè уште се наоѓаа во своето ќоше. Но тогаш САД веќе паднаа на 25% од светското богатство. И тој пад продолжува и денес. Во овој миг областа на североисточна Азија е економски најдинамичниот регион во светот – тоа е производен центар – а средиште на сè е Кина.

Денешниот статус на Кина не се разбира доволно. Тaа, всушност, е огромна фабрика за составување производи. Јужна Кореја, Јапонија, Тајван, Сингапур, Хонг Конг – тоа се центрите на технолошките иновации и развојот. Тие ја снабдуваат софистицираната технологија со делови, а Кина го склопува и го извезува сето тоа.

Ако го погледнете трговскиот дефицит на САД, за кој толку многу се грижат, тој е многу висок со Кина, но она што помалку се забележува е дека тој е висок и со Јапонија и останатите, бидејќи во суштина се работи за истиот индустриски систем.

Некои истражувања говорат дека дефицитот со Кина во последно време опаднал за 20-30%, но затоа исто толку е зголемен со Тајван, Јапонија и Јужна Кореја. Целиот тој силен индустриски комплекс собира и значајни надворешни монетарни резерви. Кога се споменува надворешниот долг на САД секогаш се мисли на Кина, иако и Јапонија држи отприлика исто толку.

Ако САД постепено ослабуваат економски, како што велите, дали воопшто ќе може да остане единствената империја, односно, главниот владетел со светот?

Тоа прашање во светскиот систем токму сега се разгледува многу драматично. Земете го примерот со Иран, на кој во САД се гледа како на главното надворешнополитичко прашање. Се вели дека Иран е главната опасност за светскиот поредок. Се мисли дека треба да се бомбардира Иран. Погледнете ја десницата: конзервативниот колумнист Чарлс Краутхамер во Вашингтон Пост тврди дека доколку Иран добие атомско оружје, тоа ќе биде крајот на светот. И дека мораме да ги спречиме бидејќи опстанокот е доведен во прашање.

САД воведоа многу строги санкции кон Иран. Но ОН не воведоа. САД тоа не можат да го изведат преку ОН бидејќи Кина не го сака тоа, а Русите останаа без заби. Никој освен Европа не ги уважува овие санкции. Бидејќи Европа избра да биде еден вид придружник на САД, наместо да одбере независен пат.

Т.н. неврзани земји, значи, значаен дел од светот, го поддржуваат правото на Иран да збогатува ураниум. Соседна Турција само што соопшти дека нејзините трговски односи со Иран растат и дека планираат двојно да ја зголемат трговијата. Тие се и природни партнери: на Иран му требаат индустриски производи, а на Турција – енергија. А тоа е и дел од општиот турски пресврт кон подобри односи со земјите од муслиманско-арапскиот свет.

За Саудиска Арабија, американскиот дијамант во круната кога станува збор за Блискиот исток, САД и понатаму претставуваат главниот трговски партнер, но и кај нив удделот на Кина значајно расте. И тие својот извоз на енергија ги вртат накај Истокот одошто накај Западот.

Бразил, најпрестижната земја на јужната полутопка, отворено го поддржува Иран. САД овде стануваат сè поизолирани. Ако не им е грижа за другите земји, тие не можат да ја игнорираат Кина. И стануваат нервозни зашто Кина не го прифаќа нивниот диктат. А САД не знаат што да прават. Тоа може да се види и преку воените односи. Пентагон објави извештај дека кинеската воена експанзија претставува закана за САД. Но кога ќе ги погледнете бројките, Кина за својата војска издвојува околу 1/5 од она што САД го трошат само во Ирак и Авганистан. Воените вложувања во Кина се мал дел од буџетот, а САД трошат отприлика колку останатиот свет вкупно.

Затоа неодамна дојде и до конфронтација во меѓународните води во близина на Кина. Кинезите беа прилично вознемирени поради присуството на американската морнарица близу нивниот брег, посебно поради плановите таму да се распоредат најсовремените носачи на авиони со ракети кои би можеле да го погодат Пекинг. САД реагираа, обвинувајќи ја Кина за агресивност, и велејќи дека „слободата мора да биде обезбедена“. Но во спротивно знаеме дека Кина никогаш не би смеела да одржи воени вежби во Карипското море, близу САД. Би дошло до нуклеарна војна.

Станува интересно ако ова го анализираме како класична дилема од гледиште на безбедноста, односно дека секој од учесниците го прави она што за него е битно. Кина за клучна ја смета контролата на водите близу својот брег, а САД за битно го сметаа слободното движење каде што ќе посакаат, дури и во водите покрај Кина. Тоа се оние традиционални империјалистички ставови и однесувања, кои САД ги покажуваат секаде во светот.

