„Порака до децата“

18.10.2022 11:13
„Порака до децата“

Film library

Филмска библиотека е назив за колекција книги за филмот, како и назив за збирка од филмови собрани на едно место.

Тато имаше голема библиотека. Беше важен дел од неговиот живот. Многу читаше, многу пишуваше. Објави дваесет и три книги, преведе неколку капитални филозофски дела, беше преведуван на многу јазици, живееше меѓу книгите, беше пријател со луѓето од светот на книгите.

 

Загреб, 1963.

Ова е текст на со рака испишана порака која, пред мама и тој да заминат на пат, знаејќи добро дека во станот по нивното заминување ќе се прават забави, ја остави во својата библиотека:

Слушајте добро деца,
СЀ е дозволено да се дигне, распродаде, фрли
низ прозорец, да се „позајми“, газот да се избрише, стутка,
носот да се избрише, исплука, погази,
засере, помоча, полие, замачка,
пролие, засмрди, запали,
забатали, крене во воздух, офарба,
да се раздели на пријателите, обесчести итн. итн.
ОСВЕН КНИГИТЕ

 

Загреб, 2009.

Кога умре мама, ја нумериравме секоја книга, ја наредивме и преселивме библиотеката во мојата работна соба. Две години ми требаше да ја реконструирам, полека да исчистам книга по книга и да ја ставам на нејзиното старо место.

Траеше долго затоа што отворањето на секоја книга носеше во сеќавањето приказна за тоа како и зошто книгата дошла дома, што тато раскажуваше за неа, што му значеше. Во многу наоѓав негови белешки, исечоци од весници, фотографии, писма, потцртани реченици и со рака напишани коментари. Така, редењето на татковата библиотека се претвори во голема сентиментална прошетка низ неговиот и животот на мама.

Одамна напишаната „порака до децата“ стои и денес врамена во неговата, сега моја, библиотека.

Превод: Дејан Трајкоски
Извор за текстот: Рајко Грлиќ, Нераскажани приказни (ПРОЗАРТ, Скопје, 2022)

ОкоБоли главаВицФото