Лева нобеловка

20.10.2022 09:55
Лева нобеловка

Ани Ерно ја доби Нобеловата награда за литература за 2022 година. Многумина заклучија дека тоа е спасоносен излез за жирито, бидејќи се избегна доделувањето на наградата на Салман Ружди и последователно, изложувањето на фатвата. Многумина јавно бараа наградата да му биде доделена нему, токму поради нападот и поради заштитата на слободата на изразување - да речеме Маргарет Атвуд. Ани Ерно инаку на големо се залага за Палестинците и е потписник на многу петиции против политиката на Израел. Нобеловиот комитет е познат по гестовите кои недвосмислено откриваат политичка мотивација и чувствителност на можни реакции. Годинава тоа е ускратување на наградата за медицина на научниците кои ги открија вакцините за Ковид 19. За наградите за литература, со Боб Дилан и Питер Хандке и корективите, особено женските (Олга Токарчук, Луиз Глик), се пишуваше многу. Овогодинешната Нобелова награда за мир, доделена на активисти од Белорусија, Украина и Русија, особено јасно покажува како функционира оваа политичка мотивација. А од друга страна, наградата за економија отиде кај еден од најозлогласените неолиберални економисти...

Ако ја изоставиме целата неспретност на ПР-от на Нобеловата награда и сите можни „препознавања“, остануваме, за среќа, сами со Ани Ерно. Ова „сами“ е особено важно, бидејќи Ани Ерно е потполна спротивност на сè што е сензационално и нашироко популарно. Споредбата, барем според темите, со Елена Феранте или Лејла Слимани, веднаш отпаѓа токму во таа точка. Уште повеќе отпаѓа доколку ја споредуваме со Карл Уве Кнаусгард или Сали Руни, без конкуренција најпознатите автобиографско/банални блебетења на денешницата. Ани Ерно, од нејзиниот прв роман „Испразнетиот плакар,“ па сè до Години“, пишува пократки автобиографски романи, но сите се подеднакво, или повеќе, социолошки отколку автобиографски, а случајот на авторката и нејзиното семејство е земен затоа што е најблизок. Темата за нелегалниот абортус во шеесетите години на минатиот век, минувањето низ општество полно со предрасуди кое предизвикува длабоки рани, борбата на жените за независност и љубомората што ја нагризува таа правилна одлука, француското повоено општество од жабја перспектива - тоа секако не се теми кои некогаш, а најмалку денес биле „ин“. Непоколеблив феминизам, социјална свест, јасни леви ориентации - уште помалку. Поетиката на Ани Ерно е строга и речиси прагматична: исклучена е фикцијата, исклучени се и деталните описи, нема ништо фантастично и магично. Сето тоа се компензира со богатството на јазикот, смела мешавина на ниското и апстрактното, говорот на улицата и одразот на целото општество. Животот на Ани Ерно е сличен на тоа: живее во предградието на Париз, била професорка по литература. Но, од друга страна, оваа година на Канскиот филмски фестивал го прикажа „Години Супер 8“, чие сценарио и режија ги направи заедно со нејзиниот син. Станува збор за монтажа на семејни филмови, кои ги снимал нејзиниот поранешен, а сега покоен сопруг помеѓу 1972 и 1981 година, а кои пред сè ја прикажуваат неа, жена која се бори против вовлекувањето во буржоаскиот живот и која конечно го пронаоѓа пишување. Таа во Кан за себе рече: „Јас сум само жена, жена која пишува“. Нејзиниот долгогодишен интерес за филмот завршува тука - литературата со сигурност преовладала.

Сцена од „Години Супер 8“

Дали секој заслужува роман за својот живот? Денес, неверојатната експанзија на пишувањето и создавањето потреба да се пишува за себе, далеку и надвор од аналогните трендови создадени од издавачката индустрија, дава позитивен одговор на ова. Но, Ани Ерно не припаѓа на ниту една од овие популации. Таа припаѓа на оние најретките, писатели кои целиот свој живот останаа верни на сопствените убедувања и предизвици, и не се помрднуваа од главната линија на фронтот. Да се чита жена која е доследна феминистка повеќе од шеесет години и која успешно ги избегнала сите замки на културна „успешност“, освојувајќи истовремено многу навистина вредни и достојни книжевни награди, воопшто не е тешко - само треба да се почне.

Превод: Марина Туфекчиевска
Извор: Pescanik.net

ОкоБоли главаВицФото