Но да ја погледнеме Јужна Америка, која беше еден вид американски двор и за нормално се сметаше дека САД ја контролираат. Последниве години ситуацијата се менува. Јужна Америка, за првпат во 500 години од португалскиот освојувачи, почнува да создава свои заеднички институции, да се занимава со своите тешки внатрешни проблеми, бидејќи станува збор за потенцијално богати земји, но со исклучително голема нееднаквост и сиромаштија. Во минатото, кога би се случило вакво нешто, САД едноставно би ја срушиле владата. Тоа повеќе не може да се направи. Овие земји не се даваат. Минатата година ја создадоа организацијата CELAC, која ги вклучува сите земји од западната полутопка освен САД и Канада. Таа засега не прави ништо, но претставува многу симболичен чекор во одвојувањето на хемисферата од превласта на САД. Тука се и другите организации, како Унијата на јужноамериканските држави, трговските сојузи. Сето тоа и’ се измолкнува на контролата на САД, и што е уште поважно, моделите на вложување и трговија се менуваат. Кина посебно ги заменува САД во многу земји како водечки инвеститор и купувач. Дури и Бразил се движи во таа насока. Нештата се одвиваат пред очите на САД, а тие не можат да сторат ништо.

Каков би можел да биде исходот од американскиот стремеж да ја задржи контролата и воената предност во новите услови?

Не е лесно да се одговори на прашањево. Делумно и поради сериозното влошување на приликите во САД. Кога патувате во Европа, и потоа ќе се вратите ваму, ви се чини дека сте дошле во земја од третиот свет. Истото го чувствував и кога неодамна се вратив од Тајван. Ништо не функционира, возовите, патиштата. Инфраструктурата е пред колапс. Економијата не е во безизлезна, но е во сериозна ситуација.

А населението – никогаш не сум видел толкава лутина, страв, бес! Тоа поприма многу ирационални облици. Ако следите кој сè учествува сега во политичкиот натпревар за Конгресот, ќе се запрепастите! Порано истиве луѓе не можеа ни да му се доближат на изборниот процес.

Делумно стравот и бесот се оправдани бидејќи, за разлика од финансиската елита, поголемиот дел од населението последниве 30 години немало реално зголемување на приходите. Тешко се преживува, а семејството нема никаква поддршка во европска смисла. Луѓето и понатаму се задолжуваат, а вредноста на нивниот имот опаѓа. Долгорочно тоа е неодржливо. Невработеноста во производствениот сектор буквално е на ниво на Големата депресија. А работа нема бидејќи на банките и корпорациите воопшто не им грижа за САД. Нив ги интересира добивката, а таа е поголема кога вложуваат во Мексико или Кина. А бидејќи производството не се враќа ваму, изгледите на економијата се мизерни. Ние сè уште сме најбогатата земја во светот, но повеќето не можат да го почувствуваат тоа во сопствените животи.

Истовремено, растечкиот демократски дефицит последниве години го следи и прогласувањето на месијанската мисија за ширењето на демократијата во светот. Но тоа, пред сè, е одбрана на сопствените воени и економски интереси. А издвојувањето за војската не само што не се намалува туку се зголемува за време на Обама. Моментално имаме најголема воена потрошувачка од Втората светска војна наваму. Ако го погледнете дефицитот, половина од него е предизвикана со воениот буџет. Останатото има врска со нефункционалниот здравствен систем кој се наоѓа во целосен распад.

Дали ваквиот дефицит е одржлив? Веројатно не. Тешко е да се предвиди што ќе се случи, ама не гледам никакви охрабрувања. Не гледам контра сили. Еве уште еден пример: опасноста од еколошка катастрофа, која е реална и не толку далечна, е еден од главните светски проблеми. Сенатот неодамна едногласно усвои став да се забранува донесувањето каков и да е закон за заштита на околината кој би ги зголемил даноците. Во суштина, тоа вели: не правете ништо! Од 48 кандидати на претстојните избори само еден веруваше дека човечкото делување го предизвикува глобалното затоплување. И тој изгуби на предизборите. Тоа значи дека никој не верува, дека сите се против општиот научен заклучок. И тоа е одраз на чудниот развој во САД.

Истовремено расте и стравот од доселениците, посебно муслиманите. Се верува дека постои муслиманска завера за преземање на земјата и воведување на шеријатското право, а дека Обама е нивен претставник. Застрашувачко е нивото на страв и омраза. Да бидам искрен, ме потсетува на Германија пред Втората светска војна, која тогаш беше најцивилизирана и најнапредна земја во светот. И погледнете што и’ се случи! Не велам дека истото ќе се случи и овде, постојат разлики, ама има и некои доста незгодни сличности.

Кога империјата станува толку лута и исфрустрирана, а делумно и немоќна, што се случува?

Тогаш тоа е опасно. Многу опасно. Може да предизвика многу лоши работи. Она што се случува со Авганистан веќе е доволно лошо, но вистинскиот проблем е Иран. Секоја година Пентагон и разузнавачките служби во Конгресот ги претставуваат проценките на светската безбедност. Последната беше во април 2010. Читајќи ги, станува јасно дека Иран не претставува никаква воена опасност бидејќи има најмали воени вложувања во регионот и многу мала способност за напад. Неговата воена стратегија е свртена кон одбрана од инвазија. Ако имаат нуклеарна програма, за која ништо не знам, веројатно и таа е за одбрана. И зошто тогаш Иран претставува најголемата воена закана за САД? Зашто не постапува според наредбите. И се обидува да го прошири своето влијание на соседните земји.

Кога ние вршиме инвазии и ги окупираме земјите во неговото соседство – велиме дека ги стабилизираме. Кога тие ќе се обидат да го прошират своето влијание – тоа е дестабилизација. Тоа е закана, А тие само го практикуваат своето суверено право. Исто како во случајот со Кина. Кога таа го користи своето суверено право, не ги слуша наредбите и не е под контрола на САД – веќе претставува голема закана.

Обама значително ја прошири воената опасност. Одржува поморски вежби во персискиот залив. На островот Диега Гарсија во Индискиот океан, кој е воена база, прати стотина т.н. бомби за длабоко пенетрирање, најголеми бомби во арсеналот од нуклеарното оружје, кои се насочени накај Иран. И постепено се движиме кон тоа да стане сосем нормално да се употребат бидејќи наводно нема избор. Не смеам ни да помислам какви би можеле да бидат последиците!

Иако реториката на Обама е различна од Бушовата, се чини дека тој ја продолжува неговата доктрина за превентивна војна.

За несреќа, во САД постои идеолошка поддршка за тоа. Бушовата политика за превентивна војна дури доби и доста поддршка кај либералните интелектуалци. Таа, според некои автори, има длабоки корени во американската историја, од Џон Квинси Адамс и неговата теза дека патот до безбедноста е во експанзијата. Со други зборови – ако не контролирате сè, не сте безбедни. Буш само тоа повторно го нагласи. И Обама, на свој начин. Тоа и денес е доминантна политика. Но е многу опасно во светски контекст кога имате многу моќна држава која ја водат ирационални сили. И многу страв и голема разорна моќ.

Од неодамна објавената книга на Боб Вудвард „Војните на Обама“, најмногу ме зачуди ова: во првата средба со Обама, за време на преземањето на власта, воениот врв немал стратегија за актуелната војна во Авганистан, но веднаш ги поставил сите свои технолошки и финансиски барања за некои идни војни кои би можеле да се случат во 2015 или 2020 г. Тоа е како подготовка за бесконечна војна.

Војна засекогаш – тоа е работата на војската. Всушност, постои една нова стратегија за која зборува одличната книга на професорот по историја на Бостонскиот универзитет, Ендрју Басевих, „Вашингтон владее: американскиот пат во постојана војна (Проект на американската империја)“. Порано беше битно да се остане и опстане без војна, освен ако тоа не е апсолутно нужно (доктрината на Пауел), а новата е – да се подготвите за бесконечна војна и да останете засекогаш во неа, против целиот свет. Целата војска и воениот систем се прилагодени за такво нешто. А Обама – ако интерпретацијата на Вудвард е точна – е фатен во таа замка.

Еднаш го цитиравте биологот Ернст Маир дека „историјата на животот на земјата ја негира теоријата дека е подобро да бидеш паметен отколку глупав“. Велите дека влегуваме во доба кога тоа ќе биде проверено. Како?

Маир, великан на американската биологија и многу почитуван заговорник на биологијата на еволуцијата, покажуваше дека, доколку го погледнете биолошкиот успех, односно бројноста, најуспешни се најглупавите организми, без трошка мозок – бактериите кои брзо се размножуваат, или црвите. А дека биолошкиот успех се намалува со искачувањето на скалата на интелигенција. Има помалку цицачи, уште помалку примати. Луѓето се бројни само затоа што последниве 10 000 години земјоделството ненадејно напредуваше. Тој исто така вели дека просечниот век на еден вид трае околу 100 000 години, што е отприлика онолку колку што постојат луѓето. И дека луѓето се движат кон глобално уништување. Еколошката криза е очигледен пример. А заканата од нуклеарна војна е сè поголема. Тоа значи дека се наоѓаме во процес на самоуништување. Кога некој би нè набљудувал, да речеме од Марс, би рекол дека има многу докази за тоа. А ние немаме многу време да го докажеме спротивното.

Извор: pulse.sm-art.info